Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow ЗА АНГЕЛИТЕ
ЗА АНГЕЛИТЕ
28.04.2009.


 

СВЕТИ ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ

 

Sample Image

 

Како што сончевиот зрак од ведрото небо, откако ќе се сретне со облаците, од кои врне дожд, шири многубојно виножито, и целиот воздух наоколу блеска со непрекинати обоени кругови, така и природата на светлината во суштина се одржува на истиот начин, така што највишата Светлина со своите зраци постојано ги осветлува разумните духови. И изворот на светлината - Светлината неискажлива и недостижна, бега од умот кој ì се приближува, секогаш ја претрчува секоја мисла, за да можеме во своите желби постојано да се издигнуваме до нови височини. А второстепената светлина, по Троичната, која има царска слава, се светлозрачните невидливи ангели. Тие слободно се движат околу големиот престол, зашто се брзоподвижни умови, огнени и божествени духови, кои брзо летаат низ воздухот. Тие срдечно им служат на високите наредби. Тие се едноставни, духовни, опфатени со светлина, немаат потекло од тело (зашто секое тело тежнее кон распаѓање), и не влегуваат во тело, туку остануваат онакви, какви што се создадени. Сакам да кажам дека тие не можат да бидат победени од злото, но успеваат да го задржат брзиот коњ, стегајќи ги уздите на умот. Едни од нив стојат пред великиот Бог, други со своето содејство го поддржуваат целиот свет; и секому од нив од Царот им е дадено посебно началство (управа), та ги надгледуваат луѓето, градовите и цели народи, па дури и управуваат со разумните жртви на луѓето на земјата...

 

 

Sample Image
 

 

СВЕТИ ЈОВАН ДАМАСКИН

 

Ангелот е битие надарено со разум, кое постојано е во движење, слободно, бестелесно, кое служи на Бога, бесмртно по благодатта. Само единиот Творец го знае ликот на тоа битие. Бестелесно и нематеријално се нарекува во споредба со нас. Зашто сè, во споредба со Бога, со единиот неспоредлив, се покажува како грубо и нематеријално, зашто само единиот Бог, во строга смисла на зборот, е нематеријален и бестелесен.

И така, ангелот е разумна природа, надарена со ум и слободна волја, променлива по желба, односно, своеволно променлива. Зашто, сè што е создадено, тоа е и променливо; само она што е несоздадено, тоа е непроменливо; и сè што е разумно надарено е со слободна волја. Според тоа, ангелската природа, како разумна и надарена со ум, има слобода; а како создадена, променлива е, има власт да остане и да напредува во доброто, но и да се приклонува кон злото.

Ангелите не се способни за покајание, зашто се бестелесни. А човекот добил можност за покајание, поради немоќта на телото.

Ангелите се бесмртни, но не според природата, туку според благодатта; зашто сè што по природа има почеток, има и крај. Само единиот Бог е вечен, или поточно: Он е над вечноста, зашто Творецот на времето не зависи од времето, туку е над времето.

Ангелите се друга светлина, разумна, кои својата светлина ја позајмуваат од првата и беспочетна Светлина, кои немаат потреба од јазик и уво, зашто и без изговорен збор си ги соопштуваат едни на други своите мисли и одлуки.

Понатаму, сите ангели се создадени од Словото и достигнале совршенство од Светиот Дух со помош на осветувањето, а според мерката на достоинство и чин станале достапни за светлината и благодатта.

Ангелите се ограничени: зашто кога се на небото, нив ги нема на земјата; и кога Бог ги испраќа на земјата, тие не остануваат на небото, но нив не можат да ги задржат ни ѕидовите, ни вратите, ни бравите, ни катанците, зашто тие се неограничени. А неограничени ги нарекуваме поради тоа што тие, јавувајќи се по Божјата волја на достојни луѓе, не се појавуваат онакви, какви што се сами по себе, туку се преобразуваат според тоа, како луѓето можат да ги видат. Зашто, според природата и во вистинска смисла, неограничено е само несоздаденото, зашто секое создание се одредува од неговиот Создател - Бог.

Тие имаат осветување однадвор, а не од сопственото битие, туку од Духот; тие пророкуваат според Божјата благодат; ниту имаат потреба за брак, зашто не се смртни.

Бидејќи тие се умови, тие и се наоѓаат во места, кои само со умот можат да се сфатат, на телесен начин можат да се опишат, зашто според природата немаат форма, како тела, туку со духот присуствуваат онаму, кај што им е заповедано, и не можат во исто време да бидат овде и таму...

Дали се тие единствени според битието (суштината), или се разликуваат еден од друг, тоа ние не го знаеме. Тоа единствено го знае Бог, Кој и ги создал, и Кој сè знае. Но, тие се разликуваат еден од друг со светлината и положбата: или имаат степен кон светлината; или сообразно степенот учествуваат во светлината и се посветуваат еден на друг според големината на својот чин или природа. Јасно е дека повисоките ангели им ги предаваат светлината и знаењето на пониските.

Тие се моќни и подготвени да ја исполнат Божјата волја и поради брзината, која е вродена во нивната природа, моментално се јавуваат насекаде, каде што Бог им наредува; и ги чуваат областите на земјата, и управуваат со народи и држави (области), како што им заповеда Творецот, и раководат со нашите активности и ни помагаат. И воопшто, и според Божјата волја и според Божјата одредба, тие се над нас и секогаш се околу Бог.

Тие не се лесно наклонети кон зло, иако не се ни ненаклонети, но сега дури и ненаклонети, не по природата, туку по благодатта и по приврзаноста само кон доброто.

Тие го гледаат (созерцуваат) Бога, колку што им е дозволено, и тоа им е храна.

Бидејќи се повисоко од нас, како бестелесни и слободни од секоја телесна страст, тие сепак не се бестрасни, зашто само Бог е бестрастен.

Тие земаат лик, каков што им заповеда Господ Бог и во таа форма им се јавуваат на луѓето и им ги откриваат божествените тајни.

Тие живеат на небото и имаат едно занимање: да Го слават Бога и да ì служат на Неговата волја.

Како што говори најсветиот и највеликиот познавач на небесната ерархија - свети Дионисиј ареопагит, целокупното богословие, односно, Божјото писмо, именува девет небесни ангелски чинови. Божествениот свештенотајник ги дели на три тројни класи. Првата, како што тој говори, секогаш е околу Бога и, како што му е откриено, се наоѓа во најблиско и најнепосредно општење со Бога. Тоа е класата на шестокрилните Серафими, многуоките Херувими и најсветите Престоли. Втората класа ја сочинуваат Господствата, Силите и Властите, а третата и последна - Началата, Архангелите и Ангелите.

Некои говорат дека тие се создадени пред секоја творба, како што говори и свети Григориј Богослов: ,,Пред сè Бог ги замислил ангелските и небесните сили, и таа мисла се претворила во дело. А други говорат дека тие се создадени по создавањето на првото небо. Но, сите се согласни дека тие се создадени пред човекот да биде создаден. Сепак, јас се согласувам со Богословот, зашто пред сè, требало да биде создадена умна суштина, а потоа сетилна, а потоа од овие две суштини - човекот.

А оние, кои ги нарекуваат ангелите творци на било какви творби, не се ништо друго, туку уста на нивниот татко - ѓаволот. Зашто ангелите, како творби, не се творци. Создавач на сè, Промислител и Седржител е Бог, Единиот несоздаден, опеан и прославен во Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

 

 

СВЕТИ ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ

 

Ангелските сили, според мерката на својата љубов кон Бога, примаат и мерка на светост. И како што железото, кое е ставено во средината на огнот, не престанува да биде железо, па иако силно загреано до сличност со огнот, и примајќи ги во себе сите својства на огнот; и според бојата и дејството е слично на огнот, така и овие свети Сили, од заедничарењето и општењето со Светиот по природа, имаат во себе светост, која го опфатила сето нивно битие и се соединила со нивната природа. Нивната разлика со Светиот Дух е во тоа што, во Светиот Дух светоста е природа, а кај нив светоста е осветување по примањето од Светиот Дух...

 

Избор и превод од руски јазик:

Протоереј Златко Ангелески

 
< Претходно   Следно >