Зошто и како треба да се чита Светото Писмо |
15.10.2009. | |
Архимандрит проф. др. Јустин Поповиќ
Светото Писмо е донекаде биографија на Бога во овој свет. Во него Неописливиот се опишал Себеси. Светото Писмо на Новиот Завет е биографија на воплотениот Бог во овој свет. Во него е опишано како Бог, за да се покаже Себеси на луѓето, Го пратил Бога Логосот, Кој се воплотил и станал човек и како човек им кажал на луѓето сè што Бог има, сè што сака Бог со овој свет и со луѓето во него. Бог Логосот го открил планот Божји за светот и Божјата љубов кон светот. Бог Словото им кажал на луѓето со помош на зборови, доколку зборовите човечки можат да го опфатат неопфатливиот Бог. Сè што му треба на овој свет, и на луѓето во него – Господ го кажал во Светото Писмо. На сите прашања Он во него дал одговори. Нема прашање, што може да ја мачи човечката душа, а во него т.е. во Светото Писмо да не е даден посреден или непосреден одговор. Луѓето не можат да измислат повеќе прашања, отколку што има одговори во Светото Писмо. Ако не најдеш одговор во Светото Писмо на некое свое прашање, значи дека, си поставил бесмислено прашање, или не си умеел да го читаш Светото Писмо и од него да го прочиташ одговорот. Во Светото Писмо Бог кажал: 1) Што е светот; од каде е; зошто постои, каде оди, и како ќе заврши; 2) Што е човекот; од каде доаѓа; каде оди; од што е, заради што е и како ќе заврши; 3) Што се животните, што се растенијата; заради што се; за што служат; 4) Што е доброто; од каде е; каде води; заради што е; како се добива; 5) Што е злото; од каде е; како постои; поради што постои – како ќе заврши; 6) Што се праведниците и што се грешниците; како од грешник се станува праведен и од возгордеан праведник – грешник; како се служи на Бога, а како на ѓаволот; сиот пат од доброто до злото, од Бога до ѓаволот; 7) Сè – од почеток до крај; сиот пат човеков од телото до Бога, од зачетокот до неговото воскресение од мртвите; 8) Што е историјата на светот, историјата на небото и земјата, што е историјата на човештвото; нивниот пат, цел и завршеток. Значи, Бог во Светото Писмо на луѓето им кажал сè што требало да каже. Во Светото Писмо се наоѓа биографијата на секој човек, на секој без исклучок. Во него секој од нас може да се најде детално, подробно опишан и прикажан; сите свои добродетели и мани кои ги имаш и кои може да ги имаш и да ги немаш; ќе ги најдеш патиштата по кои душата твоја и сечија, оди од грев кон безгрешност и целиот пат на човекот до Бога и од човекот до ѓаволот. Ќе најдеш начини како да се ослободиш од гревот, ќе ја најдеш, со еден збор, целата историја на гревот и грешноста, и целата историја на правдата и праведникот. Ако си тажен, во Светото Писмо ќе најдеш утеха; ако си нажален – радост; ако си гневен – скротување; ако си сладострастен – целомудрие; ако си немудар – мудрост; ако си лош – добрина; ако си злосторник – милост и правда; ако си човекомразец – љубов. Во него ќе најдеш лека за сите свои пороци и маани и храна за сите свои добродетели и подвизи. Ако си добар, Светото Писмо ќе те научи како да станеш подобар и најдобар; ако си чувствителен, тоа ќе те научи на ангелска нежност; ако си паметен, тоа ќе те научи на мудрост. Ја сакаш ли убавината и музиката на стилот и зборовите, - нема поубава и подопирлива, од онаа што ја има во книгите на Јов, и Исаија, и Соломон, и Давид, и Јован Богослов, и Апостол Павле и др… Тука музиката, ангелската музика на вечната Божја вистина се облекла во човечки зборови. Колку повеќе човекот го чита и изучува Светото Писмо, сè повеќе и повеќе наоѓа причини што подолго и непрекинато да го изучува. Според зборовите на Свети Јован Златоуст, тоа е како миризлив корен, што колку повеќе го лупиш, толку повеќе мириса. Колку што е важно тоа што треба да се чита Светото Писмо, исто толку е важно да се знае како треба да се чита Светото Писмо. Светите отци, на чело со светиот Златоуст, се најдобри водачи во тоа. Свети Јован Златоуст, речиси го напишал петтото Евангелие. Светите отци препорачуваат сериозна подготовка за читање и изучување на Светото Писмо. Во што се состои таа подготовка? Најпрво во молитва. Моли се на Господа да ти го просвети умот – да ги разбираш зборовите на Светото Писмо, и да ти го облагодати срцето – за да ја почувствуваш вистината на тие зборови и живот. Биди свесен дека тоа се зборови Божји, што Он лично ти ги зборува и кажува. Молитвата споена со останатите евангелски добродетели најдобро го оспособува човекот за разбирање на Светото Писмо.
А како да го читаме Светото Писмо?
Молитвено, со стравопочит, зашто во секој збор има по една капка вистина, а сите зборови – сочинуваат бескраен океан на Вечната Вистина. Светото Писмо не е книга, туку живот; зашто неговите зборови се – дух и живот (Јован 6, 63), затоа и можат да се сфатат ако ги направиме дух на својот дух, и живот на својот живот. Тоа е книга која се чита со животот – со практикување. Првин треба да се доживее, па да се разбере. Тука важи она слово на Спасителот: „ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога“ (Јован 7, 17). Твори за да разбереш. Тоа е основното правило на православната егзегеза. Во почетокот човекот обично брзо го чита Светото Писмо, па потоа поспоро, за најпосле да почне да чита збор по збор, зашто во секој збор открива – бескрајна вистина и неискажлива тајна. Секој ден прочитај најмалку по една глава од Стариот и Новиот Завет, но паралелно со тоа практикувај и по една добродетел. Практикувај додека не ти прејде во навика. Да речеме, првин простување на навредите. Тоа да ти биде секојдневна должност. И покрај тоа моли се на Господа: Господи благ, дај ми љубов кон оние кои ме навредуваат!... И кога таа добродетел ќе ја претвориш во навика, потоа ќе ти биде полесна секоја друга по неа, и така по ред до последната. Главно е, да го читаш Светото Писмо што повеќе. Она што разумот не може да разбере, срцето ќе го почувствува; а ако разумот не разбира, ни срцето не чувствува, тогаш ти сепак читај, зашто со читање ги сееш зборовите Божји во својата душа: а тие таму нема да пропаднат, туку постепено и незабележливо ќе преминат во природата на твојата душа и на тебе ќе се исполни словото на Спасителот за човекот кој фрлил семе на земјата, и спие и станува ноќе и дење, и семето никнува и расте, а тој не знае (Марко 4, 26-29). Главно е: сеј, а Бог е кој дава и прави посеаното да израсне (1. Кор. 3, 6). Само не брзај по успех, да не се покажеш сличен на човекот кој денес сее, а утре веќе сака да жнее. Читајќи го Светото Писмо ти внесуваш квас во тестото на својата душа и тело, кој постепено се шири, ја проникнува душата, додека не ја проникне целата душа и не се закваси со евангелската вистина и правда. Во секој случај, приказната на Спасителот за сејачот и семето може да се примени на секого од нас. Во Светото Писмо ни е дадено семето на Божјата Вистина. Читајќи го, ние тоа семе го сееме во својата душа; и тоа паѓа и на каменити и на трнливи места во душата, а по малку и на добрата почва на нашите срца, - и донесува плод. А кога ќе го погледнеш и ќе го вкусиш родот, - ти од сладост и радост ќе посакаш и каменитите и трнливите места на својата душа да ги искршиш и да ги изораш, а потоа и да ги засееш со семето на зборовите Божји. Знаете ли кога е човекот мудар во очите на Христос Господ? – Кога ги слуша Неговите зборови и ги исполнува. Почеток на мудроста – е слушањето на зборовите Божји (Мат. 7, 24-25). Секој збор на Спасителот има моќ и сила да исцели и физички и духовни болести. „Кажи збор и ќе оздрави слугата мој“ (Мат. 8, 8). Спасителот кажа збор и оздраве слугата на стотникот. Како некогаш така и сега Господ непрестајно ги кажува Своите зборови, и тебе и мене и на секого од нас. Наше е само да застанеме, да се задлабочиме во нив и да ги примиме со верата на стотникот. И ќе се случи чудо со нас и ќе оздрави душата наша како што оздравел слугата на стотникот. Зашто во Евангелието е напишано и ова: „Доведоа при Него мнозина бесни, и Он со еден збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни“ (Мат. 8, 16). Тоа Он го прави и денес, зашто Господ Исус Христос е ист и денес и во вечни векови (Евр. 13, 8). На страшниот суд ќе им се суди на сите кои не ги слушаат зборовите Божји и потешко ќе им биде на судниот ден отколку на Содом и Гомор (Мат. 10, 14-15). Внимавај, на страшниот суд ќе се бара од тебе да дадеш отчет, што си направил со зборовите Божји, дали си ги слушал и си ги прифаќал, дали си им се радувал или си се срамел од нив. Ако си се срамел од нив, и Господ ќе се посрами од тебе кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели (Марко 8, 38). Постојат малку човечки зборови кои не се пусти и празни, затоа и малку се оние, поради кои нема да бидеме осудени (Мат. 12, 36). За да го избегнеме тоа треба да ги учиме и да ги научиме зборовите Божји од Светото Писмо, да ги направиме свои, зашто Бог затоа им ги соопштил на луѓето, за тие да ги усвојат, а преку нив и самата Божја Вистина. Во секој збор на Спасителот има повеќе вечност и неминливост, отколку во целото небо и во целата земја со севкупната нивна историја. Затоа Он рекол: Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат (Мат. 24, 35). Тоа значи: во зборовите на Спасителот е Бог и сè што е Божјо и затоа не може да преминат. Ги прифати ли човекот, тој станува понеминлив од небото и земјата, зашто во нив е силата која го обесмртува човекот и го прави вечен. Изучувајќи ги зборовите Божји, и исполнувајќи ги, го прави човекот – сродник на Господ Исус. Он Самиот го објавил ова кога ги кажал зборовите: „Мојата мајка и Моите браќа се оние, што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат“ (Лука 8, 21). Тоа значи: ги слушаш ли, ги читаш ли зборовите Божји – ти си половина брат Христов, ги исполнуваш ли – ти си целосно брат Христов. А тоа е радост и привилегија поголема од ангелската. Со изучување на Светото Писмо низ душата се разлева некакво блаженство, кое не личи на ништо земно. За тоа зборува Спасителот кога вели: „Блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат“ (Лука 11, 28). Голема е тајната на словото. Толку е голема што само второто лице на Света Троица – Господ Христос – се нарекува во Светото Писмо: Слово = Логос. „Бог беше Словото“ (Јован 1, 1). Сите зборови кои доаѓаат од тоа вечно и апсолутно Слово, полни се со Божествената Вистина, Вечност и Правда. Ги слушаш ли – Бога го слушаш, ги читаш ли – ги читаш непосредно зборовите Божји. Бог Словото стана тело, стана човек (Јован 1, 14), и тепкавиот и нем човек изговори зборови на вечна вистина и правда Божја. Во зборовите на Спасителот има некој сок на бесмртност, кој со читање на словата Негови, капка по капка, капнува во човечката душа, и ја оживува од смрт во живот, од минливост во неминливост. Тоа Спасителот го објавува говорејќи: „Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној, Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, а преминал од смрт во живот“ (Јован 5, 24). Тоа значи дека, со слушање и изучување на словото Божјо, се учиш на бесмртност и вечност, се учиш на бесмртен и вечен живот, а ако веруваш во нив со полна вера – веќе си научил што е живот вечен и си преминал од смрт во живот. Затоа Спасителот категорично тврди: „Вистина, вистина ви велам: кој ќе ги запази зборовите Мои, нема да види смрт довека“ (Јован 8, 51). Секое слово Христово е полно со Бога, затоа, кога ќе влезе во човечката душа, ја очистува од секоја нечистотија. Од секое Негово слово излегува сила, која очистува од грев. Затоа Спасителот на Тајната вечера им зборува на Своите ученици, на тие непрестајни слушатели на словата Негови: „Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал“ (Јован 15, 3). Сè што е напишано во Светото Писмо, тоа Господ Христос и Неговите апостоли го нарекуваат: Слово Божјо, Слово Господово (Јован 17, 14; Дела 6, 2; 13, 46; 16, 32; 19, 20; 2.Кор. 2, 17; Кол. 1, 15; 2.Сол. 3, 1) и ако како такво не го читате и не го примате, ќе останете во мракот на тепкави и неми човечки зборови, празни и пусти. Секое слово Божјо – полно е со вистина Божја, кое кога ќе влезе во душата, ја осветува за цела вечност. Затоа Спасителот се обраќа во молитва до Својот Отец небесен: „Освети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина“ (Јован 17, 17). Во секое слово на Спасителот има многу натприродно и благодатно; и тоа е она што ја облагодатува душата на човекот, кога ќе ја посети Христовото слово. Затоа светиот апостол целиот домострој на спасението го нарекува „Слово на Божјата благодат“ (Дела 20, 32), „Слово на вистината“ (Ефес. 1, 13), „Слово на животот“ (Филип. 2, 16). Како жива, благодатна сила, словото Божјо дејствува во човекот чудотворно и животворно, ако човекот го слуша со вера и го прима со вера (1.Сол. 2, 13). Сè е опогането од гревот, но сè се очистува – со словото Божјо, и молитвата, сè – секое создание од човекот до црвот (1.Тим. 4, 6). Со Вистината, која ја носи во себе, со Силата која ја има во себе, словото Божјо е поостро од секаков меч и поминува до разделување на душата и духот, главата и мозокот, и им суди на мислите и помислите на срцето (Евр. 4, 12). Нема ништо тајно пред неа и за неа. Затоа што секое слово Божјо има во себе од вечното Слово Божјо - Логосот – поседува духовна сила да ги раѓа и преродува луѓето. И раѓајќи се од неа, човекот се раѓа од Вистината. Оттука и светиот апостол Јаков им пишува на христијаните, дека Бог Отецот ги раѓа со Словото на вистината (1, 18), а свети Петар им вели дека се преродени со словото на живиот Бог, кое останува за навек (1.Петр. 1, 23). Сите Божји слова, кои Бог им ги кажувал на луѓето, доаѓаат од вечното Слово – Логосот, Кој е Слово на животот и дава живот вечен. Живеејќи со тоа Слово – човекот се оживува себеси од смрт во живот, исполнувајќи се себеси со вечен живот – човекот станува победник над смртта и учесник во природата Божја (2.Петр. 1, 4), и блаженството негово не ќе има крај. Во сето ова главни се и најглавни се верата и чувствувањето на љубов кон Господа Исуса, зашто под топлината на тоа чувство се отвора тајната на секое слово Божјо, како што под топлите сончеви зраци се отвора пупката на миризливиот цвет. Амин!
Превод: Васил Ристовски, студент на Теологија Наслов на изворникот: Зашто и како треба читати Свето Писмо, (Предавање оца Јустина, професора и васпитача Богословије 22 децембра 1929 године) www.svetijakov.org |
< Претходно | Следно > |
---|