Светиот великомаченик Димитриј |
9.11.2009. | |
На празникот на светиот великомаченик Димитриј Солунски, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тмотеј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, архимандритот Нектариј и бројно свештенство отслужи Света Божествената Литургија во храмот посветен на овој светител во Кавадарци.
На Божествената Литиргија присуствуваа голем број на верници од Кавадарци и од неговата околија, кои традиционално секоја година молитвено му се поклонуваат на Светиот великомаченик Димитрија и го молат за застапништво на нивните души пред престолот на Господ Бог. На Литургијата верниците се причестија со Телото и Крвта Христови, а потоа Митрополитите и свештенството осветија вода и ги прекршија славските колачи.
Митрополит Тимотеј Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Драги браќа и сестри,
Денешното евангелско четиво за богатиот човек и сиромавиот Лазар, скоро на сите ни е многу добро познат. Исто така ни е познато дека тоа е истовремено многу содржајно, и е наменето на сите епохи за поука, па и за нас кои живееме на почетокот на 21 век. Ова приказна која не враќа во древни времиња, има многу длабока смисла, независно што е кажана на другата страна на светот и во сосема друга временска епоха. Но се она што излегло од устата на нашиот Спасител, било речено за векови, и должно е во сите времиња да се прима од нас, како христијани како укажување за нашиот сериозен живот на земјава. Дефинитивно, смислата на овој расказ не е заклучокот дека оние што страдаат на земјава ќе уживаат на небото, и оние што живеат богато на земјава ќе страдаат на небото. Што е особено важно во ликот на богатиот човек и Лазара? Не тоа што едниот е богат а другиот сиромав, туку што кај нив богатството и сиромаштвото им се дадени како средство за искушение и проверка. Може ли богатиот да се најде во прегратките на Авраама? Дефинитивно дека може. Не било потребно да не се облекува опорфира и свила, доволно било понекогаш да го помага сиромавиот Лазар и многу други сиромаси кои постоеле во негова непосредна близина. Исто така било корисно да се посрамел од неговото големо богатство и да ги залечил раните на болниот Лазар и на многу други како него што постоеле во тоа време, бидејќи во тоа време немало здравствени осигурувања и социјални грижи како во наше време. Да се обидел да го прераспредели своето богатство, со тоа ќе го исполнил својот долг кон Бога, ќе ја исполнил и заповедта што Господ ја дал преку Мојсеја на целиот свет. Но богатиот човек не го направил сето тоа. Тој бил по човечки разум просто горд што е богат, и се радувал на животот и се веселел што не е сиромав како Лазара и многу други како него. Дефинитивно на богатиот човек му било многу тешко да го исполни долгот кон Бога, но главен негов грев е во тоа што богатството му постанало опседеност кое го терало на зло, не само искушение, туку просто го терало на гордост и уживање во него. Но, со што бил даруван сиромавиот Лазар? Неговата болест, и сиромаштво дали биле дадено средство за да спечали рајско блаженство? Не! Негова болест и сиромаштво не биле исполнети ниту со завидливост ниту пак со злоба кон богатиот, не бил исполнет со непријателства и пакости во неговиот живот како што знаат многу луѓе сиромаси и болни овде на земјава да се хранат со овие нешта, па така покрај тоа што страдаат тука на земјава се лишуваат и од царството небесно поради овие особености. Ете гледаме дека не е сиромаштвото само по себе туку благородноста, и достојно да ја прими и поднесе таа сромаштија му помага да се спаси, и на бедниот му дава можност да го исполни својот долг кон Бога. Кога е тој во сиромаштво, а го сочувува своето човечко достоинство, кога е тој во сиромаштво, но не завидува и не го мрази богатиот. Со смиреност и трпеливост ги поднесувал своите болки и страдања и сиромавиот Лазар, одржувајќи ја моралната победа и на самиот себе, и покрај тоа, вистина е дека не му било лесно да биде болен и да е гладен, кога покрај него гледа здрав и богат човек, КОЈ ВО СВОЈОТ занос и гордост не само што го презирал сиромавиот и болниот, туку го оттурнувал од својот дом, со тоа си ја оттурнал среќата да спечали царство небесно ако пришол и му помогнал на сиромавиот Лазар. Подеднакво е искушението како кај богатиот богатството, така и кај сиромавиот сиромаштвото, потребно е и неопходно е да се помни и да се исполнуваат заповедите Божји. Кога ние си спомнуваме за земниот живот на Христос не го познаваме како бескуќник, каков всушност Тој и бил, туку ни се преставува како човек Кој има достоинство на човек подобно на Бога. Ова сознание, дека овоплотениот Господ го поминал патот на сиромаштијата но со достоинство на богат, и дефинитивно пак, збогатени со духовно богатство, за сите нас тоа е најважен стимул во нашиот живот. И денешниот свети великомаченик Димитрие бил силен и моќен, но, сето тоа го презрел за Христа и пострадал за верата православна со што се потврдил како вистински војник Христов. Затоа, пак, светата Црква го слави низ сите векови по неговата смрт. Драги браќа и сестри, и ние кои го прославуваме името Божјо и Неговите свети угодници да се поучиме од денешното Евангелско четиво, па нашиот живот да го живееме со човечко достоинство и со христијанска свест, што подразбира сите убавини и маки, сите болести и страдања, сите радости и веселби, достоинствено и христијански да ги поднесуваме, како и сиромаштијата и богатството, кои можат да не следат во нашиот живот без жалење и преголемо овоземно насладување, да не си дозволуваме и да ги примаме како Божјо допуштање за наше испитување, дали ќе ги примиме како што од нас бара Господ Исус Христос и светата Црква. Сиромаштијата без тага и завист кон богатите, а пак, богатството да го ползуваме за прослава на Бога и помагање на ближните а со тоа да спечалиме вечен живот и царство небесно. Да се помолиме и на свети великомаченик Димитриј, тој да ни биде покровител и заштитник во сите денови од нашиот жи-вот. Амин.
08.11.2009 година, 22 недела по Педесетница, Кавадарци, црква „Св. вмч. Димитриј“
|
< Претходно | Следно > |
---|