Спомени за Старец Јероним Егински |
21.07.2009. | |
Спомени за Старец Јероним Егински Архимандрит Пантелејмон Метропулос
Цели дваесет и пет години поминаа оттогаш, кога го запознав блажениот старец Јероним, и толку голем впечаток ми остави нашата прва средба, така што ја паметам како да беше вчера. Беше лето во 1960 година. Дојдов во Грција со група поклоници од Америка. Првин отидовме во Ерусалим и на богоходимата гора Синај, а потоа дојдовме во Грција за да одиме, само мажите, на Света Гора. Тогаш бев млад, дваесет и пет години, новоракоположен ѓакон. И поради тоа што имав поминато доволно време и на Света Гора и во Ерусалим, оваа група поклоници ме зеде за водач. Кога дојдовме во Атина, телефонирав кај семејството на господинот Панаго Д. Патерас (подоцна монах Ксенофонт), кои дотогаш не ги познавав, за да им пренесам поздрави од еден клирик од Америка, којшто ги познаваше. Тогаш домаќинката, госпоѓа Катинго Патерас (подоцна монахиња Марија Миртидиотиса) ми рече дека поздрави не се пренесуваат по телефон и дека е подобро да отидам кај нив дома. По голем труд ја најдов нивната голема куќа, зашто беше црна темница (кога конечно успеав да ја најдам нивната куќа во Палео Психико, веќе се беше стемнило). Таму дознав дека имаат болна ќерка во Егина, во манастирот на светиот великомаченик Мин. Семејството ме покани да ја посетам нивната ќерка (подоцна блажената монахиња Ирина Миртидиотиса). Иако на почетокот не прифатив, зашто имав многу малку време во Атина, конечно попуштив пред нивните молби и се согласив наредниот ден да одам на Егина со г-ѓа Патерас. Како и обично, госпоѓата доцна слезе во Пиреја така што го пропуштивме бродот, па моравме да земеме друго бротче подоцна. Госпоѓата дојде со една Терапенида (сега монахиња во манастирот Благовештение на Инуси) и со безбројни кошници, полни со ореви, смокви и други прехранбени продукти. Кога конечно стигнавме во Егина, госпоѓата Патерас ми рече: „Првин ќе поминеме кај еден старец, за да му оставам некои работи, а потоа ќе продолжиме кон ,Свети Мин‘“. Јас не реков ништо, ама гледав дека денот веќе одминува и дека не беше можно во истиот ден да се вратам во Атина. Конечно фативме такси, и откако ги натоваривме сите кошници и пакети тргнавме, првин кај старецот, дури потоа кон „Свети Мин“. Овде би било добро да кажам дека за старецот немав ништо чуено. Егина прв пат ја посетив во есента, 1956 година, кога дојдов прв пат од странство во Грција. Целта ми беше да го посетам манастирот на свети Нектариј, каде што имав роднина по мајка, старицата Евгенија (Генимата), веќе упокоена. Тогаш имав дваесет и една година и одев за Света Гора. Но не слушнав ништо за старецот, ниту тогаш, ниту подоцна. И сега, одејќи со госпоѓата Патерас, не очекував да сретнам некој посебен човек. Грција е полна со манастири и исихастириони. Така што мислев дека ќе видам некое обично старче, по патот кон манастирот „Свети Мин“. Но колку големо изненадување ме чекаше! Штом излеговме малку од градот на Егина, тргнавме по еден тесен земјен пат и по малку време стигнавме пред еден низок исихастирион. Растоваривме некои од работите и тропнавме. По малку време слушнавме чекори и се отвори портата. Гледам една ниска, слаба старица како ни посакува добредојде. Од нејзиниот изглед и говор сфатив дека беше од Истокот, од Мала Азија, зашто во Америка пораснав со луѓе од тие краишта, бегалци од катастрофата во 1922 година. Одејќи низ еден тесен ходник, веднаш почувствував умиление. Беше како ѕидовите и таванот и подот да зборуваат, да ми посакуваат добредојде со љубов и нежност, и да ми кажуваат за човекот кој живееше таму, дека е човек Божји. Крајот на ходникот водеше кон еден внатрешен двор – лево ќелијата на старецот и право црквичката на Благовештението. Во тој момент старецот се наоѓаше надвор од ќелијата и работеше нешто во дворот. Тоа беше двор полн со кутии, масички, алати, часовници и др. Веќе се стемнуваше и светлината беше слаба. Прво што видов беше лицето на старецот – како лице на ангел. Како да излезе еден зрак од неговото лице и да влезе во моето срце, и сиот се исполнив со умиление. Веднаш почнав да плачам, дури и пред да му целивам рака. Кога конечно му направив метанија и му целивав рака, забележав дека левата рака му недостасуваше. Подоцна разбрав дека ја изгубил. Такво умиление имав почувствувано во две други ситуации во мојот живот. Еднаш на Света Гора, кога прв пат го запознав старецот Јосиф Спилеот, во 1957 год., и подоцна, во 1958 год., кога го запознав авва Јован Румунски, во пештерите на Хозева, во Светата Земја. Оттогаш уште два пати почувствував такво умиление од запознавање со луѓе: во случајот со старецот Теодул Коронски, и од рускиот архиепискот Андреј, во манастирот Ново Дивеево, во Њу Јорк. Од умилението сфаќав дека немам работа со обичен човек, туку со богоносен старец – со човек во кого пребиваше Бог. Каков страв ме опфати тогаш! Тоа беше како да ме зашемети голем блесок. Страв и ужас, но истовремено радост и веселие. Страв поради гревовите – си велев, кај да се скријам – „камењата прибежиште на зајаците“. Радост, зашто најдов човек Божји – љубов, нежност, надеж, утеха. Се повлеков во еден агол на дворот, под една сенка, и тивко плачев. Среќа што старецот не ми зборуваше – ќе се растопев. Старецот добро ја познаваше госпоѓата Патерас и веднаш почна да зборува со неа. По зборувањето сфатив дека е од Кападокија. Во грлото ми се направи грутка, па и да сакав, не ќе можев да зборувам. Само стоев во полусенката, слушав и плачев. Госпоѓата му кажа дека сме само на поминување, и дека застанавме за да земе благослов и да остави некои работи. Исто така му кажа дека сум јероѓакон од Америка. Старецот ì кажа дека ќерка ì Ирина дошла два пати од „Свети Мин“, се виделе и разговарале за духовни теми. Во еден момент ì вели на госпоѓата: - Бог те љуби. Должни сме и ние да Го љубиме. - Не се сомневам, но имам многу проблеми и тешкотии, и со семејството и со болести. - Блазе си ти. Бог ти покажува многу љубов. Би сакал да те познавав пред болеста на мажот ти и на ќерка ти. - Зошто, старче? - Кажи ми, пред болестите и маките, го правеше ова? И со раката направи како да си ги црви усните. - Да, се шминкав! - И го носеше ова? И покажа кон увото и кон неговиот врат. - Да, и обетки носев и огрлици! - И косата си ја украсуваше и карти играше? - Да, старче. И косата си ја правев на фризер, понекогаш и карти играв на забавите со моите пријателки, и во казино одев одвреме-навреме! - Сега, како тоа не се шминкаш, и шамија носиш на главата, и во казино не одиш, туку само по цркви и манастири трчаш? - По толку болести и маки, луда ли сум да се дотерувам и да одам на забави, со болен маж, ќерка болна, и другата ќерка со домашни проблеми? - Те сака Бог, те сака. Затоа те ублажувам. Јас ниту еднаш не Му реков на Бога: „Христе мој, зошто?“ и во тој миг ја крена раката, која му беше пресечена до лактот. Бог ми ја зеде раката. Не ми била потребна. Подобро со една рака во рајот, отколку со двете во пеколот. Како што милува добриот ни Бог. Он ме љуби. Он знае што ми треба. Да, ниту еднаш не се пожалив, не реков, зошто да ми ја земе Бог раката. Му благодарам. И ти да Му благодариш. Да Го славиш Бога за сè. - Му благодарам, Старче, и Го славам. Но човек сум. Моли се за мене. - Сите ми велат да се молам за нив. Јас бедниот, грешниот, да се молам. Сега да се молам за госпоѓа Катина (така ја викаше госпоѓата Патерас). Како што беше исправен, ја подигна десната рака и очите кон небото, и со насолзени очи се помоли: - Исусе мој, најсладок Христе мој. Јас црвот, грешникот, Те молам за твојата слуѓинка Катина. Испрати Го Твојот Пресвет Дух во нејзиното срце, во нејзиниот ум, во нејзината душа. Просветли ја, вразуми ја, утеши ја, исцели ја, укрепи ја. Да, почуј ме Господи на милоста, не отфрлај ја мојата молитва. Додека го кажуваше ова, сфаќаш дека навистина се моли умно, лице в лице. Потоа се сврте кон госпоѓа Катинго и ì рече: - Бог ја слуша мојата смирена, скромна молитва. Сега ќе се сретне со госпоѓа Катина. Го зема телефонот. Ѕрн, ѕрн, ѕрн, продолжува да ѕвони. Телефонот ѕвони: ѕрн, ѕрн. (Велејќи го ова Старецот правеше како да зема телефон и да се јавува. Сето ова го правеше, се разбира, без да има телефон.) Телефонот ѕвони: ѕрн, ѕрн. Нема одговор. Катина ја нема, Катина спие. Телефонот ѕвони. Бог вика: „Катино, ќерко моја Катино“. Катина не ја крева слушалката. Катина ја нема, отишла на шетање. Добро, те прашувам, каква полза од сите овие процедури? Јас бедниот да се молам. Бог да добие врска (телефонска). Телефонот да ѕвони, а Катина да не крева слушалка. Сите присутни го слушавме ова и воздивнувавме, сфаќајќи што сака да каже старецот. Јас уште немав кажано ниту збор, ниту, пак, старецот ми имаше речено нешто. Се бев повлекол во еден агол, и само гледав и слушав. Во меѓувреме монахињата отиде да подготви нешто за да нè послужи. Ми донесе, вообичаено, локум и вода. А јас од умиление, како да земам нешто? Ја зедов чашата со вода и формално ја ставив до устата, шепотејќи: „Благословете“. Додека зборуваше старецот со госпоѓата, старицата почна да зборува со мојата грешност. Почна да ме прашува, од кај сум. Ì одговорив дека сум од Америка, ама замонашен сум на Света Гора. Ми рече дека го сфатила тоа по мојата скуфија, и потоа ме праша од кое братство сум. - Од братството на старецот Јосиф, во Неа Скити. - На кој старец Јосиф, Спилеот? - Да, на Спилеот. Има една година откако е упокоен. - Отецот Арсениј го познаваш? - Како не го знам, сега тој ни е старец. Тој е наследник, по упокојувањето на старецот Јосиф. - Отец Арсениј ми е брат. Тој ме замонаши. - И мене. - Значи ние сме духовни брат и сестра! Тогаш старицата почна да вика: - Слушаш ли, старче, овој младиов е од братството на старец Јосиф Спилеот. Го познава брат ми, отец Арсениј, тој му е и старец! Кажувајќи го ова со возбуда, старицата се расплака, зашто, како што велеше, повеќе од 20 години го немаше видено брата си. Пред војната отец Јосиф и отец Арсениј излегуваа од Света Гора и одвреме навреме се среќаваа со старецот Јероним. Старецот кога ја чу монахињата да вика, го прекина разговорот со госпоѓата Патерас и строго ì рече на старицата: - Калуѓерко, смири се! Слушаш за брат ти, и викаш и плачеш. Слушаш за Исуса, и ниту викаш, ниту плачеш. Го слушна името на брат ти, и веднаш се возбуди. Јас сакам да плачеш кога ќе чуеш за Исуса. Исуса да Го сакаш, и Неговото име да те трогнува. - Добро, старче, не Го сакам ли нашиот Христос? Сите Го сакаме нашиот Христос. Но и братот си е брат. А и не е световен. Калуѓер е, подвижник, борец. Да не го сакам брат ми? - Калуѓерко, Исуса да Го сакаме и само Него да Го имаме во нашите срца и во нашите умови. Името Исусово да го слушаме и да плачеме. Ниту родители, ниту роднини, ниту пријатели. Од нив немаме фајде. Господ Бог твој да Го љубиш, и само Нему да Му служиш. Тогаш се сврте кон мене и ми рече: - Ти си млад. Среде река си. И каде сакаш се вртиш, или на едната страна или на другата. Или се загреваш или истинуваш, во твоја рака е. Ако твојот старец пуши и ти ќе пушиш. - Што зборуваш, старче? - Му рече старицата. Пушат отците на Света Гора? Пуши братството на старец Јосиф? - Калуѓерко, јас реков, - ì рече строго старецот, и истовремено ме набљудуваше. И навистина, летото во 1960 год. бев среде река. Кога во есента, истата година, се вратив во Америка, епископот кај кого живеев веќе се имаше преселено во Канада, и ме молеше да одам со него, иако две години по моето враќање во Америка од Света Гора, не прифатив да ја кратам ниту брадата, ниту косата, ниту да го соблекувам расото, како што прават обично клириците во Америка, но ниту да одам по новиот календар. И постите и празниците ги држев по стариот календар. Но бидејќи во Бостон немаше грчка црква која служи по црковниот календар, се црквував за големите празници – Рождество, Богојавление, Благовештение, Преображение, Успение, и др. - во руските цркви. За среќа, кога се вратив во Бостон не отидов со епископот и си останав монах, и денес имаме манастир, и Го славам и Му благодарам на Бога за тоа. Старецот Јероним честопати кажуваше нејасни или смешни зборови за присутните, но за оној, кому што му беа упатени, имаа големо значење. Зачудувачки беше тоа што старецот имаше дар, да ì даде на конкретната личност да ја разбере смислата на неговите зборови, без да сфатат другите што сака да каже. Така и со она што ми го кажа мене: „Ако твојот старец пуши и ти ќе пушиш“; не мислеше на светогорските старци, туку на епископот, со кого живеев во Америка. И не стануваше збор за пушењето, зашто ниту епископот, кој веќе не е жив, не пушеше. Но во моментот кога ми го кажа тоа, веднаш ја сфатив смислата на она што сакаше да ми го каже. Внимавав на тоа и при другите средби со старецот. Ништо друго не ми рече, само добро ме изгледа. Заминувајќи му целивав рака (таксито нè чекаше) и прошепотив: - Отец, моли се за мене. Веднаш ми рече: - Не слушам. Исплашен, му реков по втор пат и со сиот глас, малку признателно: - Моли се за мене, старче свет. - Не слушам, ми рече по втор пат уште посилно. А јас за малку ќе се онесвестев. Колената ми затреперија. Си велев на себе, толку си грешен што старецот не сака ни да чуе да се моли за тебе. - Што ти е, христијанину мој, и сега ли не слушаш? - Му рече на старецот госпоѓата Патерас. Човеков бара од тебе да се молиш за него! - Слушај, тој е калуѓер. И самиот тој нека се моли. Двајца седат на една маса. Едниот јаде, а другиот гледа. Кој ќе се најаде? Се разбира, оној кој јаде. Јас ако се молам, ќе се наситам, но тој пак ќе си остане гладен. Јас сакам и тој да се насити, да не биде гладен. Вртејќи се кон мене, со радост и кротост ми рече: - Прости ми. Не сакам да те нажалам. Не сакам да си заминеш разжалостен. Јас ќе се молам за тебе, но и ти да се молиш за мене. Така и двајцата ќе се наситиме. Сега одете си со благослов од Христос и Богородица.
Оваа моја прва средба со старецот беше во летото, 1960 година. До неговиот крај, октомври 1966 год., го посетував честопати, кога доаѓав од Америка во Грција, значи секоја година, освен во 1961 год. Уште при првиот пат кога го запознав, сфатив какво богатство беше тој, и затоа имав голема почит и љубов кон неговата личност. Како Филип на Натанаил, така и јас им препорачував на мнозина да ме послушаат и да го запознаат старецот. Кога бев во можност, и јас лично носев некои, како што беше случајот со г. Александар Пападимитриу од издавачката куќа „Астир“. Најдов скапоцено богатство, и оние кои ги љубев, сакав и тие да добијат полза. Александар Пападимитриу и неговата скромна жена Марија, ги сакав како родители. По многу поттикнувања, еднаш отидовме заедно во Егина и го запознаа старецот. И брачниот пар и старецот се израдуваа од оваа средба. Старецот беше како мало дете од радост. На г. Алеко му зборуваше со изобилна љубов и нежност, за неговите духовни изданија, за духовниот живот, за љубовта кон Бога и кон ближниот и др. На г. Алеко му се допадна (дури и мустаќите му се смееја). Се гордееше како мало дете кога си играш со него или го фалиш. А на г-ѓата Марија не ì посвети големо внимание. И она малку што ì го кажа беше повеќе строго и студено. Тоа ми остави впечаток и не знаев како да си го објаснам. Г-ѓата Марија е нежна и префинета жена со изобилна љубов. Г. Александар е добар човек, христијанин, но премногу зафатен. Човекот имаше многу работа, обврски, грижи итн. Но старецот постапи спротивно, давајќи му чест на г. Александар. Така постапи зашто ја гледаше длабочината на човекот, а не надворешноста. Односот на старецот кон парот Пападимитриу ми остави впечаток, и оттогаш му посветував внимание на г. Александар, и забележав дека одговараше во сите ситуации и околности, семејни или не, и ја почитував искреноста на човекот и дека беше незлобив како мало дете. Тоа – се разбира и многу други работи – старецот веднаш ги сфати, па затоа толку радосно се однесуваше кон г. Александар. Г-ѓата Марија не се навреди зашто старецот нејзе не ì обрна внимание, туку попрво се израдува зашто старецот му посвети толку внимание на г. Алеко. Одеднаш старецот се сврте кон г-ѓа Марија и строго ì рече: - Ако твојот сопруг вечерва умре, што ќе правиш ти? Од самото слушање на такво нешто, г-ѓа Марија буквално потскокна и многу се исплаши. Ја смени бојата и почна да се крсти. - Ти уште од малечка многу се плашиш од смртта, ì рече старецот. Ама сите ќе умреме. Ние христијаните веруваме во воскресение и смртта повеќе нема власт над нас. Ти си христијанка, зошто толку се плашиш од смртта? Навистина, г-ѓа Марија имаше необичен страв од смртта, толку голем што не можеше да оди на погреб. Ако видеше мртовец, цела недела потоа ќе беше болна. Затоа, во случај на погреб, дури и на роднина, обично одеше г. Александар, а г-ѓа Марија седеше дома, палеше свеќи и се молеше. Но старецот не го знаеше тоа. Ниту, пак, некој му имаше кажано нешто за парот Пападимитриу. Ова им беше прва средба. По неколку совети за смртта, и за тоа, што значи да се биде христијанин и да се верува во воскресение, заврши нашата посета. Траеше малку повеќе од еден час. Побожно му целивавме рака, зедовме благослов и си заминавме. Во бротчето со кое се враќавме кон Атина, разговаравме за нашата посета. Сите тројца бевме полни со умиление и радост. Исполнети со духовна наслада, мир и радост. Невозможно беше да го посетиш старецот, а да не си заминеш спокоен, со утеха и надеж да треперат во тебе. Толку голема благодат имаше старецот, така што без исклучок, секогаш кога го посетував, светеше од тоа богатство. Ми рече г. Алеко: - Колку и да ми кажуваше, Пандели мој – а многу ми кажуваше за старецот – невозможно е да се опише човекот кого го запознавме. Должници сме ти затоа што нè поттикна и нè однесе и го запознавме. Денес бев во Тиваида, бев во Нитрија, и запознав еден од аввите, од оние кои ги има во Старечникот и во Житијата на светиите. Да ми го кажуваше ова некој, како што ти ми кажуваше, немаше да му поверувам. Сега, не поради она што ти ми кажуваше дека ти рекол, туку јас лично со свои очи видов и чув и запознав еден авва, како еден од оние, кои заблескаа во старо време. Потоа, кога си отидов во Америка, отиде г. Пападимитриу кај г. Александар Каломирос, кој дојде од Солун за да го запознае старецот. Така, од еден на друг, од уста на уста, доаѓаа мнозина и од Грција, а и од странство, и го гледаа старецот.
Превод од новогрчки јазик: Ѓакон Јани Мулев Наслов на изворникот: Π. Μπότσης, Γέροντας Ιερώνιμος ό Ησιχαστής της Αίγινας, Αθήνα, 2001.
|
< Претходно | Следно > |
---|