Ќорсокаците на Атеизмот |
12.01.2010. | |
Архимандрит Рафаил Карелин
Зборот „вера“ и „исцелување“ на грчки јазик имаат еден и ист корен. Да веруваш - значи да ја најдеш целта и смислата на животот, да го одредиш своето место во светот, да го видиш патот, кој лежи зад земското постоење. Постојат два погледа на светот: едниот од нив го смета светот за огромен бездушен механизам, когошто некој непознат го пуштил да работи. На една дамка на тој огромен конгломерат на космички тела, случајно се појавил феномен, наречен живот. Комбинацијата на атоми и молекули, кои ја примиле способноста на предавање на својот структурален план на другите системи, нè довеле нас до тоа изненадување. Нема бесмртност. Животот, сличен на искра, која се изгасила во мракот на космичката ноќ, се гаси и исчезнува; човекот се раѓа, буквално за тоа, за да ја сознае својата предодреденост, немоќ и бесмисленоста на животот, влегува во земјата на смртта, откаде што нема враќање, каде свеста и чуствата засекогаш се гасат во мракот на гробот, во бездната на небитието? Тој поглед на светот е длабоко песимистичен. Тој не нуди никакви морални идеи и стимуланси на волјата, тој само му ветува на човекот илузорна слобода со тоа, што се случува со неговото чувство на одговорност за проживеаниот живот. Ако е животот случаен и безсмислен, тогаш пред кого и за што ќе одговара човекот? Ако е самиот човек пред сè, само структурна заедница на атоми и молекули, контролирани од биолошки токови, тогаш кого ќе сакаш? Биомашина? Пред кого ќе носи морална одговорност? Предетерминиран со автомат, чии дела се условени со добиени, и од негова страна обработени информации? Ние не сакаме да кажеме, дека сите атеисти се неморални и непринципиелни луѓе, но сметаме дека самиот атеизам нема врска со моралноста. Ако е атеистот морален, тоа е затоа, што во него останало сеќавање на највисокиот, вечен, вроден закон на праведноста, кој тој го отфрла со својот разум, но со срце го чувствува како инстинкт на животот. Следни атеисти не постојат, атеистичката култура не постои и не може да биде, како што не може да биде ни културата на „одрекување“. Културата е сложена историска синтеза. Затоа човекот се издигнува на интелектуалното наследство на многу култури и цивилизации и ги усвојува, такаречено, со многу идеи и представи, кои се темелат во верата и во вечниот живот и во Создателот на светот. Современиот човек, според зборовите на еден познат лекар, се наоѓа во состојба „на постојано фрлање помеѓу земјата и небото“ (Пирогов). Атеистот повеќе сака да не размислува за смислата на животот, за времето и смртта, тој ја исфрла од својата свест мислата за смртта, инаку би се наоѓал во состојба на постојана депресија, како осуден на казна, во чија ќелија секоја минута може да влезе џелатот. Со самото тоа тој влегува во свет на илузии, како без размислување за болеста: може да се победи болеста и да не се мисли за староста, да се избегне. Оние кои го одрекуваат вечниот живот, мораат да гледаат на земскиот живот како на единствена реалност и стварност, тогаш содржина на животот мора да им станат интелектуалните или сетилни насладувања, кои тој ги дава. Но сетилната и интелектуалната природа, пред сè, се кршат во противречности, внатрешни и надворешни; тие во своите срца не можат да го прифатат живот како бесмисленост и апсурд, не можат да го сфатат злото, кое постои во светот, да се помират со насилството, и затоа таквите луѓе ги очекува трагичен крај. Другите ја гледаат смислата на животот во сетилни насладувања, за што зборувале древните зборови „In vino veritas“ (вистината е во виното). Но сетилното задоволство не е состојба, туку некаква нервна реакција, која се заменува со чуството на празнина и незадоволство. Според тоа, дури и примитивните луѓе не можат, а да не чувствуваат во длабочината на својата душа дека тоа е сурогат и фалсификат на среќата. Неретко, разочарувањето ги води луѓето во поголема радикална способност да ја исклучат својата свест од измамата на животот, од целта на вечното разочарување, и тогаш запаѓаат во алкохол и наркотици. Животот како задоволување на страстите не може да донесе радост, туку создава комплекс и навика, како што оној кој пие морска вода, само ја зголемува својата жед. Потоа настапува кршење помеѓу зголемените и влошените страсти и можности на нивно остварување, што создава пекол во човечкиот живот. Атеистот не може да најде среќа и спокој на духот во размислување над животот. Во тој случај, мора да се види себеси осуден на бесилка и веќе роден со јамка на вратот. Тој не може да најде потпора во својата дејност или творештво, зашто и творењето, кое го одразува животот, го засилува чувствувањето на трагичноста до безизлез. Не може да се најде среќен во постојаната работа, слично на неуморна мравка, зашто пред него стои прашањето: во чие име и за кого, тој го прави сето тоа и има ли смисла да се претвори личниот живот во постојан труд и напор на волјата, кога сè подлежи на конечно уништување? Атеистот не може да најде среќа и спокој во сетилните наслади, виното и наркотиците, позади кои следува духовен пад и меланхолија. Мора да престане да мисли, чувствува и сака, за да се ослободи од драматичноста на земниот живот, т.е., мора да умре пред смртта. Одсуството на морални ориентири и ориентири во погледите на светот, жедта за сетилни задоволства и безволноста го водат човекот во тешки нервни болести, депресии, хистерии, различни фобии и мании. Егоизмот и засиленото чувство на гордост го ставаат човекот во самиот јазол на противречноста, помеѓу него и луѓето кои го опкружуваат. На таквиот човек му се чини, дека целиот свет е неправеден кон него, и затоа егоистите и егоцентричните во психичка смисла се најнестабилни и најнесреќни луѓе. Не задоволувајќи ги желбите и страстите предизвикуваат чувство на гнев и омраза, на кои се прилепуваат психички комплекси и затоа психичките болести, пред сè, ја уништуваат способноста да се љуби другиот. Човекот се затвора во себе, во круг на свој илузии, афекти и депресии. Христијанството учи за тоа, дека највисокото пројавување на човечката личност, дека како признак на неговото исцелување, се јавува љубовта кон Бога и луѓето. Верата - тоа е исцелување. Христијанството не предлага вештачки системи на лечење болести, како на пример, јога и други системи, кои имаат прагматички и утилитарни карактер. Христијанството ја лечи само душата на човекот, тоа го покажува целиот живот, кој лежи зад границите на земното постоење. Негова цел е Апсолутниот Дух, Божествената Личност, Изворот на љубов и секое постоење. Христијанството учи за високото човеково назначување, за неговата бесмртност, за вечниот живот како општење со Бога и уподобување на Него. Христијанството ја покажува смислата и значењето на земниот живот како поле, каде се формира личноста на човекот, како отскочна даска за вечноста. Во тој живот, она што ни се чини несреќа и страдање, добива духовна смисла. Христијанството ја дава таа идеја, поради која човекот е подготвен да претрпи тешкотии и препреки, кои му стојат на патот, и силата за тоа. Верата прави многу повеќе од самото исцелување на болеста; таа му дава на човекот можност да биде среќен во самите страдања и болести. И на крај, христијанството му ја открива на човекот најголемата вредност на земниот живот - чувствувањето на љубов кон сите други, независно од интелектуалните, националните, социјалните и другите разлики. Христијанството - тоа е севкупен систем на човековиот живот. Тоа не треба да се разгледува аналитички, во него треба да се вклучиш, да се живее во христијанството е да се живее со христијанството, таму сè е взаемно, како во еден жив организам: и догматите, како вистински погледи на свет, храмовите обреди, како симболички јазик на Црквата, аскетиката, мистика на молитвата, итн. Христијанството го обновува човекот, делува од индивидуалната личност, му помага на човекот да се најде самиот себеси, зашто, според зборовите на древните апологети, „Душата по природа е Христијанка“. Христијанството го има тоа, што не го поседува ниту еден друг религиозен систем - Исус Христос - Бог и совршен Човек, таа Совршена Личност, Која е вечен пример и образец за христијанинот.
Превод од српски јазик: Колевска Снежана, дипл. Теолог Наслов на изворникот: Архимандрит Рафаил Карелин, Ћорсокаци Атеизма http://www.pravoslavni-odgovor.com |
< Претходно | Следно > |
---|