Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Предговор за II дел од стрипот за Мојсеј
Предговор за II дел од стрипот за Мојсеј
25.03.2009.


 

Во вториот дел од раскажувањето за Мојсеј, се опишани настаните кои се одиграле по излегувањето на избраниот народ од Египет и нивното патување до ветената земја.

Откако конечно излезе од Египет, под раководство на Мојсеј и Арон, избраниот народ долго време талкаше низ пустината. Но кога останаа без храна и вода тие почнаа да се бунтуваат и да негодуваат против Мојсеја. Тој, пак, се помоли на Бога за совет, и Бог како и секогаш им даде и вода и храна, но не во изобилие, туку само онолку, колку што им беше потребно за еден ден. Потоа Бог преку подигнатите раце на Мојсеја им помогна да ги победат Амаликијците. Кога стигнаа кај Синајската Гора, Мојсеј се искачи на врвот за да разговара со Бога, каде што Бог му ги даде на Мојсеја двете камени плочи со десетте Божји заповеди. Но бидејќи Мојсеј се задржа околу еден месец горе на врвот, народот се расколеба и побара од Аарон да им направи божество на кое ќе му се поклонуваат. Тој го собра сиот нивни златен накит, го растопи златото и им излеа златно теле, на кое тие му се поклонуваа и го обожуваа, и му оддаваа слава и почести како на божество. Кога слезе Мојсеј со плочите во раце ги скрши од гнев, затоа што народот беше склон кон идолопоклонство и маловерие. Малку беше отсутен Мојсеј, а тие веднаш заборавија сè што им направи Бог, ја заборавија Неговата грижа и промисла како за свои сакани деца. Оние кои најмногу згрешија, Бог ги казни со смрт.

По вторпат Мојсеј се искачи на Синајската Гора и Бог повторно му даде плочи со десетте заповеди. Кога се симна од гората лицето на Мојсеј блескаше, иако тој не беше свесен за ова, но сепак, луѓето го забележаа. Потоа тој им нареди, според заповедта Божја, да изградат Скинија (Шатор) каде што ќе го повикуваат името Божјо и каде што ќе принесуваат жртви на Бога. Таму требаше да се чуваат и плочите со заповедите во ковчегот на заветот. Сè требаше да биде направено според точни од Бога дадени мерки и упатства, и затоа Мојсеј избра вешти мајстори, кои требаше да ја направат скинијата. Сите луѓе помагаа во изградбата, секој колку што можеше и со што можеше. Откако беше изградена и беа посветени свештениците за да служат во неа, Бог во вид на облак слезе врз неа и ја освети. При патување ја собираа скинијата со сите нејзини делови и тргнуваа на пат, носејќи го напред ковчегот на заветот со десетте заповеди.

Но патот низ пустината ги истошти и тие повторно почнаа да се бунтуваат против Мојсеја, иако знаеја и гледаа, дека Бог ги води преку неговата рака. Бог се рагневи на непослушните Израилци, но Мојсеј се помоли за нив и го смири гневот Божји. Потоа стигнаа до Хананската земја и испратија свои извидувачи, кои имаа задача да го испитаат теренот и да видат дали можат лесно да го совладаат тамошниот народ и да ги освојат градовите. Но кога се вратија извидниците заборавија, дека Бог е со нив и постојано им помага, па сите, освен Исус Навин и Халев, се плашеа да се борат за таа земја. Бог се разгневи заради нивното маловерие и затоа им нареди, преку Мојсеја, да талкаат уште 40 години низ пустината, за во тој период да умрат сите кои се посомневале во Божјата помош, па дури нивните деца да влезат во ветената земја, заедно со Исус Навин и Халев.

Луѓето своеволно посакаа да се борат за Хананската земја, па и покрај тоа што Мојсеј им кажа, дека Бог нема да биде со нив, тие сепак отидоа. Во битката преживеаја малкумина. По ова повторно настана бунт во Израилот, предводен од Кореј и неговата група. Но Господ за да го спречи овој бунт, направи земјотрес и земјата се расцепи и ги проголта бунтовниците. Но непокорниот и непослушен народ пак почна да негодува против Мојсеја и Аарона, затоа што немаа вода за пиење. Тие се помолија на Бога и Он му заповедаше на Мојсеја со жезалот да удри по еден голем камен, за од него да потече вода за пиење. Мојсеј и Аарон го собраа народот пред каменот, но се посомневаа во Божјите зборови, дека од каменот ќе потече вода. И навистина кога Мојсеј со жезалот го удри каменот, од него потече вода, но Бог им се јави и им кажа, дека тие двајцата нема да влезат во ветената земја, затоа што се посомневаа во зборот Божји. По овие настани Аарон се упокои на планината Ор. Повторно следуваа негодувања од страна на Израилците, и казни од Бога за нивното неверие и непослушност. Царот моавски Валак се обиде да ги проколне со пророкот Валаам, но пророкот виде дека овој народ е благословен од Бога и четири пати се обидуваше да ги проколне, но од него излегуваа само благослови за избраниот народ.

По овие настани Мојсеј почна да го запишува сето она што Бог му го откриваше, и во исто време беше избран и нов водач на Израилот – Исус синот Навинов. Под неговото боговдахновено раководство Израилот влезе во ветената земја, а Мојсеј ја виде само оддалеку, без да влезе во неа (поради тоа што се посомневал, дека Бог ќе пушти вода од каменот), и потоа се упокоил.

Овој настан има и своја духовна смисла. Бог ги изведе Израилците од Египет под раководство на Мојсеј. Како што тие имаа потреба од раководител, иако знаеја дека лично Бог преку неговата рака ги води, така и ние денес имаме потреба од духовни раководители и наставници, кај кои ќе се исповедаме, и со кои ќе се советуваме за сите значајни прашања од животот. Тоа се нашите епископи и свештеници. Секој од нас треба да најде свој духовен раководител, кој, пак, треба да се одликува со побожен живот, и големо искуство во духовниот живот, не само да знае да зборува за Бога, туку, како и Мојсеј, да Го познава Бога лично, да разговара со Него во молитва лице во лице. Таквиот духовник ќе може да не раководи во нашиот богоугоден живот кон царството небесно. Наша должност е да ги сакаме и почитуваме духовните раководители и да се молиме за нив, за Бог нив да ги просветли за да можат точно да ни ја објавуваат волјата Божја, а не да ги осудуваме и оговараме. Но како што се гледа од овој старозаветен настан, сите ние сме склони кон распуштен живот, бунтување без причина, кон создавање на свои божества (како златното теле), на кои им се поклонуваме секојдневно: парите, власта, славата, раскошот, распуштеноста итн. Но лекот против оваа приврзаност е горчлив, како што се гледа и во стрипот. На нашиот пат кон царството небесно (ветената земја) ќе наидуваме на многу искушенија кои ќе ни се видат неподносливи, но да се сетиме на Израилците, кои заборавајќи Го Бога негодуваа против нивниот богоизбран водач, Мојсеј, па да не хулиме и ние на Бога и да не роптаме против нашите раководители, туку да имаме доверба во Бога и во неговите избраници, и да се препуштиме Бог преку нив да нè води. Но нашата вера треба да биде непоколеблива и постојана, за да се покажеме вистински достојни наследници на небесното царство, и да не завршиме како оние своеглави Израилци, кои умреа лутајќи во пустината, туку како оние, кои му беа постојано и целосно верни на Бога, и кои Бог ги удостои да влезат во ветената земја.

Од срце ви го препорачувам овој стрип, со надеж и убеденост дека неговата содржина ќе ви биде од голема полза, за да си најдете побожен раководител во духовниот живот, со чиешто боговдахновено раководство ќе стигнете безбедно до ветената земја – Царството небесно. Бог да ве благослови вас и вашите семејства.

 

Митрополит Повардарски

Агатангел (Станковски)

 
< Претходно   Следно >