Свеш-мч. Јануариј и други со него – овој светител бил епископ во Кампанија Италијанска. Во времето на гонењето од страна на Максимијан бил изведен на суд и тормозен со разни маки, кои тој незлобливо и трпеливо ги поднесувал. Кога го фрлиле во оган, огнот се намалил со невидлива роса и маченикот неповреден стоел во средината на огнот и Му пеел на Бога пофалба. Тогаш му го стружеле телото со железни четки, додека коските не се забелеале, но маченикот незлобливо и трпеливо трпел. Неговите маки ги гледале неговиот ѓакон Фауст и чтецот Дисдериј, и плачеле по својот духовен отец. Тогаш и нив ги врзале, па заедно со епископот ги донеле во градот Путеол, и ги фрлиле во самица. Во истата самица заради Христа биле и путеолските ѓакони Прокул и Сосиј, и двајцат прости луѓе христијани, Евтихиј и Акутион. Утредента сите седуммина ги фрлиле пред ѕверови. Но ѕверовите не се ни допреле до нив. Тогаш сите со меч ги исекле, а христијаните на градот Неапол тајно го пренесле телото на св. Јануариј во својот град и чесно го положиле во црквата. До ден-денешен безбројни чуда се појавиле на гробот на овој светител. Меѓу многуте чуда запаметено е и тоа, дека една бедна вдовица, на која и умрел синот единец, ја зела од црквата иконата на св. Јануариј и ја положила на своето мртво чедо, плачејќи и молејќи му се на светителот. И синот и оживеал. Чесно пострадал св. Јануариј во 305 година. Св. мч. Теодор и други со него – Пострадал за верата Христова во Перга Памфилиска во времето на царот Антонин. Свети Теодор бил млад и убав во лицето. Кога намесникот на таа област го избрал заедно со други момчиња, кои требало да се испратат на служба во царскиот двор, Теодор се спротиставил и изјавил дека тој е христијанин. Поради тоа бил мачен со разни маки, па фрлен во оган. Намесникот тоа го препишувал на некакви магии на Теодор. А маченикот му рекол:„Ова не е дело на мојата сила, ами на Христа мојот Бог, а ако сакаш да ја познаеш силата на твоите богови, наложи друг оган и фрли од твоите војници, па се надевам дека ќе ја познаеш нивната сила и семоќта на мојот Бог“. Намесникот сакал навистина да фрли еден од војниците, но тие во стравот го молеле да го фрли вражачот Диоскор наместо нив. Вражачот, пак, молел да го фрли самиот идол Зевс и останатите идоли, па ако се богови, тие лесно ќе се спасат. А тоа Диоскор го рекол затоа што веќе бил со срцето обратен при Христа, откако го видел чудото со св. Теодор. Дознавајќи за ова, намесникот го осудил Диоскора на смрт и го запалил. Исто така ги предал на смрт и Теодора и двајцата војници, Сократа и Дионисија, и уште Филипа, мајката Теодорова. Свети Теодор го распнале на крст, на кој дури третиот ден издивнал. Сократ и Дионисиј биле со копје прободени, а Филипа со меч исечена. Сите биле овенчани со венци на славата на Царството Христово. |