Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 14.05./01.05.
14.05./01.05.
14.05.2010.
Sample Image

Св. Пророк Еремија-Роден е 600 години пред Христа во селото Анатота, недалеку од Ерусалим. Почнал да пророкува во својата 15. Година, во времето на царот Јосија. Му пророкувал покајание на царот, на големците, на лажните пророци и на свештениците; и во времето на тој цар, Јосија, едвај го спасил својот живот од убиствената рака на огорчените големци. На царот Јоаким му прорекол дека неговиот погреб ке биде како погреб на магаре, т.е. ќе биде исфрлен надвор од Ерусалим, и телото долго ке му се влече без погреб. Поради тоа Еремија бил фрлен во самица. Не можејќи да пишува во самицата, Еремија го повикал Варуха, кој застанал крај прозорчето од самицата, а тој му диктирал. Кога на царот му било прочитано ова пророштво, гневниот цар ја дофатил хартијата и ја фрлил во оган. Промислата Божја го спасила Еремија од самицата, а врз Јоакима се исполнило словото пророчко. На царот Јехонија му прорекол дека ке биде одведен во Вавилон со целото свое семејство и дека таму ќе умре, што наскоро и се случило. Под царот Седекија, Еремија си ставил јарем на вратот и шетал низ Ерусалим пророкувајќи го падот на Ерусалим и ропството под јаремот на Вавилонците. Им пишувал на еврејските робови во Вавилон да се надеваат на повраток во Ерусалим бидејќи ќе останат во Вавилон 70 години, што и се случило. Во долината Тотеф, под Ерусалим, каде што Евреите им ги принесувале на жртва децата на идолите, Еремија зел големо тенџере во рацете и го скршил пред народот, пророкувајќи го скорото сокрушение на Јудејското царство. Наскоро Вавилонците го зазеле Ерусалим, царот Седекија го убиле, градот го ограбиле и го разорале, а огромен број Евреи исекле во долината Тотеф на местото каде што децата биле клани на жртва на идолите и каде што пророкот го скршил големото тенџере. Еремија со левитите го зел кивотот од храмот и го однесол на ридот Нанат, каде што Мојсеј умрел и тука го скрил во една пештера. Огнот од храмот, пак, го скрил во еден длабок бунар. Бил приморан од некои Евреи да оди со нив во Египед, каде поживеал 4 години и тогаш од своите сонародници бил убиен со камења. На Еѓипјаните им го прорекол сокрушението на нивните идоли и доаѓањето во Египет на Св. Дева со Младенецот. Постои предание дека самиот цар Александар Велики – Македонски го посетил гробот на св. Еремија. По наредба на царот Александар, телото е пренесено и погребано во Александрија. Еѓипјаните, без малку, го обожувале св. Еремија. Затоа го погребале како крал. Го сметале за чудотворец и по неговата смрт. Правот од неговиот гроб го земале како лек против гризнување од змија. И ден – денес христијаните го повикуваат пророкот Еремија во молитвите против змии.

Преп. мч. Акакиј Пандувчар – Од селото Неохора до Солун. Бидејќи бил многу тепан од својот мајстор во Срез, тој се потурчил. Потоа како покајник и монах живеел во Хилендар. Неговата сиромашна, но христољубива мајка, му посоветувала:„ Како што доброволно се одрече од Господа така сега мораш доброволно и храбро да примиш мачеништво за Слаткиот Исус“. Синот ја послушал својата мајка и, со благослов на светогорските отци, отишол во Цариград, каде што бил исечен од Турците на 1 мај 1816 година. Главата му се чува во манастирот „ Св. Пантелејмон“ на Света Гора.

Преп. Пафнутиј Боровски – Син на татарски големец, кој подоцна ја примил христијанската вера. Во својата 20. Година св. Пафнутиј се замонашил и поживеал во манастирот до својата 94. Година, кога се упокоил во Господа. Бил девственик и подвижник, поради што и голем чудотворец и проѕирливец. Завршил во 1478 година.

Р А С У Д У В А Њ Е

Преп. Пафнутиј Боровски им говорел на своите ученици дека човечката душа и нејзините скриени дела можат да се познаат по погледот на очите. На учениците тоа им изгледало неверојатно сè додека овој Божји човек тоа не го потврдил и тоа повеќепати. Проѕирајќи во туѓа судбина, Пафнутиј проѕрел и во својата. Една недела, додека уште бил здрав, тој прорекол дека наредниот четврток ќе се раздели од овој свет. А кога тој четврток осамнал, тој радосно извикал: „Еве го денот Господов, веселете се луѓе, еве дојде очекуваниот ден!“

Ете така ја дочекува смртта човек кој цел век мислел на разделбата со овој свет и за средбата со Бога.

Б Е С Е Д А

за силата на словото Господово

Да, Господи,Твоето слово е навистина како оган то го стоплува праведникот и го гори неправедникот. И Твоето слово е навистина како чекан што ја омекнува камената тврдина на срцето на покајникот а ги крши во прав срцата на непокаените грешници.

Зар не гореа нашите срца кога ни говореше по патот (Лк. 24:32)? – се прашуваа апостолите по разговорот со воскреснатиот Господ. Кога срцето кај човекот е право, тоа гори од словото Господово и се топи од милина и се шири од љубов. А кога срцето кај човекот е неправедно и скаменето од грев, тогаш тоа изгорува од словото Господово и уште повеќе се скаменува. И се скамени срцето Фараоново.

Залудно грешниците се утврдуваа во своите тврдини од камен, во своите тврдини од железо, во своите тврдини од сребро и злато и го отфрлуваа оклопот на Божјата правда. Како силен и неодолив чекан какво што е словото Господово кога Он ќе ја искаже осудата на тие камени утврдувања во кои грешниците се утврдуваат (ќе ги стаса казната Негова).

Залудно неверникот го утврдува својот дом со тврд камен и државникот државата со скаменета земна мудрост, не надевајќи се на живиот Бог. Словото Господово паѓа како чекан на сè што е соѕидано без Бога или против Бога, како силен и неодолив чекан.

О браќа, да не се надеваме на своите творенија од камен, ниту од мермерен, ниту од златен, ниту од сребрен камен, ниту од безбожен камен на своите сопствени мисли. Сето тоа е послабо пред силата Божја отколку правот пред силата на ветрот.

О Господи, помогни ни да го примиме Твоето слово и на него да го соѕидаме својот живот и во овој и на оној свет. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 
< Претходно   Следно >