Реакција |
13.11.2009. | |
Реакција по повод одбележувањето на 150 години од Кукушката унија СМИСЛАТА НА КУКУШКАТА УНИЈА
Одбележувањето на 150-годишнината од формирањето на Кукушката унија уште еднаш јасно ни покажа дека недоволно сме ја разбрале нејзината основната смисла и намера. Имено, многумина политичари и интелектуалци во изминативе 20-тина години, отворено и гласно, се залагаа за дословна реприза на Кукушката унија при решавањето на македонското црковно прашање, сметајќи (по малку и наивно!) дека ваквиот „дипломатски” потег нема ништо да промени во однос на нашето традиционално православно живеење. Македонија, во втората половина на 19 век, преживувала тешки историски моменти, македонскиот народ бил силно приклештен од страна на странските пропаганди (српска, бугарска, грчка, римокатоличка и протестантска) кои сериозно се заканувале со радикална и брза асимилација и геноцид (за жал, подоцна, дословно реализирани во Егејска и Пиринска Македонија), а одвнатре ослабнатото Османско царство (неговиот европски дел), станал поприште за политичко влијание на т. н. Големи сили. Од целата оваа ситуација, за да се заштитат од асимилација и прогон на национална основа, но и за да ја обноват Охридската архиепископија, а при тоа да го зачуваат својот национален и православен идентитет, на некои Кукушани, единственото какво-такво излезно решение им било да направат унија со Римската црква, при тоа не претпоставувајќи какви сериозни замки крие во себе овој договор. Македонците од Кукуш, во 1859 г., заедно со папскиот делегат во Цариград, накусо кажано се договориле за следнава работа: при богослужбите да се спомнува името на папата како врховен поглавар, католичките прелати и мисионери да не се мешаат во црковните и училишните работи во унијатската епископија, источно-православниот обред и народните обичаи да не се менуваат, Символот на верата да остане православен и без измени да се исповеда во црквата, католичкиот катехизис да не смее да се воведува во училиштата, сите православни догми и натаму да останат неизменети и на крајот заклучено е дека доколку ова што е договорено не се почитува од страна на Рим, било во целост или по одделни точки, унијатскиот епископ со верниците веднаш да ја напушти унијата. Од погоре напишаното, гледаме дека денес ниту една точка од договореното не се почитува, туку напротив, Папските прелати буквално се втопени и тоа како се мешаат во унијатската заедница во Македонија, Символот на верата е со новата католичка додавка филиокве, католичкиот катехизис, а не православниот се предава во нивните училишта, а православните догми се целосно напуштени. Како одговор на новонастанатата ситуација Цариградската патријаршија попуштила и го назначила за Кукушки владика Партениј Зографски и како резултат на неговата дејност, Унијата била речиси уништена. Повторното возобновување на Кукушката унија било покренато тогаш кога Грците, не грижејќи се многу за тоа какви ќе бидат последиците, со разни местенки и клеветења, го смениле владиката Партениј. Оваа унија е доволен доказ дека догмите на црквата не се пишано слово на хартија, ниту прашање на некаков меѓусебен договор, туку начин на живот и духовно подвижништво. Македонските унијати, со тек на време, напуштајќи ги православните догми, почнале по дух и вероисповед воопшто да не се разликуваат од римокатолиците од Шпанија или Италија. Анализирајќи ги овие факти, не можам да разберам што всушност се прославуваше на овој јубилеј. Денес, првенците на македонската унија, изјавија во Струмица дека тие го прославуваат и се потсетуваат на нивното враќање кон корените, онаму каде биле пред илјада години, што буквално значи дека го слават нивното покатоличување, иако иницијаторите на унијата во 1859 г. ни оддалеку немале таква намера. Дејноста на Владиката Партениј Зографски докажува дека Унијата не била направена од верски, туку од чисто политички причини. Ако тие се легитимни наследници на Кукушката унија, тогаш според 12-та точка од договорот, нивниот епископ би требало веднаш да го напушти Рим и да се врати со своето паство онаму каде што претходно припаѓал, Во спротивно би требало да си изберат нов ден за славење, кога ќе го празнуваат своето преминување во католичка вероисповед. Така ќе бидат чесни кон оние што од сосема поинакви побуди ја формирале Унијата и за која, очигледно, не биле доволно свесни и далековиди какви радикални последици со себе носи.
МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ †Агатангел (Станковски) |
< Претходно | Следно > |
---|