Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Слово на Архиепископот
    
  Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image
 
Слово на Архиепископот
2.02.2010.

НЕДЕЛА НА БЛУДНИОТ СИН И СВ. АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ

Sample ImageКако што е познато, во текот на календарската година, имаме четири поголеми пости. Но, само за овој претстојниот – велигденскиот пост, светата Црква нѐ подготвува за потребниот подвиг на постот и тоа во четири седмици, наречени како подготвителни недели.

Првата таква недела веќе ја поминавме и таа им беше посветена на цариникот и фарисејот и, од Светото Евангелие што се читаше минатата недела, светата Црква ни порача дека секогаш, а особено од деновите на постот, ни се потребни смирението и покајанието.

Оваа вторава подготвителна недела, му е посветена на блудниот – непослушниот син. Имено, верувам дека на сите ви е позната евангелската содржина што денес се прочита на Светата Литургија, кога помалиот син на еден богат човек посакал да го добие делот од наследството и, откако го добил од својот татко, заминал во далечна земја каде, живеејќи во разврат, го потрошил сиот имот. Потоа, откако западнал во голема криза и немаштија и, немајќи можност да преживее, се нафатил дури да чува и свињи ... И откако размислил и сфатил дека сторил голем грев, почнал да се кае и одлучил да се врати кај татка си и да побара прошка. А татко му, како и секој татко, го примил со љубов и приредил веселба, зашто умрениот син воскреснал, зашто изгубениот син се нашол ...

Возљубени, чиј пример го има предвид Господ Исус Христос, раскажувајќи го случајот со непослушниот син? – За пример нѐ има сите коишто отстапуваме од Божјата волја, коишто живееме своеволно и ги трошиме богатствата на својата душа, богатствата дарувани од небесниот Татко.

Во примерот на непослушниот син, Господ Исус Христос нѐ има предвид сите нас коишто го носиме Неговото име, а со животот и со нашите постапки не сведочиме дека сме христијани и дека сме Негови, туку дека сме богоотстапници и непослушници. – Па, кој од нас не се огрешил кон Бога, кон Неговата татковска љубов и кон Неговото долготрпение? Кој од нас не чекорел по гревовни патишта, кој не бил уловен од примките на злото и кој не му слугувал на демонот? – Секој што го напуштил храмот на својата душа, секој што заскитал по опасни патишта, секој што отстапува од законот на доброто, секој што стигнал до духовно безпатие и духовна безизлезност, сите таквите наликуваме на непослушниот син од денешново свето Евангелие!

Возљубени, не случајно светата Црква предвидела да се чита токму текстот за блудниот син, во оваа подготвителна недела од велигденскиот пост. И денес многумина меѓу нас имаме слично однесување кон своите родители и кон Бога, како овој од Евангелието непослушен син. Многумина од нас сме ги напуштиле и татковските домови и Божјиот дом, сме се откажале и од земните и од небесниот родител; многумина меѓу нас тагуваат и патат што западнале во тешки состојби и ситуации, дури ќе речам дека и целото човештво како да наликува на ова семејство од денешново свето Евангелие. Ми се чини како никогаш како сега да немало толку непослушни и распуштени синови, и толкумина коишто Му свртеле грб на родителите и на Бога. Ако ги прелистаме случаите во црната хроника кај нас, скоро секоја втора опишува настан од  семејството, како синот кренал рака на татка си или ќерка нешто слично кон мајка си; заради нерасчистени односи во семејството слушаме ваква и ваква трагедија, или дека синот и ќерката наркомани им пресудиле на родителите, и што уште не!? Или колку непослушни деца, дури и малолетни, заминале од родителскиот дом и сега наликуваат на свињари, постанувајќи уличари и криминалци, постанувајќи луѓе без перспектива и иднина, луѓе што сакаат живот без никого свој и без Бога.

Возљубени, за да бидеме душевно здрави потребна ни е љубов во домот, во семејството и љубов што се добива и бара од Бога. Потребно е почесто да се потсетуваме на тоа дека никаде подобро и никаде посигурно нема од родителскиот и Божјиот дом. Потребно е да се потсетуваме дека секој престап кон родиелите и кон Бога е на штета на својата душа дека тоа е бегање од себе си, дека е бегање од внатрешниот храм Божји во кој живее Светиот Дух, и таквото бегање не трае долго и со него не стигнуваме далеку.

Примерот на евангелскиот син нека ни биде секогаш на ум со порака дека нема среќа во животот без благословот родителски и благословот Божји. Денешниов славеник и патрон на Неготино и на овој крај – свети Атанасиј Велики, исто така, е пример на кој можеме да се поучиме, особено на тоа – што значи да се засака и почитува родителскиот и домот Божји! – Тоа значи знаење на законите и заповедите Божји, значи знаење и живеење според верата наша христијнска, значи знаење и бранење на вистината евангелска и Христова – онака како што ја знаел, живеел и бранел свети Атанасиј Велики.

Ќе потсетам – тој живеел во едно исклучително време за Црквата, во време на големи бранувања предизвикани од непослушни синови – од еретиците. Свети Атанасиј, како придружник на Архиепископот александриски Александар, учествувал на Првиот вселенски собор, одржан во Никеја во 325 годин, а по повод погрешното учење за верата односно еретичкото учење за Христа на свештеникот Ариј. А свети Атанасиј не само што силно ја бранел вистината за Христа и еднаквоста на Лицата во Света Троица, туку и активно учествувал во создавањето на основната формула на нашата вера, позната како Символ на верата, текст што го читаме на секоја Света Литургија и на повеќе треби и молитвословија. Свети Атанасиј се истакнал со својата прецизност во изложувањето и дефинирањето на христијанската вистина, особено за тоа зошто Синот Божји слегол од небото, односно по чија заслуга човекот се качил на небото, објаснувајќи како непослушниот род човечки кој наликува на блудниот син, пак се вратил во домот Божји, во единство со Бога. Свети Атанасиј особено се истакнал со објаснувањето дека Бог станал човек за човекот да се обожи, за човекот повторно да стане син Божји и да биде пак во единство со Бога. Свети Атанасиј и сите светии се прекрасни примери за тоа што значи да се сака домот родителски и домот Божји.

Амин. Честит празникот и за многу години.

 

 
< Претходно   Следно >