Вечерна Богослужба во чест на Светиот пророк Илија |
2.08.2007. |
Вечерна Богослужба во очи на најголемиот национален македонски празник Илинден....
Манастирскиот комплекс „Св. Илија“, кој се наоѓа во непосредна близина на градот Велес, како и секоја година и оваа година беше православниот христијански дом, во кој верниците од Велес и неговата околина традиционално го прославуваат големиот христијански празник посветен на Светиот пророк Илија. Со Вечерна Богослужба, со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, а во сослужение на бројно свештенство од Повардарската епархија и со бројни молитви за мир и благосостојба на македонскиот народ, како и со молитви за покој на небројните македонски синови и ќерки кои ги положија своите животи за националната и духовната слобода на македонскиот народ беше одбележано чествувањето на денот на Светиот пророк Илија. Сите овие чествувања од нашата национална и црковна историја, се сведоштво за нашата богата духовна и национална ризница и цврст темел за нашиот црковен и духовен опстој. Одбележувајќи ги овие темелни настани од нашето голготско опстојување, на сите верни чеда, во Македонија и ширум по светот, го честитаме националниот празник Илинден, со порака за мир и братољубивост, како меѓу нас, така и со сите луѓе. Нека ни е честит и вековит Илинден!
|