Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Црквата и Светиот Дух
15.10.2009.

 

М-р Дарко Милев

 

„Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими,

оти не Го виде, ниту Го познава;

а вие Го познавте, зашто во вас е и во вас ќе биде“

(Јован. 14, 17)

           

Важна улога во развивањето на православната еклисиологија секогаш имало преживувањето на Црквата како заедница (η κοινωνία) и полнота (το πλήρωμα) на и во Светиот Дух. Тоа разбирање се корени во Новиот Завет, најмногу заради благодатното дејство на Светиот Дух, Којшто дејствува од почетокот врз воплотената Божја икономија преку целиот живот на Христос на земјата до Вознесението и Педесетница, чијашто тајна (на Педесетница) ни го открива начинот, по кој Светиот Дух ги дава даровите (харизмите) на новиот живот во Христос; ја дарува Својата несоздадена благодат на секоја човечка личност, на секој член на Христовото Тело. Црквата е заедница на Светиот Дух (2 Кор. 13, 13), како што истакнал и апостолот Павле, и таа се објавува како заедница на светителите, коишто учествуваат по благодат во едното Тело Христово. Свети Григориј Богослов вели: „Од Светиот Дух започнува вистинското богословие“.  

Синот доаѓа од името на Отецот, та светот да Го познае и да ја објави и исполни Неговата волја. Светиот Дух доаѓа од името на Синот, за да сведочи за Него, за да го заврши и запечати со Своите дарови делото на Христос. Секоја божествена Ипостас учествува на Свој начин во истиот домострој на спасението. Христос е центарот, во кој се собираат сите линии и ако Он твори и од едните и од другите едно тело, тогаш ипостасите, човечките личности се многубројни. За многубројните начини на присуството на Светиот Дух во светот сведочи свети Максим Исповедник: „Светиот Дух присуствува во сите, затоа што сè оддржува, за сè промислува и ги поттикнува семињата на природата да растат. Тој присуствува при оние, коишто се потчинуваат на законот, кои ги предупредува при нарушувањето на заповедта и ги просветлува во однос на ветувањата, јавени во Христа...“

„Творението е осветено“, пишува свети Василиј Велики, „и Духот е Тој, Којшто осветува“. Па така и ангелите, архангелите и сите наднебесни сили ја примаат својата светост од Духот. Според зборовите на свети Василиј Велики светоста на Светиот Дух е својство на Неговата природа, коешто Он не го добива од друг, како што ја добива творението. Така, Он е свет по природа, како што Отецот и Синот се свети по природа“. Светиот Дух „осветува“, т.е. Он создава заедница (κοινωνία) на човекот со Бога и според тоа и на луѓето помеѓу нив како „заедница на светители“.

            Светиот Дух прави Црквата да биде икона, образ на Божјото Царство во историјата, и воедно благодарение на Неговото присуство и дејство е можно уште тука и сега да се доживее идното вечно постоење на светот. Со други зборови, во Евхаристијата светот ја предвкусува вечноста и Црквата го гледа таков, каков што тој ќе биде во Царството Божјо.

            Тајната на спасението е христолошка, но не и сехристова. Во својата книга за Светиот Дух свети Василиј Велики умесно ја определува свештената улога на Светиот Дух: „Творението не поседува никаков дар, којшто да не произлегува од Светиот Дух; Тој е Осветителот, Којшто нè соединува со Бога“. Прстот на Отецот, печатот на Синот, помазанието на Отецот и на Синот – Светиот Дух – сведочи за Синот, Го покажува, во одредена смисла Го воплотува („и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек“) и ги води сите при Христос. Црквата има божествена мисија кон светот. Таа не Го прима Духот заради себе, туку за да го исполни Божјиот план во човечката историја и во целиот космос.

Светиот Дух ì ја приопштува есхатолошката димензија на Црквата, којашто го иконизира Царството Божјо, затоа што само во Телото Христово присуствува изобилството на благодатните дарови на Духот и само во Него се предвкусуваат плодовите на есхатолошкото совршенство. „Хранејќи се со нив (Телото и Крвта Христови), - вели Теодор Мопсуетски, - ние ја добиваме благодатта на Светиот Дух, којашто се излива во нас и нè прави бесмртни и нетлени по надеж. Така на неопислив начин ние веќе имаме дел од идните богатства. И кога ќе дојде крајот на светот, ќе бидеме хранети со благодатта на Светиот Дух без (светите) тајни и знаци и ќе станеме потполно бесмртни, нетлени и неизменливи... Тогаш нема да имаме потреба од символи и образи; во присуството на веќе придобиената реалност ќе исчезнат знаците, коишто ја одбележале надежта“. Така во мислата на свети Василиј Велики Пневматологијата – во нејзината органска врска со Христологијата и Еклисиологијата – создава еден благодатен контекст на новиот живот во Христос како опитно потврдување на еклисиолошкиот начин на постоење во Христовото Тело.

Без Светиот Дух Црквата е незамислива, невозможна. Он пребива вечно во неа. Црквата е Тело Христово, а благодарение на Светиот Дух - и тело духовно, духовен дом („и вие сами, како живи камења, изградувајте од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа“ (1. Петр. 2, 5). Ако Црквата едноставно беше една соборна заедница – дури и само од учениците на Спасителот – во Негово име, но без Светиот Дух, тогаш таа би била само тело, една историска заедница, но во никој случај не би била Христово Тело, затоа што Светиот Дух ја прави Црквата животворна заедница на верните во Исуса Христа.

 

 
< Претходно   Следно >