Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 03.05./20.04.
03.05./20.04.
4.05.2010.
Sample Image

Преп. Теодор Трихина – цариграѓанин, син на богати родители. Како момче ги оставил своите родители, и домот, и богатството и се населил во еден пустински манастир во Тракија. Таму се предал на најтешки подвизи. Спиел на камења – одел секогаш гологлав и се облекувал во едно облекло од кострет, поради што е и наречен Трихин или Кострет. Поради своето големо самомачење заради спасението на душата, Бог го надарил со голем дар на чудотворство, и за животот, и по смртта. Мирно завршил околу 400 година. Телото му се покажало мироточиво.

Преп. Анастасиј Синајски – Игумен на гората Синајска. Најпрво бил монах под славниот монах Јован Лествичник, а по смртта на овој и самиот станал игумен. Покрај тоа Што бил голем подвижник, тој бил и красноречив писател на „ Житијата на светиите“, како и на други поучни списи. Водел жестока борба против еретиците т.н. акефалити ( безглавите ), кои го порекнувале lV Вселенски собор во Халкидон. Завршил во длабока старост во 685 година и отишол при својот Господ, На кого верно Му служел.

Блажен Анастасиј Синаит, патријарх Антиохиски – како монах на Синајската гора бил избран за патријарх Антиохиски во времето на царот Јустинијан. На таа положба го издигнала неговата добродетелност, чистотата на животот, големата духовна ученост и тврдата вера. Но царот Јустинијан паднал во докетска ерес, против која остро станал патријархот Цариградски Евтихиј и овој блажен Анастасиј. Царот го прогонил Евтихија и сакал да го прогони и Анастасија, но не можел да му најде никаква забелешка во животот. Кога, пак, Јустинијан умрел, покајувајќи се претходно и повратувајќи го Евтихија на престолот, тогаш Јустин, наследникот негов, успеал да го прогони Анастасија врз основа на некакви клевети. Анастасиј поминал 23 години во прогонство и повторно бил вратен на престолот Антиохиски за време на царот Маврикиј. Уште 6 години управувал со Црквата Божја и го завршил своето земно патување во 599 година.

Блажени Григориј патријарх Антиохиски – ерменец по народност. Бил игумен на манастирот „ Фаран“, под гората Синајска, па кога блажениот Анастасиј бил прогонет од престолот, тој и против неговата волја бил поставен за патријарх Антиохиски. За него пишува мошне пофално и блажениот патријарх Софрониј во својата книга „ Лимонариум“. Григориј се одликувал со големо милосрдие, особено кон грешниците. Се упокоил во Господа во 593 година.

Св. ап. Закхеј –најпрво бил цариник и грешник. Па кога Господ го видел во Ерихон на дрвото ( Лука 19:1 ), влегол во неговиот дом со што Закхеј прибегнал кон покајание. Подоцна Закхеј му последувал на св. ап. Петар, кој го поставил за епископ во Кесарија Палестинска каде што верно му служел на Евангелието и мирно завршил.

Преп. Атанасиј Метеорит – роден е во 1310 година. Се подвизувал во Св. Гора. Го основал познатиот манастир „ Метеор“ во Тесалија. Имал голем дар на видливост и чудотворство.

Р А С У Д У В А Њ Е

Свети Анастасиј Синајски учи: „ На секој христијанин од Бога му се дава ангел да го чува цел живот ( освен ако со некои лоши дела не го изгони ). Но, како што чадот ги прогонува пчелите, а лошата смрдеа гулабите, така и нашиот чувар, ангелот, ги одалечува од нас нашите гревови: пијанството, блудството, гневот и останатото. Секој верен човек, ангелот го упатува на секое добро дело, додека демоните навалуваат да ги соблазнат ветните и да ги лишат од царството небесно...“ Дека ангелите се близу до луѓето и дека тие се грижат за луѓето за тоа сведочи целото Свето Писмо, а посебно Новиот Завет. Освен тоа, во православната црква постојат безбројни предавања на свети мажи и жени кои сведочат за тоа, што го потврдува и св. Анастасиј. Имено, дека секој од нас во овој живот го следи благиот и моќен весник Божји, војникот на Царот небесен, ангелот на светлината. Кој, освен безумниот, го изгонува пријателот од себе? Навистина, само безумните и крајните незнајници ги изгонуваат со гревовите своите најдобри пријатели, своите ангели хранители.

С О З Е Р Ц А Н И Е

Да го набљудувам воскреснатиот Господ Исус, и тоа:

1.      Како Он, како Семоќен Победител на смртта не им се одмаздува на Своите непријатели, кои Го мачеле и Го распнале, туку оставајќи ги самите на себе, ги поддржува Своите исплашени пријатели;

2.      Како Он и денес, како и во сите времиња, незлоблив и кроток, не брза на одмазда кон неверните, туку брза на помош кон верните.

Б Е С Е Д А

за едната и единствената основа на спасението

Евреите велат:„ Основа е Мојсеј“. Мухамеданците велат:„ Основа е Мухамед“. Кратковидите природници велат:„ Основа е природата“. А ние прашуваме:„ Дали Мојсеј воскресна од гробот? И дали Мухамед се вознесе на небото? И дали природата дава Свет Духн Утешител?“ Мојсеј не воскресна, Мухамед не се вознесе на небото, а природата не само што не им дава на луѓето Свет Дух Утешител, туку дише со омраза на човекот и ржи против него и му ги покажува ноктите.

Не може да биде основа на светот оној кој е зачнат во грев и кој самиот правел гревови; кој лутал и барал совет од жени и кој со туѓа сила правел некои дела; кој во гробот изгнил и чие име ги доведува во недумица луѓето, односно патот, вистината и животот. А Мојсеј и Мухамед се зачнати во грев, правеле гревови, барале совет од жени, со туѓа сила правеле дела, во гробот изгниле и нивното име ги доведува луѓето во недоумица, односно патот, вистината и животот.

Затоа, браќа, нема каде да се обѕираме низ историјата и да бараме и да бараме некоја друга основа освен Господа Исуса Христа, Кој е зачнат без грев, Кој не направи ниеден грев; Кој не луташе и не бараше совет од никого, Кој со Својата сопствена сила правеше моќни дела, Кој не изгни во гробот и чие име не ги доведува луѓето во недоумица, односно патот, вистината и животот.

Апостолот не вели дека Христос поставил некоја основа, туку дека е Он таа поставена основа. Он е сета правда, па затоа Он е основа на секоја правда. Он е сета вистина, па затоа Он е основа на секоја вистина. Он е сета мудрост, па затоа Он е основа на секоја мудрост. Он е сета сила, па затоа Он е основа на секоја сила. Он е сето добро, па затоа Он е основа на секое добро. Он е сиот живот, па затоа Он е основа на животот во двата света, и на овој, и на оној. Господи, воскреснат, Ти си основа на нашето спасение и на вечниот живот. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 
< Претходно   Следно >