Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Беседа во неделата на Св. Григориј Палама
Беседа во неделата на Св. Григориј Палама
18.03.2009.

 

Втора недела од Великиот пост – Недела на св. Григорије Палама

 

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Амин!

 

            Благочестиви христијани, денешното Свето Евагелие не поучува на Божјата семоќ и Неговата голема љубов кон оние што имаат искрена вера. Со таква вера живеел болниот – фатениот кој се спомнува во овој текст од Светото Евангелие за кого немало лек. Но Лекарот, кога дошол во неговиот град и Својот град Капернаум, им наредил на четвотицата свои луѓе, да го однесат каде што бил Лекарот, - Господ И. Х. Човекот, драги браќа и сестри страдајќи од болестите и немоќите, барал начин да го победи злото и да ја отфрли тагата, па да почувствува трајна радост во животот. Таа можност ја гледал во Христа, препознавајќи Го во Него Спасителот на светот и вистинскиот Бог и вистински Лекар. Овие четворица негови пријатели кога виделе дека куќата во која Г.И.Х. проповедал, била преполна и вратата била блокирана, не се отажувале и не паднале во очај. Верата никогаш не се откажува, таа е упорна, инвентивна, плодородна и полна си идеи. Ако патот е затворен во една насока, верата ке побара друга и ќе најде друг пат. Затоа луѓето што го однеле морале да ја откријат куќата и преку покривот со чаршав да го спуштат болниот човек пред нозете Исусови. Кога го видел на носилка, Г.И.Х., знаејќи ја неговата силна вера, Му рекол: „Синко, ти се опростуваат гревовите твои “. Верата негова и на неговите носители ја предизвикала Исусовата подготвеност да му ги прости гревовите. Притоа Г.И.Х пушта Свој своевиден поглед во самиот корен на парализираниот, во гревот и најнапред му ја исцелува душата, а потоа и телото. Затоа Г.И.Х. постојано им нагласувал на луѓето дека постои цврста врска меѓу душата и телото, поцртувајќи дека душата е повредна од телото и дека здравјето на духот е многу поважен од здравјето на телото. За луѓето е подеднакво тешко да се остварат и едното и другото, како што е за Богочовекот подеднакво лесно да ги оствари и двете, за што е потребна Божја моќ. На нас ни изгледа полесно да се исцели фатеното тело, отколку да се излечи од грев парализираната душа. Поради тоа, Г.И.Х. прво ја исцелува болеста на телото, за оние што гледаат, да поверуваат и во она другото – исцелување на душата или опростување на гревовите. Но бидејќи простувањето на гревовите не се гледа а лекувањето на телото е видливо, св. Јован Златоуст вели – Христос го дава помалото (видливото), за да го докаже поголемото (невидливото).

             Г.И.Х. не го прашува фатениот за неговата вера и исповедание. Зошто? Затоа што тој сакал да биде пренесен до Христа и верувал цврсто дека , ако го донесат при Христа ќе биде излекуван. По барање на болниот најблиските го донеле при Него. Но , не само верата на фатениот, туку голема била и верата на неговите придружници, тие што го носеле.

Пред сè, зар еден човек, макар и одвај при свест, ако немал вера би дозволил да го влечат заедно со постелата по улиците и што е уште поважно, зар би дозволил да го креваат на покрив и да го спуштаат низ отворот од покривот на куќата? Но има уште еден внатрешен знак за верата на болниот: Спасителот на фатениот му вели и синко, што значи дека он не бил само очистен од гревовите, туку и верувал во Христа, бидејќи ако бил неверник и грешник Христос немало да го нарече синко. Сето тоа сведочело за необичната вера кон љубовта и силата Господова, што ја имал самиот фатен, кој што го донеле, нè без негова согласност.  

            Негодувале книжиците и фарисеите, како што и денеска мислат и говорат: - Зарем Бог ќе псвети толку внимание на човек што боледува од неизлечива болест? На нив не им е гајле за маките на болниот, а уште помалку им е до неговото исцеление, тие ги ловат зборовите на Христа, за да можат да Го понизат и да Го отстранат од Својот пат и Својата совест. Токму тие згаснати души биле наречени книжници. Вистината на Христовата наука се покажала, а и денес се потврдува во колкава мера, верата го следи и го спасува вистинскиот исполнител на Неговите заповеди, кога ќе рече: „Верувај и ќе бидеш спасен “. Ова денешно Евангелие ни кажа како Бог ѓи наградува вистинските верници. Бог и со ова чудо покажува дека има безгранична љубов кон човекот, само доколку има барем малку, но чиста и искрена вера во Него. Човек со таква вера во Божјото Око секогаш е голем и Бог секогаш е подготвен да му помогне. Но, треба да знаеме дека Бог помага прво на човековата душа, а потоа и на човвековото тело. Тоа го потврдува со простување на болниот, оти неговата душа и срце верувале во Божјата милост, а неговото разболено тело не можело да чини добри дела, па затоа тој и со вера барал спасение на својата душа. Бог ѓи простил гревовите на неговата душа, па на неговото тело „Тебе ти велам: стани земи ја постелката своја и оди си дома !” Св. Јован Златоуст во контекст на стихот благовести: како Г.И.Х. да вели: Јас би сакал да ги исцелам и оние кои се сметаат себе си за здрави, а всушност се душевно болни. Но бидејќи тие тоа не го сакаат , ти оди дома и поучувај ги оние кои се наоѓаат таму.

            Со ова Чудотвотецот Г.И.Х. покажува каква и колкава е разликата помеѓу бесмртноста на од Бога вдахновената душа и тело од прав што Он го создал. Но и телото треба да го чуваме: ,, вашето тело е храм на Светиот Дух “ вели Св.ап. Павле. Поради тоа секој човек треба да го чува своето тело, но прво треба да се грижи за душата, зашто тело без душа е мртво. Постои и поговорка кај нашиот народ кој вели: Подобро да ја изгубиш главата, отколку да ја изгубиш душата.

            Браќа и сестри, да не заборавеме дека оваа недела е посветена и на св. Григорије Палама големиот поборник и основателот на исихазмот и внатрешното тихување со што во 14 век т.е на помесниот собор во Цариград 1341 год. било потврдено и докажано неговото учење за умната молитва – внатрешното тихување. Еве неколку негови зборови за постот и воздржанието: Браќа, со посредство на дела да ги допреме прекрасните дарови на постот и воздржанието; со добри дела да ја потврдиме нашата добра волја за нив (постот и воздржанието). На дело да покажеме какви плодови тие носат, оти по плодот се познава дрвото. Меѓутоа, земјоделецот прв треба да вкуси од плодот. Постот и воздржанието ги смируваат телесната борба и разбеснетоста на гневот; ја гасат похотта, создавајќи во умот чисто и ведро небо без ни еден облак и ја очистуваат душата од испарувања настанати заради прејадување и од помрачението кое настанува како последица на тоа. Благодарение на постот и воздржанието, надворешниот човек тлее, а сразмерно на тоа колку тој тлее, толку внатрешниот се обновува, како што вели Апостолот. Некој рече дека преполнетиот стомак не раѓа истенчен ум; според тоа, колку што човекот станува поистенчен заради постот и воздржанието, толку поистенчен станува и неговиот ум. Ве молам да не си дозволиме да попуштиме и да заслабнеме, и со постот, молитвата, солзите да Го повикуваме додека не ни се приближи и додека не нѐ исцели. Да покажеме на дело дека сме толку богати што за Женик Го имаме Христос, Кого со надеж Го очекуваме, иако е сега далеку од нас и се крие во небесното. Ќе дојдат дни кога од вас ќе се одземе Младоженецот, и тогаш ќе постите (Матеј 9, 15). Од ова е очигледно дека оние што Христос ги повикува треба животот да го поминуваат во постот и воздржанието, очекувајќи го во добра надеж Неговото страшно и славно второ Доаѓање. Особено треба да постиме и да се подготвуваме во овие денови, кога го очекуваме денот на Христовото Воскресение, за да можеме чисти, чисто да ги празнуваме Неговите страданија и низ нив да го здобиеме бесмртниот и блажен живот,Сите ние да се удостоиме за овој блажен и бесмртен живот, со благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос Кому прилега сета слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и Пресветиот и благ и живототворен Дух, сега и секогаш и во сите векови.Амин.

 

 

 



Подготвил : свешт. Воислав Ѓорѓиев

 

 

 

 
< Претходно   Следно >