Донација за црковната кујна во Велес |
9.06.2009. | |
Друштвото „Вила Зора“ од Канада, во кое членуваат наши сограѓани, Велешани кои живеат во Канада донираше сума од 49.000 денари за потребите на Црковно-народната кујна во Велес. Читајќи го редовно нашиот сајт, како што не информираа, тие дошле до идеја да ги помогнат напорите на Повардарската епархија за опстојување на црковната кујна во која топол оброк дневно примаат околу 200 наши сограѓани кои се наоѓаат на работ на сопствената егзистенција.
Собраните 1.200 канадски долари, со кои тие одлучија да им помогнат на сиромашните сограѓани во Велес, ќе бидат наменски употребени за обезбедување на намирници за секојдневно функционирање на Црковно - народната кујна. Нашите иселеници во Kанада парите ги собраа на Велешката вечер во Онтарио што се одржа минатата недела. Тие се собраа за меѓусебно да се дружат и одлучија на настанот да му дадат хуманитарен белег. Така се собрани првите 49 илјади денари и во истовреме е испратена пораката дека ќе има и други донации. Ова е прв ваков случај нашите сограѓани во странство да се соберат на некоја манифестација и да донираат помош за Велес. Повардарската епархија им изразува голема благодарност на нашите иселеници во Канада за обезбедената донација.
|
< Претходно | Следно > |
---|