Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Проповед за Недела на Православието
Проповед за Недела на Православието
22.02.2010.

         ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ, СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ !

 

 

            ,,Засветли благодатта на вистината која некогаш имаше образ на сенка, а сега се открива јавно. Зашто ете, со воплотениот Лик  Христов Црквата се облекува со прекрасен украс.

            Дојдете денес сите верни со радост да го прославиме овој радосен и богомудар ден, зашто денес и ние дојдени во твојот свет храм, обновени со твојата промисла како Божествена скинија на сведоштвото, во Тебе како Предобраз на нашето постоење гледајќи, Те прославуваме Цару на вековите и Ти пееме Слава Ти,,  (канон на празникот).

            Ваше Високопреосвештенство, чесни отци, драги браќа и сестри!

Колку е големо и страшно присуството Божјо овде во домот Господов. Колку е големо и страшно присуството на живиот Бог насекаде околу нас. Колку ли срцето на човекот се исполнува со страв, или со радост, или со солзи, во присуството на Божјите созданија? А како ли е тогаш во присуството на Семоќниот и Живиот Создател?

            Кое ли смртно создание може да застане лице в лице со Бесмртниот и да не се растопи? Ангелските сили стојат пред Него треперејќи; серафимите лицата свои ги покриваат поради светлоста и неискажливата убавина; херувимите непрестано славословуваат, а Бог само нам ни се открива во целост.

            ,,Што е Господи тоа човек, та си спомнуваш за него, или пак синот човечки та го посетуваш и толку си го возљубил, си го створил помал од ангелите, но со слава и чест вечна си го овенчал ... ,, за како такво, вечно битие да седи и заедничари со Тебе на твојата Тајна Вечера.

Така премудриот Давид му повика на Живиот Бог псалејќи и славословувајќи, така и ние денес кон Премудриот благодарејќи му за се, извикуваме и говориме: ,,Гледајќи го образот по кој не создаде и единството наше со таа совршена убавина Твоја, коленичејќи пред Твојата чесна икона Ти благодариме бескрајно за таа промисла Твоја, нас битија вечни да не наречеш, нас кои денес соборно во целиот свет Ти пееме: АЛИЛУЈА !

            Таа слава, драги мои денеска ја славиме, таа победа на ПРАВО - СЛАВИЕТО денес ја почитуваме, зашто преку Ликот Негов Неракотворен ние добивме патоказ, за тоа како маленкоста на човечкиот ум со светите слики пред нас да го издигнеме до небесата.  Само преку нив имаме оправдување за онаа реченица на Светиот апостол Павле: ,,Умираме ли, живееме ли, Господови сме. Зашто за Бога нема мртви, туку сите сме живи,, , според поимот наш за побожноста. А поимот за обожувањето на оние кои животите свои ги положија на мегданот за одбрана на верата е: преку образот на иконите и нивното присуство во нашата близина, нам да ни остават печат дека Вечно Живиот постојано не повикува на исполнување на Неговите свети заповеди, за преку нив и ние обожувајќи се да станеме слични на нив. Зашто Бог е ист и вчера и денес и утре, и уште пред вековите да постојат Тој промисли за нас и нашето спасение.

            ,,Бог не не создаде за да не уништи,, - вели светиот апостол, туку ни даде патокази за живот вечен. Еден од тие најсветли патокази, драги мои, е ИКОНАТА.

Таа материја, тој образ овде на земјата, кој преку денешната победа, која ја славиме, успеавме да го сочуваме и до ден денешен постојано да не води до ,,седмото небо,, каде што гласот на оние кои славословуваат е непрестаен, таму каде што макар за миг се стремиме да бидеме за време на Божествената Литургија која е праслика на Царството Небесно - тој осми невечерен ден.

Преку тој образ ние научивме вистинска Теологија и за Самиот Бог, и за Мајката Божја, и  за светителите кои секојдневно ги спомнуваме и почитуваме. Преку тој образ го дознавме и ликот на ангелите, ликот на мачениците, преподобните и на сите светии, па и ликот на самиот Бог, запознавајќи се со Него одблизу и навлегувајќи во тие длабочини кои ни ги појаснуваат изразите на иконите и празниците.

Преку тој образ - ИКОНАТА, која во етимологијата на самиот збор И - КОНА, што означува(кон нас) нам ни ја објаснува смислата за нејзиното постоење и за постоењето на сета небесна војска и сите прославени светители и ангели, Бог ни ја посочува повторно Својата грижа за човештвото, зашто токму преку иконите милиони очи постојано будно гледаат кон нас; и милиони добри желби не следат постојано по трнливите и мрачни патеки на животот; и милиони раце ни се подаваат на помош кога ни е потребна, се со една единствена цел - ,,да се спаси Израилот,,.

Почитувајќи ги светите икони ние никогаш на нив не сме гледале како почит кон материјалот (дрвото, бојата, хартијата) туку на нив и пред нив живи ги гледаме и присутни небесните сили претставени на иконите.

И чувствуваме страв, и чувствуваме почит, и чувствуваме утеха, зашто постојано опкружени и поддражавани од нив, со радост и веселба ќе констатираме дека не сме сами на овој свет, туку секогаш сме поттикнати од оние кои ги славиме на иконите. И затоа залудни се клеветите на еретиците кои сакале, па и денес сакаат да не обвинат нас христијаните дека со почитувањето на иконите се доведуваме до идолопоклонство.

Па зарем?

Заборавија ли кој со векови водел борба против идолооклонството? Заборавија ли кој даде толку жртви за таа победоносна борба? Заборавија ли кој го сруши идолополконството? Заборавија ли дека и првата заповед Божја се однесува токму на тоа; да не правиме идол или слика овде на земјата? Забораваме ли дека и денес некои од нас одат доттаму во своите размислувања што почитта кон иконите им е како кон материја, па кога ги вршат своите недела ги покриваат иконите кои ги имат во нивните домови, наводно ,,да не гледале,, и измислуваат начини како и каде требало да стојат во домот, за со тоа повторно самите да се вратат кон надворешното - формалистичко почитување на истите. Зарем е малку сета таа крв за денес ние повторно го доведуваме во прашање нашиот однос кон иконите?

Зарем сите тие заедно забораваат дека Црквата која го сруши идолопоклонството не може да стане идолопоклоничка. Одделно ткиво од целиот тој Организам може, и постојано застранувало низ текот на вековите, но чистотата на верата е нешто кое не може да се наруши, зашто Светиот Дух е Оној Кој со својата благодат ја устројува Црквата како жив Организам, како Вистинско Тело Христово.

Цели шест векови Црквата се измачувала со овие внатрешни кривоверија и исколчени учења, та преку лозата на Лав Трети Исавријанец кој го симнал  патријархот Методиј од престолот и го поставил својот истомисленик патријархот Анастасиј; па Константин Копроним; потоа Лав Четврти; па неговиот син Константин кој го свикал Седмиот Вселенски собор; преку Никифор Први; па потоа Ставрикиј; а по него Михаил Рангаве; па Лав Петти Ерменин; за да дојдеме до фигурите на Михаил Втори, кој беше наследен од неговиот син, тогаш озлогласениот, а подоцна спасен цар Теофил и неговата чесна жена - царицата Теодора.

Дваесет години од своето владеење Теофил не дозволувал никакво почитување на иконите, дури и секоја буна против оваа негова одлука крваво ја задушувал, се додека еден ден не паднал на постела. Една ноќ преку сон царицата Теодора видела како нејзиниот маж е биен од мноштво ангели токму пред присуството на Мајката Божја која во прегратките го држела својот Младенец. И навистина, кога се разбудил од сон царот почнал да лелека и да повикува: ,,Тешко мене бедниот, јас во солзи сум биен токму поради светите икони,,. Тогаш царицата поитала и ги положила врз него сите свои икони кои тајно ги чувала во својот ковчег. Оздравувајќи царот ги целивал сите икони, а на неговата уста се вратиле повторно благите зборови и исповед за почитувањето на иконите. Царот дури и научил преку својата благодатна жена како вистински со својата душа и срце да ги почитува иконите, но за кратко.По кратко време си заминал од лицето на земјата, а на царицата и оставил аманет да ја прошири заповедта за почитувањето на иконите низ целото царство. Таа веднаш заповедала сите праведни луѓе кои заради почитта кон иконите биле прогонети од царството да се вратат, па и самата го вратила патријархот Методиј на чело на престолот Константинополски и наредила да го свика целиот верен народ, за пред нив да ја објави оваа голема победа.

            Вадејќи ја својата икона на Пресвета Богородица од вратот ја целивала ин а присутниот народ му се обратила велејќи: ,,Кој не ќе се поклони на оваа икона со љубов, не како на кип, не како на бог, туку како на икона (образ) од љубов кон Првообразот и не ќе ја целива, нека биде проколнат - анатхема,,. И тогаш со голема радост целиот народ славејќи го Бога ја целивал светата икона на Мајката Божја. Биле донесени и други икони во храмот, каде сите пак христијани на чело со клирот  за возврат на овој голем настан и за љубов кон царицата одлучиле соборно деноноќно да се молат за душата на царот Теофил и за душите на сите праведни луѓе кои ги положиле животите за одбрана на иконите. И навистина по Божјо допуштение на крајот од седмицата царицата добила видение во кое и било посочено од Самиот Бог, дека заради нејзината праведност и молитвата на верниот народ душата на царот е примена во местото на праведниците и на чудесен начин се избришала од списокот на иние за кои се молел верниот народ. Целиот овој настан и сето молење се случувало во првата седмица од Големиот пост и затоа е одлучено оваа прва седмица да биде посветена токму за споменот на овој голем настан за нас Христијаните во сите векови не поттикне да го издржиме постот, имајќин а ум постојано дека ,,ако Бог е со нас, тогаш кој ќе е против нас,,.

             Па затоа верни нашиот Бог и не случајно на денешниов ден ни го посочува на толкување евангелското четиво со призивот на своите ученици и апостоли, за нам, на денешните негови апостоли ни покаже како треба постојано да го повикуваме верниот народ Христов на борба со злото и гревот, но и на опстојување во таа борба, зашто патот до вечноста е трновит и мачен и бара од нас многу одрекувања, бара послушност, бара смирение, бара воздржание, кротост, бара од нашето срце и душа да вложиме несекојдневни напори, за токму преку четириесетницата да ја преобразиме нашата душа, тој бисер, којшто не смееме да го фрлиме на свињите - на нечистите и на оние кои не знат за Бога. Зашто Бог го повикува секое човечко срце, но од нас зависи дали ќе појдеме по Божјите патеки или ќе живееме живот исполнет со монотонија, во Божја далечина, залудно трошејќи ден по ден од она што го добивме на дар, незнаејќи што да правиме и самите со себе. И затоа од една страна имаме пример на безусловна вера на Андреја, Филипа и Јована, а од друга страна пак ни се посочува Натанаил како пример за луѓето кои оддалечени од Бога се обидуваат да донесат судови и за верата и за Црквата, па и за сите проблематики околу постоењето Божјо. А како ќе зборува за Бога некој кој што не знае за Бога, или како ќе донесува суд за делата на христијаните оној што одблиску не ја познава верата. Зашто верата треба да биде начин на живот и наше живо снисходење со современите текови на денешното живеење.

Ако никогаш не пробаме не ќе знаеме дали можеме да го издржиме постот. Ако човек не започне да го гради домот, како ли ќе се надева и очекува да го заврши. Само оној што започнал разбрал дека со Божја помош човекот може се. И да престанеме уште денес да постиме само телесно, мислејќи постојано само на исхраната. Да започнеме духовен пост запознавајќи и зачувувајќи ја смислата и содржината, а не постојано да бидеме формалисти. Впрочем, и денешниот настан ни појаснува дека смислата за почитувањето на иконата е во почитта кон оној на иконата, а не кон творбата со сите нејзини украси. Зашто само така размислувајќи и само така движејќи се низ овој период на тага, нашите срца ќе ги издигнеме кон светоста и светлината на Воскресението Христово, зашто ,,Кој не ќе помине низ страданијата неке не се надева и на Воскресението ... А ако Христос не воскресне суетна е верата наша, ние сме уште во своите гревови ... И ако само во овој век се надеваме на Христа Господа тогаш ние, христијаните, сме најбедните од сите луѓе на овој свет,, , зашто токму преку иконите и светиите на нив ние знаеме и веруваме дека човечкиот род ќе се спаси и тоа не според тоа колку сме достојни, туку според милоста Божја која будно не поттикнува да се трудиме и според трудот наш здобиеме спасение.

О, неизменлив Творецу на се, неизменлива иконо на Отецот, Ти Кој седиш на херувимски престол, а за родот човечки претрпе срамна смрт, Сине Божји и неракотворна убавино, О неискажлива длабочино Духу Свет, Кој со благодатната енергија за љубовта Твоја не научи.

О Предвечна Троице, вечно прославувана од хоровите ангелски, Ти Која во совет мудар и предвечен нас несовесните не создаде, О Премудар и вечен Господи, Кој иконата своја како кандило вечно нам ни ја подари, нека Ти е вечна слава во векови, АМИН.                 

             

 

        21.02. 2010 година                                   свештеник  Борислав Бобевски

 
< Претходно   Следно >