Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Против сектите arrow Светите Отци – Раната Црква и Библијата
Светите Отци – Раната Црква и Библијата
8.04.2010.

Светите Отци – Раната Црква и Библијата (Православна Светлина бр.13)

Свештеник Алексиј Јанг

Би сакал малку да го објаснам односот на раната Црква кон Библијата.

Една од првите анти - христијански идеи беше таканаречената - гностицизам. Потекнувајќи од Симон Маѓесникот (Дела 8), гностиците тврдат дека ги поседуваат „вистинските“, но „тајни“ учења на Христос и апостолите. Тие ги обвинуваат отците на раната Црква за забранување на овие „таинствени учења“ и намерно чување на луѓето во јаремот на незнаењето. Тие велат дека христијанското учење било премногу едноставно, и дека тие претпочитаат опширни и егзотични објаснувања за чистото учење на Црквата.

Друга разлика помеѓу христијанството и гностицизмот била оваа: уште од времето на апостолите, Црквата ги отфрлала останатите религии како невистински, дури и демонски; само верата во Христа и содејството на Христовата благодат може да нè спасат. Гностиците, пак, велат, дека сите тие религии се всушност исти и поради тоа сите се во некоја смисла точни. Гносис, или тајно учење, е сè она што му треба на човекот; штом тој ќе го поседува ова знаење ќе биде „спасен“ и ќе може да прави сè што ќе посака.

Гностиците ја нападнаа Црквата и се обидоа да ги заведат верните. Црквата мораше да го одбрани своето стадо. Еден од предводниците во оваа „битка“ за човечките души беше црковниот отец, свети Иринеј Лионски (140-202). Тој бил ученик на маченикот свети Поликарп, кој, пак, бил ученик на аспостолот Јован.

Свети Иринеј внимателно ги проучувал идеите на гностиците. Тој увидел дека тие сакале да ги дополнат апостолските учења со непишани, тајни учења и дополнителни „евангелија“ (други од оние што биле напишани од четворицата евангелисти); тој дошол до заклучок дека Црквата мора да направи две работи: прво, мора да се утврди кој е вистинскиот авторитет за христијаните. Второ, мора да се утврди строга листа на автентични текстови.

Тој сфатил дека Светите писма, кои дотогаш биле широко распространети низ христијанската заедница, би требало да бидат споени заедно и да се направи еден систем или ред. Така, свети Иринеј станал првиот свет отец (колку што ние знаеме) кој го направил списокот на Светите писма (т.е. книгите од денешното Свето Писмо) кој речиси целосно одговара на она што ние денес го користиме! Правејќи го ова, овој светител направил, за сите христијани да можат да ги избегнуваат лажните „Свети писма“ на гностиците и на сите оние кои се надвор од Црквата; ова помогнало сите вистински верници да можат лесно да дознаат што е вистина, а што лага, како што е според зборовите на еден друг Отец, свети Јероним, кој пишува: „Вистината е оградена... но злото и лажното верување се умножуваат бескрајно“.

Врз која основа успеал свети Иринеј да ја напише листата на прифатени текстови? Кој бил неговиот авторитет, некои пишувања да ги додаде, а други да ги отфрли? Тој си ги одговорил овие прашања на себеси, и неговиот одговор е многу важен.

Тој рекол, дека Христовата Црква може да ги прифати само оние пишувања и учења кои се заеднички за црквите со апостолско потекло. „Нели би било логично“, прашува свети Иринеј, „да се прифати, дека доколку светите апостоли знаеле „тајни учења“, тие би им ги пренеле особено на оние, на кои тие им ги доверувале црквите“? И зарем тие први наследници не би ги пренеле тие учења на нивните наследници, итн.?

„Но факт е дека“, - продолжува свети Иринеј, „наследниците на апостолите воопшто не учеле такви работи; ниту, пак, ги користеле чудните „евангелија“ кои ги користат гностиците. „Ние апелираме“, - пишува тој, „на тоа предание (пишаното Писмо и усното предание), кое дошло од апостолите и е чувано преку преемството на епископите во црквите“.

Затоа, ние ги користиме само оние текстови кои се употребувани од наследниците на апостолите, и го проповедаме само она што тие го проповедале и во кое верувале, во непрекинатото наследство (преемство), уште од времето на апостолите. Затоа, наследник на апостолите е епископот, кој може да го поврзе своето ракополагање со она на светите апостоли, а не човек кој себеси се нарекува епископ, а е всушност „самоназначен“.

Она што е фасцинантно е дека никаде свети Иринеј не вели дека Библијата сама по себе е авторитет за христијаните! Туку напротив! Тој вели дека авторитетот на епископите на Црквата го прават валидно Светото Писмо. Тој пишува: „Дури и ако апостолите, не ги беа оставиле нивните Писма за нас, зарем ние не треба да го следиме она правило на преданието кое тие им го пренеле на оние, на кои им ги довериле црквите?“

Овие учења на раните свети отци за Библијата и Црквата се апсолутно најважни за оние, кои денес сакаат да ја пронајдат Христовата вистинска Црква. Свети Иринеј вака го опишува ова:

„Бидејќи постојат толку многу јасни сведоштва, ние не смееме да ја бараме од други вистината, која многу лесно може да се добие од Црквата. Таа била тука, во Црквата, така што апостолите, како богат човек ставиле влог, и целосно ì подариле сè што ì припаѓа на вистината. Таа е влезот во животот; сите други се крадци и ограбувачи. Затоа ние мораме да ги одбегнуваме нив, а со најголема љубов да ги љубиме сите нешта во Црквата, и да се предадеме на преданието на вистината“.

Искрено во Христа,

Отец Алексиј Јанг

 

Превод од англиски јазик:

Никола Цилаков, дипл. политиколог

Наслов на изворникот:

Fr. Alexey Young,

Holy Fathers - the early Church and the Bible,

http://www.roca.org

 
Следно >