ЉУБОВТА КОН БЛИЖНИТЕ (П. Светлина 13) |
8.04.2010. | |
Митрополит Иларион (Алфеев)
Разговор со родители
Една постара жена, дојде кај мене во храмот и ми рече: „Отче! Не можам веќе да го трпам мажот! Подобро би умрела и би отишла во рајот, само веќе да не го гледам“. Јас ì одговорив: „Мила моја! Единствената ваша можност да појдете во рајот е заедно со вашиот маж. Без мажот вие единствено можете да сметате само на пеколот“. Тогаш таа рече: „Не сакам во рајот со него. Било каде - само подалеку од него!“ Честопати луѓето мислат дека е можно да се најдат во рајот и притоа да се оттргнат од другите луѓе, дека е можно да се биде со Бога, а притоа да се заборави на ближните. Многумина кон Црквата се однесуваат како кон место, каде можат да се сокријат, отстранат, оддалечат во тивок агол, и да не бидат забележани. Но разликата помеѓу Црквата и светот се состои во тоа, што во Црквата луѓето се свртени еден кон друг, лице в лице, тие се отворени еден кон друг, додека во светот тие можат да бидат завидливи, омразени или просто да се игнорираат еден со друг. И разликата помеѓу рајот и пеколот е во тоа, што во рајот се постои заедно, соединети во љубовта кон Бога и едни кон други, додека во адот секој е отсечен од Бога и од другите луѓе, секој се мачи во изолација, во самотија и напуштеност. Како да го засакаме ближниот? Најпрво треба да се трудиме, под надворешниот изглед на човекот да ја видиме неговата внатрешност, длабочина и суштина. Треба да се потрудиме да ѕирнеме онаму, каде што во секој човек е сокриен образот Божји. Честопати ние го гледаме само надворешниот човек, огрден од гревот, кој се дави во страстите, не забележувајќи го оној лик Божји кој се сокрива под надворешните слоеви. А потребно е првин него да го видиме и нему да му се поклониме во секого од нашите ближни. Најраспространетата грешка која е корен на многу конфликти помеѓу луѓето, се состои токму во тоа, што ние не го примаме човекот онаков каков што е, туку сакаме да го видиме поинаков: според наше видување, нему тоа и тоа не му доликува, тој во тоа и тоа би можел да биде многу подобар. Правиме вештачка шема и сакаме човекот да се вклопи во неа, а ако не може, ние живееме во непрестаен конфликт помеѓу нашата претстава за тоа, каков тој треба да биде и реалноста - каков е. Кога би научиле да се темелиме на тоа што ни е дадено во секој човек, а не на тоа што би сакале да го видиме во него, нашиот однос кон луѓето би се променил на кардинален начин. Треба да напомнеме дека Бог го љуби секој човек онаков каков што е. Да, Бог чека се додека грешникот не се покае, исправи, не се обрати кон Него, Бог сака секој човек да биде подобар отколку што е; Бог „страда“ од несовршенството на човекот, од неговите гревови, од тоа што човекот Го остава и заборава. Но сето тоа не Му пречи на Бог да го љуби човекот сè додека не се обрати, покае и исправи. По учењето на преп. Исак Сириски, љубовта на Бога кон човекот не се намалува дури ни тогаш кога не е возвратена, заемна. Да го спомнеме таткото од параболата за блудниот син: дури и кога синот го напушти и отиде во „далечна земја“, таткото продолжи да го сака и чека. Честопати членовите на едно семејство живеат во непрестаен конфликт поради обвинувањата еден кон друг за недостаток од љубов. На пример, на мажот почнува да му се причинува дека жена му недоволно го сака; затоа тој кон неа чувствува нетрпеливост, разгорувајќи расправии. И неговата љубов слабее заради тоа, мислејќи дека не наоѓа заемност. односно невозвратеност... Но конфликтот може да изникне и од „вишок“ на љубов: кога љубовта ќе стане страсна, слепа, егоцентрична, кога човекот почнува да се однесува кон другиот како кон приватна сопственост. Оттука се раѓа ревноста, изникнуваат неоправдани предупредувања, незаслужени прекори. Семејството се разорува како од недостаток, така и од вишок на љубов. Не ретко, родителите се незадоволни и од своите деца, сметаат дека децата не се занимаваат со она што треба, не се послушни, недоволно посветуваат внимание и не се грижат. Да, децата треба да ги слушаат родителите и да се грижат за нив. Да, родителите ја носат одговорноста за своите деца и во некои случаи се задолжени да се вмешаат, за да помогнат, од аспект на своето искуство да им укажат на она што тие со својата незрелост не го гледаат. Но родителите не треба да заборават дека нивното дете е слободна личност, која има право самостојно да го избере својот пат, да ги одреди своите интереси, и круг на пријатели. Најчесто мајката го држи детето во строгост, лишувајќи го од разоноди, контролирајќи го кругот на неговите движења, забранувајќи му да се дружи со овој или оној пријател. Се случува, и од морални причини на родители верници, да им забрануваат на децата да гледаат телевизија, да одат во кино, да си играат на улица. Притоа не знаејќи да им објаснат во што е причината и смислата за таквото воздржување, не давајќи им на децата позитивно исполнување на животот, но само ги забрануваат овие или оние работи. Ни една забрана, ни едно ограничување не може да стане стожер на духовниот живот. И детето трпи до одреден момент, а потоа одеднаш (во шеснаесеттата, дванаесеттата година, или дури и порано) го отфрла од себе тоа бреме, а заедно со него ја губи и верата. Понекогаш христијанинот кој живее во семејство каде сите не ги делат неговите религиозни убедувања, го отежнува животот на останатите членови во семејството, забранувајќи им да се занимаваат со оние работи кои од негова гледна точка се достојни за прекор и нехристијански. На пример, во семејството длабоко е религиозна мајката, таткото неверник, а децата кои иако одат во црква со мајката, сепак не го делат толку нејзиниот интерес, за сосема да се одречат од забавата. Се приближува Нова година, мажот и децата сакаат да празнуваат. Но мајката, сметајќи го овој празик за незнабожечки, им забранува на децата да се веселат, ги храни со посна храна (зашто Нова година влегува во Божиќниот пост). Можеби би било подобро во овој случај таа да направи жртва од себе и на својата побожност, и да го подготви за мажот и децата претстојниот празник, а потоа да подготви уште еден празник - Божиќ. И сè така натаму, и така натаму, сè додека целиот живот на семејството не се претвори во непрекинат, постојан празник. Зашто токму во тоа и се состои христијанството, и во тоа се пројавува најголемата љубов кон ближните - заборавајќи на себе, жртвувајќи се себеси и живеејќи за другите, стремејќи се да им се дарува радост. Честопати родителската љубов кон децата станува бреме од кое децата не можат да се ослободат целиот свој живот. Љубовта не треба да прерасне во насилство над личноста. Се сеќавам на еден страшен, трагичен случај, којшто се случи со едно тринаесетгодишно девојче. Мајка ì од неа бараше апсолутна искреност, сметајќи дека таа со ќерка ì има „посебен“ однос и дека таа нема право да крие ништо од неа. Еднаш девојчето добило двојка на училиште, но се плашела да ì каже на мајка си. Но, таа на некој начин дознала и дошла во училиштето за да го разјасни однесувањето со ќерката и наставниците. Девојчето кое се оптоварувало од стравот дека ќе ја открие мајка ì, видела преку прозорецот како таа доаѓа во училиштето. Откако почекала таа да влезе во зградата, девојчето со трчање излегло од зградата и пред очите на другите деца се фрлило под тркалата на првиот автомобил кој наишол. Починала во болницата по неколку часа. Освестувајќи се пред смрт, девојчето рекло дека воопшто немала намера да се самоубие, но само да ја „исплаши“ мајка си, и да ì го одвлече вниманието. Не секогаш и не секој човек е подготвен на апсолутна заемност, апсолутна верност, апсолутна чесност. И не може од човекот да се бара она што не може да го даде, па дури и ако е ваш син или ќерка, брат или сестра, сопруг или сопруга, пријател или пријателка. Секој човек нека ви се отвори во онаа мера во која сака и може тоа да го направи. Не може да се „продре во душата“ на човекот, зашто душата - таа е светиња на светиите и тука може да се влезе само ако ви отворат и ве повикаат внатре. Понекогаш може да се стои пред вратата и да се тропа, како што Христос тропа во човечките души, но тивко и ненаметливо. А ако вратата не се отвори, подобро е да се замине. Љубовта кон ближните треба да биде мудра. Таа треба да е пожртвувана, како љубовта Христова, Кој нè засака такви какви што сме. Таа треба да предизвикува радост кон ближните, а не да им е „бреме, кое не е лесно за носење“. Таа не треба да прерасне во ревност, да доведува до кавги и завист, да ја ограничува слободата на ближните, не треба да биде егоистичка, не треба да се намалува доколку не наоѓа одговор. Апостолот Павле вели: „Љубовта е долготрпелива, милосрдна, љубовта не завидува... љубовта... не бара свое... сè покрива, во сè верува, на сè се надева, сè трпи. Љубовта никогаш не престанува...“ (1. Кор. 13, 4 - 8).
Превод од руски: Свештеник Драги Гаштарски Наслов на изворникот: «Не хочу в рай с ним!» О любви к ближнему
|
< Претходно | Следно > |
---|