Евангелие за победителот на смртта |
12.01.2010. | |
Епископ Николај Велимировиќ
Со Своето Воскресение, Господ ги победил двата најжестоки непријатели на човечкиот живот и достоинство: смртта и гревот. Овие два непријатели на човечкиот род, родени се уште тогаш, кога првиот човек станал одроден од Бога, погазувајќи ја заповедта за послушност кон својот Создател. Во рајот човекот не знаел ни за смрт, ни за грев, ни за страв, ни за срам. Зашто, прилепен до Живиот Бог, човекот не можел да знае за смртта, и живеејќи во совршена послушност кон Бога, тој не можел ни да знае за гревот. А, каде што не се знае за смртта, не се знае ни за стравот; и каде што не се знае за гревот, не се знае ни за срам од гревот. Штом човекот се огрешил кон сеспасителната послушност кон Бога, стравот и срамот влегол во него, па тој се почувствувал бескрајно оддалечен од Бога и ја претчувствувал смртната сенка над себе. Затоа, кога Бог повикал кон Адам и го прашал: „каде си?“, Адам одговорил: „Го чув гласот Твој во рајот кога врвеше, па се уплашив, оти сум гол, и се сокрив“ (1. Мој. 3, 10). Дотогаш Божјиот глас го поткрепувал, радувал и оживотворувал Адам, а тогаш, по направениот грев, истиот тој Божји глас го раслабувал, застрашувал и умртвувал. Дотогаш Адам се гледал себеси облечен во ангелската облека на бесмртноста, а оттогаш почнал да се гледа себеси гол, ограбен, понижен до скот и смален до џуџе. Ете, толку многу е преужасен и најмалиот грев на непослушност кон Бога. Плашејќи се од Бога, Адам се скрил меѓу дрвјата во рајот. Исто како питомата мачка кога ќе збесне и ќе побегне, па почнува да се крие од својот домаќин и чувар. Од бесловесните творби, над кои дотогаш Адам семоќно господарел, тој почнал да бара заштита, одбегнувајќи го својот Заштитник. Еден направен грев, со секавична брзина повлекувал друг, трет, стоти, илјадити, сè додека човекот на крајот не поскотел и оземјел, и со тело и со душа. Грешниот пат, по кој Адам тргнал, водел кон земјата и во земјата. Оттука и Божјите зборови: ,,Земја си и во земјата ќе се вратиш“ го изразуваат не само Божјиот суд, туку и еден веќе започнат и нагло напредувачки процес на поземјување и распаѓање на човекот.
Адамовото потомство, колено по колено, се поземјувало и се распаѓало, грешејќи со срам и умирајќи со страв и ужас. Луѓето се криеле од Бога зад дрвјата, камењата, зад златото и прашината, и колку повеќе се криеле, дотолку повеќе се оддалечувале од вистинскиот Бог и Го заборавале. Природата, која некогаш лежела пред човечките нозе, постепено се дигнала над неговата глава, па така, на крајот сосема го сокрила Божјото лице и таа му застанала на местото од Бога. И човекот почнал да ја обожува природата, односно: да ја слуша, да се раководи според неа, нејзе да ì се моли и нејзе жртви да ì принесува. Но, обожуваната природа не можела да се спаси ниту себеси, ниту човекот, од смртта и распадливоста. Страшниот пат, по кој човештвото тргнало, бил пат на гревот, и тој злокобен пат непогрешно водел само кон еден претажен град – градот на мртвите. Царевите човечки царувале над луѓето, а гревот и смртта царувале над луѓето и царевите. И колку повеќе се оддалечувале, дотолку бремето на гревот сè повеќе растело, како голема топка од снег, која се спушта од ридот. Човечкиот род се наоѓал во крајно очајание сè дотогаш, кога се јавил небесниот Јунак за да го спаси.
Тој Јунак бил Господ Исус Христос. Вечно безгрешен и вечно бесмртен, Он поминал преку трулежните гробишта на човечкиот род, насекаде сеејќи го цветот на бесмртноста. Од Неговиот здив бегала смрдеата на гревот, а од Неговите зборови мртвите оживувале. Но, од Своето човекољубие го зел врз Себе товарот на човечкиот грев, како што од човекољубие се облекол во човечкото смртно тело. Но, човечкиот грев бил толку многу тежок и страшен, така што од неговата тежина и Самиот Син Божји влегол во гробот. Блажен е по сто пати тој гроб, од кого потече реката на бесмртниот живот за човечкиот род! Низ тој гроб Јунакот се спушти до пеколот, каде што го урна престолот на ѓаволот и го уништи леглото на сите злобни завери против човечкиот род; од тој гроб Јунакот се подигна до највисоките небеса, пробивајќи нов пат – кон градот на живите. Со Својата моќ Он го урна адот, со Својата моќ Он го прослави Своето тело и стана од гробот – со Својата сопствена моќ, која е неразделива од моќта на Отецот и Светиот Дух. Смирено како Јагне, незлобивиот Господ тргна на страдање и смрт, и силно како Бог го издржа страдањето и ја победи смртта. Неговото воскресение е вистинит настан, и во исто време пророштво и слика на нашето воскресение – зашто при труба Божја и мртвите ќе станат во нераспадливост (спореди: 1. Кор. 15, 52). Ќе праша некој: како може да се говори, дека воскреснатиот Господ ја победил смртта, кога луѓето и понатаму умираат? Секој, кој влегува во овој живот низ мајчината утроба, таквиот излегува од овој живот преку смртта и гробот. Тоа е правило. Само што смртта за нас, кои во Христа умираме, не е повеќе мрачна бездна, туку раѓање во нов живот и враќање во својата татковина. Гробот за нас повеќе не е вечна темнина, туку само една капија, пред која нè чекаат светлите Божји ангели. За сите оние, кои се исполнети со љубов кон прекрасниот и човекољубив Господ, гробот постанал само последна препрека за да стапат во Неговото присуство – и тоа препрека која е слаба како пајажина. Затоа славниот апостол Павле извикува: ,,За мене живот е Христос, а смртта – придобивка“ (Филип. 1, 21). Како можеме да говориме дека Господ не ја победил смртта, кога смртта повеќе и не се гледа од Него? Гробот повеќе не е длабока бездна, зашто Он го исполнил со Себе; ниту гробот повеќе е мрачен, зашто Он го осветлил; ниту гробот повеќе е страшило и ужас, зашто не означува крај на животот, туку почеток; ниту гробот е наша вечна татковина, туку само врата на татковината. Разликата меѓу смртта пред Христовото воскресение и по него, е како разлика меѓу страшен пожар и пламенот на една свеќа. Толку многу е темелна Христовата победа, и така Неговата победа ја разоружа смртта.
И понатаму ќе праша некој: Како може да се говори дека воскреснатиот Господ го победил гревот? Меѓутоа, очигледно е дека луѓето и понатаму грешат! Навистина, Господ го победил гревот. Он го победил со Своето безгрешно зачнување и раѓање; го победил со Својот чист и безгрешен живот на земјата; го победил со Своето праведно страдање на Крстот; и на крајот, сите тие победи ги крунисал со Своето преславно воскресение. Самиот Он постанал лек, и тоа сигурен и непогрешен лек против гревот. Кој е заразен од гревот, само преку Христа може да се излечи. Кој не сака да греши, само со помош на Христа може да ја оствари таа своја желба. Кога луѓето пронашле лек против сипаниците, тие говореле: ние ја победивме таа болест! Истото го говореле и кога пронашле лекови против забоболката, костоболката, главоболката... Ние ги совладавме овие болести! Да се пронајде лек против некоја болест, значи да се победи таа болест. Христос е неспоредливо најголем Лекар во човечката историја, зашто им донел на луѓето лек против болестите над сите болести, односно, против гревот, од кого се раѓаат сите останати болести и сите останати човечки маки – и душевни и телесни. Тој лек е Самиот Он, воскреснатиот и жив Господ. Он е единствен и единствен сигурен лек против гревот. Ако луѓето и ден-денес грешат и од гревот пропаѓаат, тоа не значи дека Христос не го победил гревот, туку значи дека поединци не го земаат единствениот лек против својата смртоносна болест. Значи, или сè уште не Го познаваат доволно Христа, или, ако Го познаваат, не Го употребуваат од непознати причини. Но, историјата ни сведочи со илјадници и илјадници гласови дека оние, кои го зеле тој лек во својата душа и го примениле врз своето тело, се исцелиле и оздравеле. Познавајќи ја слабоста на нашата природа, Господ Исус Христос им наредил на верните да Го земаат како храна и пиење, под видлива форма на леб и вино. Човекољубецот тоа го направил од безмерната љубов кон луѓето, само за да им го олесни пристапот до живоносниот лек против гревот и гревовната трулежност. ,,Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“ (Јован 6, 56). Оние, кои грешат, се хранат со гревот, и животот во нив постепено се губи од гревот. Оние, пак, кои се хранат со живиот Господ, се хранат токму со животот, и животот во нив сè повеќе се умножува, а смртта се намалува. А доколку животот се умножува, дотолку поодвратен станува гревот. Блуткавата и жалосна сласт за гревот се заменува со животворната и радосна сласт за Христос Победителот. Блажени се оние, кои оваа тајна ја испитале и вкусиле во овој живот. Тие можат да се наречат синови на светлината и деца на благодатта. Кога ќе се иселат од овој живот, тие ќе заминат како од болница, но никогаш повеќе како болни.
превод од српски јазик: протоереј Златко Ангелески |
< Претходно | Следно > |
---|