Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 13.05./30.04.
13.05./30.04.
14.05.2010.
Sample Image

Св. ап. Јаков – син Заведеев и брат Јованов, еден од дванаесетмината. На повикот на Господа Исуса ги оставил рибарските мрежи и својот татко, па заедно со Јован тргнал по Господа. Припаѓал во оние тројца апостоли на кои Господ им ги откривал најголемите тајни, пред кои се преобразил на Тавор и пред кои тагувал пред Своето страдање во Гетсиманската Градина. ПО примањето на Светиот Дух, го проповедал Евангелието на разни страни, одел и до Шпанија. По враќањето од Шпанија, Евреите почнале со него да се препираат за Светото Писмо, па не можејќи никако да му одолеат, најмиле некој маѓесник Хермоген. Но и Хермоген, и Филип, неговиот ученик, биле победени со силата на Вистината, која Јаков ја проповедал и обајцата се крстиле. Тогаш Евреите го обвиниле кај Ирода и го наговориле некој Јосија да го клевети апостолот. Овој, Јосија, видувајќи го мажественото држење на Јаков и слушнувајќи ја неговата јасна проповед за Вистината, се покајал и поверувал во Христа. Но кога Јаков бил осуден на смрт, тогаш Јосија, исто така, бил осуден на смрт. Одејќи на губилиште, Јосија го молел Јакова да му го опрости гревот на клеветата. А Јаков го гушнал и целивал и му рекол: „Мир на тебе и прошка!“ И обајцата ги приклониле главите под мечот и биле исечени за Господа, Кога тие Го љубеле и на Кого Му служеле. Св. Јаков пострадал во 45. Година во Ерусалим. Телото негово било однесено во Шпанија каде што на неговиот гроб и до ден денес се случуваат разни исцеленија.

Св. Донат- Епископ во Еврија албанска. Бил надарен од Бога со голема благодат на чудотворство, та правел многу чуда од корист на луѓето. Така, претворил горка вода во слатка; пуштил дожд во сушно време; царската ќерка ја исцелил од лудило; воскреснал мртовец. Овој мртовец му го исплатил долгот на некој заемодавец. Но несовесниот заемодавец сакал по втор пат да му го наплати долгот, па, користејќи се со смртта на својот должник, дошол кај неговата вдовица и барал веднаш да му го исплати долгот. Вдовицата плачела и му се пожалила на епископот. Св. Донат го опоменал да почека додека човекот да го погребаат, па тогаш ке се разговара за долгот. Но заемодавецот луто настојувал на своето. Тогаш св. Донат му пришол на мртовецот, го дофатил и викнал: „ Стани, брате, и види што имаш со својот заемодавец!“ Тогаш мртовецот се исправил и со грозен поглед погледнал на својот заемодавец, и му кажал кога и каде му го платил долгот. И уште тој му ја побарал на заемодавецот својата писмена обврска. Исплашениот заемодавец му ја дал хартијата, која оживеаниот мртовец ја искинал па повторно легнал и се упокоил. Св. Донат мирно завршил во длабока старост и отишол кај Господа во 387 година. Неговите мошти и сега почиваат на корист на верните во Еврија во Албанија.

Св. мч-ца Аргира-Оваа нова маченица родум била од Бруса, роден од благочестиви ридители. Само што се омажила за еден христијанин, во неа се загледал еден Турчин од соседството и ја повикувал на соживот со него. Христољубивата Аргира ги одбивала таквите валкани предлози од Турчинот. Но овој се разбеснил и ја обвинил пред судот дека сака да го прими исламот, па потоа се откажала. Од судија до судија, од самица до самица, света Аргира поминала полни 15 години страдајќи за Христа, затоа што Го љубела Христа над сè во светот. Најпосле завршила во самица во Цариград во 1725 година.

Р А С У Д У В А Њ Е

Некој благочестив старец легнал на смртна постела. Неговите пријатели се собрале околу него и плачеле по него. Тогаш старецот трипати се засмеал. Иноците го запрашале зошто се смее. Старецот одговорил: „ Првиот пат се засмеав бидејќи вие се плашите од смртта; вториот пат – бидејќи не сте подготвени на смрт; третиот пат, бидејќи си одам од труд во покој“. Гледате ли како умира праведникот? Тој не се плаши од смртта; тој е подготвен на смртта и тој гледа дека преку смртта заминува од тешкиот живот во вечен покој. Кога човековата природа ќе се замисли во првобитната рајска состојба, тогаш смртта е неприродна, исто како што е неприроден и гревот. Од гревот и произлегла смртта. Покаениот и од гревот исчистен човек не ја смета смртта како уништување, туку како врата за бесмртен живот. И ако било кога праведниците Го молеле Бога за продолжување на земниот живот, туку единствено за да добијат повеќе време за покајание и очистување од гревот, та побезгрешни и почисти да излезат пред Бога. И ако некогаш покажувале страв пред смртта, тоа не било страв од смртта, туку од Судот Божји. Каков ли страв тогаш би морале да имаат непокаените грешници?

Б Е С Е Д А

за Христовото осветување

Свети апостол Павле, слично на сите други апостоли и христијански светители, сè што ги учи другите, ги учи според своето лично искуство, бидејќи Христовата вера е искуство, опит а не е теорија и човечко мудрување. И Павле лежел како духовно успиен и со духот бил мртов сè додека се противел на христијанската вера. Но тој се пробудил и станал, и со духот воскреснал и бил осветлено од Христа. Тој се знае себеси од времето кога со духот спиел, па потоа од времето кога се разбудил, па кога станал, па кога со Духот воскреснал, па кога бил осветлен од Христа. Тоа што го знае за себе како христијанин, тоа тој им го советува и на другите. Како апостол, тој се гледа себеси во голема светлина и верува дека и сите луѓе, ако сакаат, можат да бидат така светли како него. Светлината не е негова туку Христова; негова е само љубовта кон таа светлина.

Осветувањето Христово му е потребно на човекот и на почетокот и на крајот. Бидејќи без Христовото осветлување човекот не може да се разбуди, ниту да стане, ниту да воскресне од мртвите, како што потоа не може сам со себе да живее во верата, ниту да умре во надежта. Христос е потребен и на почетокот и на крајот. Како што на дете кое се дави му е потребна родителска рака за да го извади од водата и потоа да го води по сува земја, вардејќи го повторно да не се потопи, така и Христос Господ е потребен на удавените во водите на гревот. И самиот апостол добил осветлување Христово на почетокот, на патот за Дамаск, па повторно го добил потоа. Првото осветлување е обраќање кон Христа, а второто е утврдување во Христа. Првото осветување сите ние го добивме преку крштевањето, а повторното преку верата и исполнувањето на заповедите Господови. Сите тие, пак, кои немаат осветување Христово, или го имале па го изгубиле, се како успиени, како мртви.

О благ Господи, разбуди нè, воскресни нè, бидејќи нисто од тоа не можеме да го направиме без Тебе. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 
< Претходно   Следно >