Реакција на протаѓакон Славе П. Пројковски |
16.02.2010. | |
ГРЕШКИ ВО ЧЕКОРЕЊАТА НА ИВАН СТОИЛКОВИЌ Претседателот на партијата на српската заедница во Република Македонија на празнувањето на Свети Сава беше поканил двајца православни поглавари – едниот легитимен поглавар на Македонската Православна Црква Негово Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, и вториот, нелегитимен самопрогласен поглавар на самопрогласена ПОА Јован Вранишковски. Ова е законската релација во Република Македонија. Тоа што некаков легитимитет Јован Вранишковски црпи од странпатиштата на Српската Православна Црква, во што таа, ползувајќи го својот авторитет на канонска Црква, ги инволвира и другите помесни православни Цркви, за Република Македонија и за Македонската Православна Црква, нема никакво правно значење. Тоа го знаат сите оние што ги почитуваат законите во Македонија, а тоа го знае, или би требал да го знае и господинот Иван Стоилковиќ. Зачудува како лидер на политичка партија на Србите во Републикава, згора на тоа и коалиционен партнер во Владата на Република Македонија, покажува елементарно непознавање на нерешените односи меѓу двете Православни Цркви – Српската и Македонската. Тој, според својата позиција во Владата на РМ, природно е да биде фактор за надминување на единственото нерешено јурисдикционо прашање помеѓу двете Цркви и, оттаму, меѓу двата народи, а не генератор на сатанизирање на тие односи. Имено, Република Србија ја призна Република Македонија под уставното име и, јавно, не е и не може да биде на страната на грчките неосновани фрустрации околу името на Републиката, па и на постоењето Македонска Православна Црква. Значи, г. Иван Стоилковиќ и граѓаните кои што како политички лидер ги претставува, овде немаат никаков проблем. Тоа што во услови на нерешени меѓуцрковни односи Владата на РМ најде за потребно празнувањето на денот на Свети Сава да го финансира, е нејзина доблест а не политички гаф. Тоа, пак, што православните Македонци немаат проблем со прославувањето на Свети Сава во Македонија не е некаква носталгија за српството, туку проникнатост во евангелските принципи на нашата света православна вера и, оттаму, свест дека оние што се овенчале со славата на Христовиот венец се наследство на целата Црква на земјава, па оттаму и на Македонската. Не знам дали таков однос се има во Р. Србија за денот на Свети Климент Охридски, врз чија мисија и Црква израсна и Свети Сава и неговата Црква. Тоа е она што треба да го сведочиме и кога одиме или живееме и во Белград и во Скопје и во Атина и во Тирана, и каде и да е. Оттаму ние, македонските богослови, своевремено делејќи ја радоста со српските соученици, со љубов а не со некаква сервилна податливост ја пеевме и „Пути во водјаштаго...” и „Ускликнимо с' љубављу...”. И затоа, благо речено, зачудува постапката на г. Стоилковиќ! Наводно не знае, – а знае; не ги разбира црковните работи, – а ги разбира, освен ако сé уште не е заробеник на југословенското партиско едноумие... Не требаше да се бара извинување од г. Стоилковиќ. Тој требаше да поита самиот да се извини, а не дека тоа го побарал некој од него. Наместо тоа, тој излезе со некакви ултиматуми, глумејќи го Мендух Тачи, па изјавува: „Јас ја чекам уште малку МПЦ да ги претресе предлозите и сето она што е предмет на разговорите со Српската православна црква и да излезе и да ги информира граѓаните на Македонија. Еве, јас им порачувам и ним и на целата македонска јавност, доколку не го направат тоа за три месеци, јас ќе излезам и ќе ја информирам македонската јавност за текот на преговорите и до каде се стигнати”. Како може г. Стоилковиќ да знае до каде се стигнати „преговорите”, кога тоа никој не го знае ниту во Белград, ниту во Скопје?! Се знаат само грешките во чекори и на едните и на другите, како и овие на Стоилковиќ... Ако сака навистина нешто да знае и да одработи конструктивно, тогаш треба да припомогне да ја ослободи СПЦ од чувството дека, ако ѝ ја признае автокефалноста на МПЦ таа, божем, ќе направи предавство на српските национални интереси а не придобивка за истите. Дали признавањето на автокефалноста на МПЦ е придобивка или не за српската држава и нација, е прашање што го толкува и одработува владата на Р. Србија, во што Црквата може да припомогне, а не и да води самостојна, и спротивна од Владата, политика и, секако, најмалку тоа да го прави г. Стоилковиќ во Македонија. Освен ако не ја сонува и тој кралската Вардарска Бановина, чија црковна јурисдикција ја откупи кралскиот двор во Белград, како и Мендух Тачи што ја сонува Голема Албанија на Призренската лига, иако тоа никој не го бара од него... Ваквите мали играчи можат само да им наштетат на своите матични држави и уште повеќе на своите заедници, од кои и го црпат својот политички легитимитет.
Авторот е секретар на Архиепископскиот Црковно-просветен Совет и главен и одговорен уредник на „Весник”, службен лист на МПЦ |
< Претходно | Следно > |
---|