Може ли да се спасиме без да одиме во црква? |
15.10.2009. | |
Може ли да „веруваме во душата“, да бидеме луѓе добри по природа и да се спасиме, без да одиме во црква и без да постиме?
Протоереј Сергиј Николаев
Човекот може да живее пристојно и чесно, но да се спаси без Црквата е невозможно. Оној кој се надева да го достигне Царството Небесно со своите сили, сличен е на оној, кој дома прочитал учебник за управување со авион и мисли, дека може самостојно да прелета до потребното место.
Спасителот дојде во овој свет и пострада во него за да ја создаде Црквата. „Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Мат. 28, 20), - ни вети Он. И навистина, Он постојано е со нас, во црковните таинства. Пред сè, во Тајната на Причестувањето, во која ние на таинствен начин се соединуваме со Христа. „Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6, 53-54 ), - ова ветување на Спасителот, запишано од сведоците, можеме да го прочитаме во Евангелието.
Човека не го спасуваат ни чесниот живот, ни делата, затоа што тогаш непотребно би било Синот Божји да се воплотува и да страда. Човека го спасува Самиот Господ. Но како? Преку благодатта, која му се дава во Црквата. Според зборовите на светителот Филарет Московски, како што на човекот за да се роди на земјата му е неопходна мајчината утроба, така за неговото духовно раѓање неопходна му е духовната утроба на мајката Црква.
„Да се верува во душата“, а да не се биде член на Црквата, е исто како да се носи фотографија од саканиот човек во џебот, а истовремено да се избегнува средба со него. Таквиот „роман“ има несреќен крај. „Надвор од Црквата нема духовен живот и духовно живи луѓе“, - пишувал светиот Теофан Затворник. Тоа, што многумина го прифаќаат како духовен живот „без посредници“, е всушност само збир на емоционално-интелектуални доживувања во комбинација со религиозно-животни атрибути. Разговор за Бога со чај, со свеќи и под икони.
Превод од руски јазик: Миле Иваноски, апсолвент на Руски јазик Наслов на изворникот: Протоиерей Сергий Николаев, Можно ли „верить в душе“, быть добрым по натуре человеком и спастись, не посещая храм, не соблюдая постов? http://www.hram-st.obninsk.ru
|
< Претходно | Следно > |
---|