Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Интервју со семејството Макдоналд (П. Светлина 13)
Интервју со семејството Макдоналд (П. Светлина 13)
8.04.2010.

Автор: Максимос и Ирена Морган

 

„Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене“ (Мат. 16, 24)

Во малата куќа на семејството Џефри и Карен Макдоналд во Барнет, Тексас, е удобно и пријатно. Тие имаат пет деца, а во домот им царува мир и поредок. Тоа ми остави силен впечаток уште првиот пат кога им гостував пред една година. Со сопругата решивме да им раскажеме на читателите на вебсајтот „Православна младеж“ за ова американско семејство. Интервјуто го водевме на 11 јануари во нивниот дом, додека седевме до убавата и накитена Божикна елка. Од некои играчки нè гледаа Божјата Мајка и Богомладенецот. Многу од играчките беа направени од децата.

Прашање: Џефри и Карен, вие и двајцата не произлегувате од православни семејства. Раскажете ни за вашето обраќање во православието!

Џефри: Роден сум во Њу Џерси и како мал одев со родителите во презвитеријанска црква. Кога имав 16 години, започнав да посетувам баптистичка црква. Учев во протестантски колеџ, по што планирав да се запишам во богословија. Но, преку лекциите по црковна историја разбрав за постоењето на Православната црква. Постепено, разочарувањето од протестантизмот се зголемуваше. Сознав дека постојано се јавуваат деноминации (промени) во протестантизмот и видов дека секоја од тие си има свое толкување на Библијата. Сметав за потребно да се присоединам кон Црква, во која толкувањето на Библијата и црковната историја се едни и единствени (неменливи), па затоа започнав да ги посетувам службите во Православната црква. Во тоа време учев во евангелскиот колеџ „Јутн“. Открив дека Православната црква го проповеда учењето кое го наследила од светите апостоли, а не некакво новоизмислено богословие, како што е во случај со повеќето протестантски пастори, кои се разликуваат меѓу себе по своите учења. Примив православно крштение на Велика Сабота во 1977 година. Тогаш бев студент во трета година. Откако го завршив колеџот „Јутн“, заминав да студирам на православната богословија „Свети Владимир“ во Њујорк, каде што и завршив со магистерски степен. Потоа заминав со семејството за Алјаска, каде што предавав три години во Православната богословија „Свети Герман Алјаски“. Потоа се вратив во богословијата „Свети Владимир“ во Њујорк за да ја одбранам докторската дисертација. Повторно се вратив во Богословијата „Свети Герман“ во Алјаска, каде предавав седум години. Кога читав за првите Отци на Црквата, сознав дека православните христијани се тие кои ги запазиле учењата на апостолите и на раната Црква. Видов дека Православната црква го живее апостолското предание, кое не може да се пронајде во протестантизмот.

Карен: Пораснав во Њујорк во еврејско семејство. Одгледана сум како Еврејка и сите мои роднини беа Евреи. Како дете ги посетував службите во синагогата, но кога отидов на колеџ, веќе не бев заинтересирана за религија. Во универзитетот бев изложена на феминистички и постмодернистички влијанија и тоа ме насочи негативно кон христијанството. Во прво време бев против секоја форма на традиционална религиозна мисла. Но, кога веќе бев трета година како студентка во Женскиот колеџ „Брин Мар“, Пенсилванија, станав христијанка. Помеѓу втората и третата година во колеџот, започнав повторно да верувам во Бога. Пред тоа сигурно сум била агностик. Почнав да верувам во Бога, откако го прочитав Евангелието. Во тоа време немав ниту еден пријател христијанин. Подоцна, едни мои познајници ме поканија да отидам во црква со нив, којашто беше харизматска протестантска црква. Во почетокот одев во различни христијански цркви. Потоа заминав да студирам на катедрата по Блискоисточни јазици и цивилизации во Харвард. Во тоа време започнав да забележувам непостојаност и нелогичност во протестантизмот. Од книгите и професорите дознав дека Раната Црква била литургиска и дека таа води потекло од литургиските практики на Евреите во синагогата. Тоа ме наведе на мислата да започнам да посетувам црква во која се негува жива литургиска традиција. Имав еден колега, кој беше Грк. Со него се познавав од часовите по Библиологија. Тој ме покани да присуствувам на света Литургија на Пасха во Грчката православна богословија „Свет Крст“ во Масачусетс. Во тоа време веќе ја бев отфрлила Римокатоличката црква, заради претензиите за првенство на папата. Ја отфрлив и Англиканската црква, поради нивните либерални учења и поради фактот дека во таа црква има жени – свештеници и хомосексуални свештеници. Кога ја посетив таа Грчка православна црква, антифоното пеење, темјанот и свеќите ме потсетија на богослужбите во синагогата. Тогаш не мислев да станам православна, зашто целата богослужба во таа црква беше на грчки јазик, а јас не разбирав ништо на тој јазик. Но, започнав да пројавувам интерес кон Православната црква и да читам книги по црковна историја и православно богословие. Она кое што најмногу ме привлече кон Православната црква е тоа што таа може да биде проследена до Црквата на светите апостоли. Потоа, започнав да посетувам православна црква на англиски јазик и веќе есента 1988 година примив свето крштение.

Прашање: Џефри, раскажи ни за годините кога си предавал во Православната богословија во Алјаска!

Џефри: Предавав лекции по црковна историја и Стар Завет како професор во Богословијата „Свети Герман“. Студентите беа главно од месните заедници во Алјаска. Поминав таму 10 години. Живеевме во провинцијата на Алјаска, каде што многу од селата беа чисто православни. Како што знаете Православието во Америка дошло преку Русите, кога Алјаска сè уште била нивна територија. Тие испратиле многу свештеници во Алјаска за да проповедаат пред тамошното население и да го покрстат. Ако одите во Алјаска ќе видите многу православни цркви и ќе сретнете многу православни луѓе. Но, да се вратам на моите години поминати во Алјаска. Месното население во селата живее многу примитивен живот. Богословијата се наоѓаше во малото гратче Кодиак, на островот Кодиак. Тоа беше руска населба на рибарско пристаниште. Сега таму има голема американска воено-морска база. Јас подготвував млади луѓе од месното население за свештеници. Во богословијата имаше многу малку Американци од англо-саксонско потекло, повеќето студенти беа од месното население во Алјаска.

Прашање:  Вие имате пет деца. Дали планиравте да имате толку многу деца?

Карен и Џефри: Не планиравме колку деца ќе имаме. Едноставно така се случи. Александар има 17 години, а Ана 14. Тие се родија додека живеевме во Алјаска. Елизабет има 8 години, Андреј има 5, а најмалата Катрин има 3 години. А, тие, пак,  ни се родија во Тексас. Според учењето на Православната црква, децата се благослов Божји. Самиот чин на венчавање е полн со молитви семејството да има многу деца, и ние веруваме дека Бог навистина нè благословил. Сметаме дека избегнување на бременост треба да постои само во ретки случаи. Треба секогаш да ја испитуваме нашата совест кога одлучуваме да имаме деца.

Ана, 14 години: Јас сум против контрацепциските средства, зашто сметам дека секое човечко суштество има право да живее уште пред да се роди на овој свет.

Прашање: Џефри и Карен, дали планирате да имате уште деца?

Карен: Со радост би прифатила да имаме уште деца, но веќе остаревме и се сомневам дека ќе имаме уште.

Прашање: Имајќи предвид дека имате толку многу деца, дали имате проблеми околу плаќањето на сметките?

Карен: Не, никогаш не сме се грижеле околу тоа. Отсекогаш нашите финансиски средства ни биле скромни, така што, ниту еднаш не сме се почувствувале под некој притисок. Дури и тогаш кога не ќе можевме да си дозволиме за нешто, секогаш се наоѓаше начин. Понекогаш Џефри добиваше покачување или, пак, едноставно ги пренасочувавме своите приоритети. Кога доходот ни беше многу низок, тогаш купувавме облека од Second hand (втора рака, стара но зачувана облека) или, пак, примавме носена облека од наши роднини и пријатели.

Прашање: Објаснете ни како се одгледуваат толку многу деца!

Џефри: Многу е убаво! Поголемите ни помагаат околу помалите. Многу е  интересно да ги гледаш како си помагаат едни со други. Всушност, полесно е отколку да имаш само едно дете. Кога имаш едно дете, сите социјални потреби на детето се насочени кон родителите, но кога имаш повеќе деца, тие си помагаат меѓу себе, и тоа ти дава извесна слобода. Но, фактот, дека имаме повеќе деца, си има свои предизвици – животниот пат со нив ќе биде подолг.

Карен: Пресметав дека ќе имаме деца во куќата околу 36 години и тоа ако секој го напушти домот на 18 – 19 години, за да оди на факултет. Кога ќе ги погледнете нивните години ќе видите дека тие ме тргаат во пет различни насоки – големите се во гимназија, а најмалата е на 3 години.

Ана, 14 години: Предизвик е да живееш со две помали сестри во една соба, затоа што тие само растураат. А, и не можам да ја уредам собата како што сакам. Ќе ви раскажам нешто забавно, на пример, за Елизабет, која многу повеќе ме предизвикува. Таа практикува во недела, по ручекот, да ги подредува на подот во собата, нашите алишта за секој ден од седмицата. Таа со Катрин многу сакаат да ми претураат во алиштата.

Карен: Поголемите ги учат помалите како да си ги средуваат и чистат собите и да свират на музички инструменти.

Прашање: Вашите деца никогаш не оделе на училиште, зашто вие сте ги образувале дома. Домашното образование е алтернатива за многу родители во САД, коишто сакаат да им обезбедат на децата поразновидно образование и коишто сакаат да ги држат подалеку од опасностите кои демнеат во државните и приватните училишта. Раскажете ни кои беа причините, поради кои вие се одлучивте да ги образувате децата во својот дом!

Карен: Решивме да ги образуваме децата дома, за да им дадеме подобро образование. Сакав јас да изберам она што ќе го учат моите деца, и методите по кои тие ќе учат. Желба ми беше децата да постанат писмени и внимателни личности и да можам да учествувам во формирањето на нивниот карактер. Не сакавме нивното образование да им зависи целосно од образованието на другите деца на нивна возраст. Сметам дека општествените училишта се пречка за децата, кои сакаат многу да научат, и за родителите, кои сакаат добро да ги образуваат своите деца. Предноста на домашното образование е дека можете детето да го надгледувате постојано, коешто, пак, општественото училиште тоа не го дава. Ние сме членови на една група на родители, коишто ги образуваат децата дома, па ги обединуваме децата за да учат заедно дома. Ако некој родител има познавање по определен предмет, тој ја презема одговорноста да им предава на определен клас од децата. Овој вид на образование им помага на децата да не изостануваат. Во државните или приватните училишта класот го следи темпото на определена група на ученици, а не една индивидуа, која може да сака да учи многу повеќе од останатите во класот.

Џефри:  Во последните неколку години, домашното образование многу брзо се разви не само во Америка, но и по целиот свет. Тоа дава можност на голема креативност, а основната цел е да им се даде образование на децата на најдобар начин. Се развиваат способностите за критичко мислење на децата, коишто државниот образовен систем би можел да ги потисне. Како што знаеме во повеќето случаи децата излегуваат од јавните образовни училишта еднакви како бонбони од кутија на шеќерна фабрика. При домашното образование децата имаат можност да примат поразновидно образование, затоа што имаат поголем избор на дисциплини. Тие исто така имаат можност да постигнат високи резултати од повеќе предмети. На пример, нашата ќерка Ана свири многу добро на повеќе музички инструменти и сега предава во локалниот детски клуб по музика и уметност. Големиот син, Александар, има можност да се посвети на својот дар – пишувањето, но доколку одеше во државно или приватно училиште тешко дека ќе најдеше време за тоа.

Карен: За нас како православно семејство, домашното образование е предност, затоа што можеме да ја утврдуваме верата на нашите деца и нема потреба да ги убедуваме, дека неправославните или световни учења, кои се изучуваат во училиштата се погрешни. Како дел од наставната програма на домашното образование е читањето на житијата на светиите. Имаме време и слобода да им помогнеме на децата да ги развијат своите таланти и дарби.

Прашање: Раскажете ни каков е вашиот духовен живот како семејство!

Џефри: Членови сме на православна парохија, се црквуваме во црквата „Св. Јован Претеча и Крстител“ во Остин, Тексас (http://www.theforerunner.org). Одиме на Света Литургија во недела и на поголеми празници. Патуваме 50 минути до најблиската православна црква.

Карен: Во Страсната седмица одиме на служби и наутро и навечер. Но, треба да ви признаеме дека, патувањето до Остин со пет деца два пати во ден не е многу забавно.

Им ги читаме на децата житијата на светиите и се обидуваме да им ги објасниме христијанските настани од денот. Се обидуваме да внесеме православна перспектива во сите аспекти на нашиот живот. Се молиме заедно, а навечер им читаме приказни, кои се полезни за нивниот духовен живот. Поголемите деца им ја читаат Библијата на помалите. Ана и Александар направија графикон, за да ја прочитаат Библијата за една година. Следната година Ана и една нејзина пријателка го искористија истиот графикон и ја прочитаа повторно Библијата.

(Тука разговорот ни беше прекинат од осумгодишната Елизабет, којашто дојде да ни ја покаже нејзината Библија за деца, која ì била подарена за Божик)

Прашање: Ана и Александар, кажете ни колку години имате и како е да растеш во семејство, коешто ги образува своите деца дома? Кажете ни што претставува верата за вас?

Ана: Јас имам 14 години. Ова е интересно прашање. Ми се допаѓа што учам дома, затоа што имам доволно време да вежбам по сите предмети. Најмногу ми се допаѓа цртањето и музиката. Најомилени предмети ми се оние, слободно – избраните. Сакам да сум надвор и да се занимавам со физичка работа. За мене е важно да одам во црква и да ја читам Библијата. Сè гледам низ призмата на верата.

Александар: Јас имам 17 години. Моето детство е поразлично од она на моите врсници во САД, затоа што сум одгледан во православно семејство во една неправославна држава. Православието е центарот на мојот живот. Од кога си спомнувам за себе, одам во црква. Секоја прва и трета недела помагам во олтарот, а секоја втора и четврта седмица пеам во хорот на нашата црква. Кога бев мал, родителите ме учеа да се молам и секогаш се молеа со мене. Преку летото одев во детски библиски камп во Грчката црква „Преображение Господово“ во Остин, Тексас (http://transfiguration.org). Во последните две години одев во еден православен камп за деца во Оклахома, кој се нарекува „Камп на св. Рафаил“ (http://www.campstraphael.org). За мене учењето во домашни услови има многу предности. Основно од тоа е што можам да го завршам училиштето за многу пократко време. Програмата ми е многу разновидна и во неа можам да вклучам многу дејности, за кои инаку, не ќе имав време. Исто така излегувам со пријателите. Имав можност да учествувам во јавни дебати со други деца кои се образувани во домашни услови.

Прашање: Ана и Александар, кажете ни што правите во слободното време!

Ана: Јас свирам на музички инструменти и слушам музика. Сакам да цртам диви растенија покрај реката зад нашата куќа, да спортувам, да се качувам по дрвјата и да правам аплицирани покривки.

Александар: Јас одам на тренинзи по фудбал уште од девет години. Тренирам и други спортови. Многу сакам да читам. Во 2008 година прочитав 51 книга. Многу сакам да го читам Солженицин. Неговата книга „Еден ден од животот на Иван Денисович“ ми остави силен впечаток. Најомилена православна книга ми е „Отец Арсениј“. Исто така многу ми се допаѓаат книгите на Томас Хопко, којшто предава во семинаријата „Св. Владимир“ во Њујорк. Имам читано и многу од раните отци на Црквата како свети Игнатиј. Исто така сакам да играм на стратегиски компјутерски игри, но веќе немам многу време за тоа.

Прашање: Александар, ти си одгледан во сплотено православно семејство и си се образувал во домашни услови цело време. Дознавме, дека си добил стипендија за универзитет во друга држава. Како гледаш на тоа?

Александар: Ми претстои голема промена. Многу се двоумев дали сакам да заминам и тоа точно сега, но веќе сум примен на универзитетот со академска стипендија. Ќе ми биде тешко да го оставам моето семејство и пријателите. На моја радост, на универзитетот во којшто ќе учам, има Здружение на православните христијани (Orthodox Christian Fellowship – OCF, http://www.ocf.net/). Во многу американски универзитети има такви православни клубови, кои се раководени од локален свештеник. Ќе учам новинарство или историја. Не очекувам да настапат промени во мојот духовен живот, откако ќе заживеам самостојно. Ќе продолжам да ги работам истите работи коишто сум ги правел и до сега. Молитвата секогаш ми била секојдневен дел од мојот живот и тоа нема да се промени, ни откако ќе заминам на универзитет. Најблиската православна црква ќе биде на 10-15 минути од универзитетските интернати, но во реонот има неколку православни цркви, меѓу кои ќе можам да избирам.

Можете да чуете лекции на д-р Макдоналд на овој вебсајт:

http://orthodoxchurchhistory.com

превод од бугарски:

презвитера Данче Миланова

 
< Претходно   Следно >