Слово за Архиепископот Михаил |
15.06.2007. | |
![]()
Неговото Блаженство Г.Г. Михаил, го паметат по неговото ораторство, кое секогаш го издигнувало над сите архиереји. Бил начитан и образован човек, иако не сакал да ги чита своите богослужбени слова (пораки), но затоа умеел да влезе под кожа, да се втренчи во душата на македонскиот народ, кој кроце по кроце доживеа заедно со него да ужива во плодовите на независноста на Република Македонија. „Има моменти кога човек не може да зборува. Моето срце е полно со чувство на одговорност. Но, само едно ќе кажам, сам не значам ништо без моите браќа архиереји - митрополити на Македонската православна црква. Јас без нив сум обична нула. Само со бројката шест јас значам нешто. Верувам дека во најскоро време бројот на архиерејите во нашата Црква ќе се умножи зашто стадото ни е големо, а пак овчари сме малкумина. Господ нека ни помага”. Неговата максима сите ја сфатија, бидејќи го возобнови работењето на Синодот на МПЦ, но истовремено ги слушал своите браќа за да придонесе во нивниот растеж, а уште повеќе за сплотеноста во Црквата. Затоа, по чин бил највисок во јатото, но и „помал од маково зрно”, бидејќи соборски ги донесувал значајните одлуки за животворноста на МПЦ. Поради тоа, досега е ненадминат и секогаш на официјалните документи и соопштенија на МПЦ не се срамел да се потпишува: Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Михаил. По основното образование, тој во 1927 г. се запишал на Битолската богословија. Во 1932 г. заминал на студии во Белград на Богословскиот факултет, кој го завршил во 1936 г. За време на Втората светска војна бил парохиски свештеник во штипската соборна црква „Св. Никола”. Учествувал во народноослободителната борба, а при крајот на војната бил коптиран за член во АСНОМ. Заедно со протоерејите Кирил Стојанов и Никола Апостолски го организирале одржувањето на Првиот црковно-народен собир во Скопје на 3, 4 и 5 март 1945 г., на кој присуствувале 300 учесници, свештеници и мирски лица. Набрзо потоа, поради цврстите идеи за национална, социјална и духовна слобода на македонскиот народ, тогашната власт го лишила дедото Михаил од слобода и го осудила на затворска казна. По шест месеци бил ослободен, но во 1948 г. повторно бил уапсен, осуден на 5,5 години затворска казна. Од него било барано да се откаже од свештеничкото служење, но тој останал непоколеблив и продолжил да служи како свештеник во Скопје. Во 1966 г. бил испратен во Австралија. Од таму се вратил при крајот на 1970 г. и бил назначен за ректор на Македонската православна богословија, каде предавал англиски јазик, омилитика и пастирско богословие. Во 1972 г. бил генерален секретар на Македонската архиепископија. Зборувал англиски, француски, руски, а се служел и со повеќе живи класични јазици. За архиереј бил хиротонисан на 25.12.1988 г. Изборот за архиепископ на нашата света црква го затекнал како епархиски архиереј, Митрополит Повардарски. Во 1993 г. дедото Михаил бил избран за Архиепископ. „Штом по Божја промисла македонскиот народ доби сопствена држава требаше да се докаже дека овој народ има своја државотворност, има своја историја, има своја црква. И тогаш, Бог ни го испрати гласноговорникот и го постави за поглавар на Светиклиментовиот трон, најмоќниот оратор и беседник од поновата историја, Архиепископот Михаил”, истакнува Ратомир Грозданоски. Неговото Блаженство Г.Г. Михаил бил надлежен и за Американската епархија. Таму успеал да ги надмине сите спорови, а Американско-канадската епархија заживеала со полн црковен живот. Тој умеел да ги истрпи и да ги придобие сите, бил духовна роска. Таму ниту еден човек не бил исфрлен надвор од црквата. Но, дедото Михаил не успеал да отпатува во Австралија, бидејќи не сакал да биде пречекан од едни, туку од сите Македонци - верници. Во 1999 година заминал кротко во Небесното царство. А, негов наследник е Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г. Стефан. |
< Претходно | Следно > |
---|