Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Од одбележувањето на патронот во богословијата
10.12.2009.

Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства,  отци, драги професори и ученици, почитувани гости, браќа и сестри

 

 

Еве, повторно дојде еден од најсвештените денови од животот на нашата Македонска Православна Богословија, посветен од времето на нејзиното постоење, на светиот Климент Охридски, ден досега единствен во историјата на нашата Македонска Православна Црква, на нашиот Македонски народ.

Еве, засвети денес пред нас светозарниот спомен на нашиот блажен учител Климент, просветител на словенскиот род. Со својата благочестивост и убавина тој изгреа како сонце, просветувајќи го целиот свет, преку зраците на Триипостасниот Бог. Тој преблажен отец и наш учител ја изостави целата убавина на овој живот, слава, дом и богатство.

 

Уште од својата младост, тој беше чист како ангел, секогаш се отстрануваше и ги одбегнуваше светските наслади, го поминуваше своето време во пеење на псалми и славословија, и во духовно поучување, следејќи го само оној пат, кој што води кон небесата. Како и Самоил, уште од мајчина утроба беше избран од Бога и уште како дете го засака богоугодниот начин на живот. Го засакал подвижничкиот и девствен живот, каква ли добродетел не изврши, какво ли средство против страстите не измисли?

Ние го почитуваме и славиме светиот Климент како првопросветител на нашата земја, како „светилник“ на Македонскиот народ, како „светило“ на Македонија, како родоначалник на македонското училиште, на македонската просвета и на македонската култура. Најдаровит, најбогопремудар и најревносен помеѓу учениците на светите рамноапостоли и браќа Кирил и Методиј, св. Климент бил верниот стражар, неуморен распространувач и чудотворен исполнувач   на нивните свети завети. Како македонски првоапостол, тој се борел против паганизмот – против суеверијата, суровоста, против „многубожечката измама“ и „гревовниот мрак“. И расчистувајќи ја така македонската духовна почва од плевелите, тој боговдахновено ги сеел семињата на божествената вистина како „учител и устројувач на верата Христова“. Како красноречив проповедник, тој обиколил многу градови и села и ја разнесувал насекаде духовната светлина на Евангелието и прекрасно го опишувал, како за пример и поттик, светлиот и добродетелен живот на хероите на црквата, на нејзините светители.         

Родоначалник е св. Климент и на нашето училиште, на нашата просвета. Со стотици и илјади свои помошници и продолжувачи – народни учители и пастири – ја создал тој својата позната школа, не само за деца, но и за возрасни, и така постанал во таа далечна епоха основополжник на првата висока школа во нашата земја. Токму тоа е и причината, да нема подостоен и свет отец и покровител од светиот Климент и за нашата денешна Македонска Православна Богословија, и за Македонската Православна Црква воопшто.

            Првопросветител е св. Климент и со својата книга – со своите кратки општопоимни  и општокорисни слова, преку кои што се издигнал и постанал „новиот Павле“ за Македонскиот и словенскиот народ воопшто.

А за да постане таков овој богоизбран народен светител и љубимец, духовен темел му била неговата светост, неговата света личност, неговиот боговдахновен внатрешен живот. Св. Климент живеел со Вечноста – со светоста, со семоќноста, со бесмртноста и милосрдието на Бога: со божествената личност и сила на Великиот Пастир и учител – Христос; со вечната сила и призив на светата Црква. За тоа св. Климент често тежнеел за часови на осамена „беседа со себе си и со Бога“, „безмолвно се борел со страстите“, „живеел речиси бестелесен живот“; немал никаква приврзаност кон земните блага; бил христијански аскет – војник Божји во светот за духовно издигање и спасение на својот народ; чист и возвишен во своите мисли и посакувања, „светлина на богоразумноста“, образец на добродетелите и подвижник во добрите дела внатре во животот; „светило и водич дење и ноќе“; скромен во сè и кон сите; упорен во смирението. Затоа и неговата христијанска вера била жива, идејна; неговата вера – духовно око; неговите дела – Божја рака. Богосозерцателен аскет и црковно – христијански општественик истовремено. Основното духовно начало на неговиот  животен подвиг му било: „По стапките на Божјата правда да се вршат добри дела“. Ете таа светост на неговата личност го направила вистински народен пастир: благ, сострадален и милостив; „татко на сираците, помошник на вдовиците, заштитник на бедните и бездомниците, на секој според неговите потреби“; „дење и ноќе во труд“, „имајќи ја за своја храна и наслада грижата за народот“ – грижата како за неговото духовно, така и за неговото телесно издигнување и благосостојба. Чудно ли е да се запрашаме сите, што народот засакал таков „пастир добар“ со целата своја душа и со целото свое срце, и што до ден денешен народот во тие места го нарекува „нашиот златен свети Климент“ и што до ден денешен ги возлага своите потреби и надежи на неговото небесно застапништво?   

Ние уште го восхвалуваме и величаме св. Климент не помалку и како апостол на слободата и љубовта.  

Тој бил апостол на слободата и како вистински служител на Христа, затоа што бил проникнат и движен од Христовото благовестие: „Вие, браќа, сте повикани кон слободата“ (Гал. 5, 13), и работел во евангелски дух, за нејзиното извојување и запазување, за нејзиното благодатно, творечко дејство во животот – слободата за секој човек и народот, и, значи, слободата за секој Македонец, за Македонскиот народ, за Македонија, зашто Божјото слово му раскривало, дека вистината е таа која што не прави слободни (Јован 8, 32) – слободни од господството на умствениот и моралниот мрак, од гревот и порокот. Вистината е вечната сила Господова (2 Кор. 6, 7), која што го распрснува мракот, лагата и бајките (2 Тим. 4, 4; Ефес. 4, 25) и не води до вечната светлина на Божјото синовство и братство, до Спасителот Исус Христос (Јован. 14, 6), до Духот Господов; а каде што е Духот Господов, таму има вистина, таму има слобода (1 Кор. 3, 17; Рим. 8, 21). Ете, воодушевен од тие евангелски вистини и сакајќи нив да ги оствари, св. Климент работел со таква длабока посветеност и голема сила за слободата на Македонскиот народ преку просвета, преку наука, преку вечната Божја вистина и правда. И како древниот апостол на народите, Павле, Климентовиот призив и завет кон Македонскиот христијански народ од тогаш и до сега е: „Стојте така во слободата“ (Гал. 5, 1). И доколку го следел тој призив и тој завет – Македонскиот христијански народ би бил народ слободен, народ на слободата.

Од времето на св. Климент Македонскиот народ започна да придобива одреден духовен образ и да зазема видно место во историјата на европската цивилизација. Климент го оставил своето тело, но неговиот дух не престанал да свети преку вековите како светол столб низ македонската земја, да дејствува како основна сила на македонскиот напредок. Климентовиот дух е благодат Божја, која што се излила низ целата наша земја. Откако го воплотил генијот на својот народ, св. Климент станал камен аголен на неговата историја. Творечкото воздејство на св. Климент било толку многу моќно, што творечкиот дух, кој што нашиот народ го пројавува од десетти век до денес е одраз на св. Климентовиот дух. Целата историја на македонската култура е всушност развитие на посеаните од св. Климент живоносни семиња.

Но слободата во вистината и во братството е една Божја даденост и една зададеност. Таа е Божја мисла за остварување на човекот, од народите, а тоа е единствено возможно само преку силата и подвигот на љубовта. Нема, и немало, и не може да има – според раскривањето на Богочовекот Христос – слобода, ако таа не се корени и оживотворува во љубовта, како што и обратното: љубовта, закрмена и живеена – во слободата. Затоа и целата сила во идеалот и во делото на св. Климент за Македонскиот народ е во неговата љубов – во неговата љубов кон Бога, во неговата љубов кон ближниот, во неговата љубов кон Македонскиот народ.

Затоа преблажени оче Клименте, ги ублажуваме твоите усни, од кои што се излеа духовна радост за сите нас!

Го ублажуваме твојот добродетелен јазик, преку кој што, светлината на Троичниот и Беспочетен Бог изгреа за нашиот народ!

Ги ублажуваме твоите од Бога движени прсти, преку кои што се напиша за нашиот народ слободата од гревовното иго!

Затоа, дојдете сите, денес да му оддадеме почит на украсот на Црквата, молејќи го блажениот Климент да не го заборава своето стадо, мир и милост да испроси за нашите души!

 

А М И Н!!!

 

 

проф. м-р Дарко Милев

 

 

Првонаградена песна од конкурсот по повод празникот на патронот на богословијата Св. Климент Охридски

 

 


 

Ода на плачот

Глас се слуша под Галичник низ Река,
плач и лелек го кине синото небо!
Голем пламен ги голта старите спомени,
од болка и тага се тресе сувата земја!
Радика жално жубори,
и чистата вода солзите ги мие,
црна дамка во срцето,
тешка, таговна, незаборавна.

Од црната земја до сводот небесен,
од изгревот до залезот,
пискот ја исполнува целата вселена.

Плачи црнината и не сака да се утеши,
жали за животот и трудот,
за мирот и спокојот.
Рида покорно нашиот народ.

Црната брада белее,
низ солзи се мие.
Младиот лик старее,
во болка и грч се раскинува.

Се расцепи синото небо,
се изви плачот и лелекот до Бога.
Покорно, низ солзи во срцето се врежа.
црн спомен, болка и тага,
плач на пламенот кој однесе се!


 

 

Александар Димоски

IV Клас

 
< Претходно   Следно >