Совети до свештениците II дел |
26.02.2009. | |
Совети до свештениците II
составени од епископ Василиј
32. Нема сомнеж дека свештеничкиот чин секогаш бил
почитуван од страна на монасите. Така било во минатото, а и денес, кога и да
отишол некој на Света Гора, сигурно видел, и сè уште може да види, престарен монах, како се наведнува за
да му целива рака на некој млад, речиси голобрад свештеник. Свештенството
навистина е скапоцено! Отецот не поради свеста за неговата (на свештенството)
голема вредност им забрануваше на монасите да стануваат свештеници, туку,
попрво, тоа беше поради претпазливост, за поука на манастирот, заради пастирски
причини, би можеле да речеме денес. Ова е така, бидејќи копнежот по свештенички
чин е многу длабок во душата на човекот, а тој копнеж може да го растури
братството како пепел. (Архимандрит Емилијан, игумен на светогорскиот манастир
Симонопетра)
33. Што значи свештенството? Тоа значи да се биде
постојан сведок на човечкото страдање и да се земе на своите рамена. Да се биде
оној што ги стоплува лепрозните врз своите гради, оној што им дава живот на
бедните преку здивот од својата уста. Да се биде силна утеха во секоја несреќа,
дури и кога самите тие се натоварени со слабости. Да бидеш зрак на светлина за
несреќните срца кога твоите очи веќе одамна престанале да гледаат било каква
светлина. Да ги носиш планините на туѓите страдања врз твоите плеќи, додека
твоето битие вришти поради товарот на твоите страдања. Твојата плот ќе се
бунтува и ќе вели: „Ова херојство е апсурдно, невозможно! Каде има таков човек,
каде е свештеникот што ми го опиша та и јас да ги ставам моите страдања врз
неговите плеќи?“ Да, но сепак тој постои! Одвреме навреме во нас се разбудува
свештеникот Христов кој, како добриот Самарјанин, ќе клекне покрај човекот
повреден од кратците и, ставајќи го врз своето магаре ќе го донесе во Црквата
Христова на лекување. И тој ќе заборави на себе и ќе те утеши тебе,
страдалнику. (Отец Ѓеорѓи Калчиу)
34. Верувајте дека молитвата на еден пријател
Божји, особено на свештеникот Божји, кој живее свет живот, може да прави чуда
врз значаен дел од природата, како што беа молитвите на пророците Мојсеј, Илија
и другите. Затоа, живејте на богоугоден начин, особено вие, свештениците Божји;
бидете свети, чисти, кротки, смирени, милостиви, умерени, трудољубиви, трпеливи
и вашите молитви секогаш ќе продираат во небесата, и ќе бидат услишани и
исполнети. Секогаш молете се со целото ваше срце, и пред сè, со чисто срце. „Тогаш дојде друг ангел со златна кадилница и застана пред
жртвеникот; и му се даде многу темјан, та со молитвите на сите светии да го
постави на златниот жртвеник, што беше пред престолот“ (Откр. 8, 3-4). И тебе,
свештенику, ти е даден темјан. Кадилницата со темјан секогаш треба да те
потсетува на ова – т. е. колку лесно молитвата за тебе и за „за гревовите на
народот“ (Евр. 9, 7) и нивните гревови, се вознесува кон Бога и е примена од
Него. (Свети Јован Кронштадски + 1908)
35. Никогаш не смееме да
заборавиме дека сите ние сме едно тело, и дека треба да се поттикнуваме едни со
други кон љубов и добри дела. Ние свештениците посебно треба да го запомниме и
да го правиме ова. Да, треба да запомниме дека ако нашите души се спокојни, ако
самите ние стоиме цврсто во вистината и побожноста, тогаш и нашата паства, исто
така, ќе биде цврста, поспокојна и со чист живот... Но ако нашите души се
помрачени од многустрани страсти, исто така, помрачено ќе стане телото на
Црквата, нашата паства, бидејќи постои блиска поврзаност помеѓу главата и
членовите, помеѓу свештеникот и неговата паства... Затоа, немој да мислиш дека
твојата паства не ги чувствува последиците од твојата прождрливост, твоето
среброљубие; зашто, ако ти стоиш цврсто во вистината и тие ќе стојат исто така
цврсто; ако ти си горешт во молитвата и се молиш горешто за нив, тие го
чувствуваат истото; ако ти духовно се зајакнеш себеси, и тие исто така се
зајакнати; ако, пак, ти изнемоштуваш, и тие ќе изнемоштат. Господи, помилуј нè! (Свети Јован Кронштадски
+1908).
36. Колку е важна облеката!
Цел збир на чувства, идеи, движења на душата, се поврзани со облеката, со
униформата. Особено, мислам дека свештеникот не смее да носи цивилна облека.
Кога свештеникот ќе ја соблече неговата свештеничка мантија, тој неизбежно
сткнува едно „несвештеничко“ чувство, и во одредена мера станува предавник на
свештенството. (Отец Александар Елчанинов, од Дневникот на еден руски
свештеник).
37. Никогаш не го нарушувај
постот во среда и петок. Овој пост е востановен и потврден од Црквата. Ако,
било кога, го нарушиш овој пост, моли се за прошка на овој грев и не греши
повторно. Побожните луѓе не се сметаат себеси ослободени од овој пост дури ни
кога патуваат или се болни. Еднаш, свети Пахомиј сретнал луѓе, кои носеле
мртовец, и видел два ангела на погребната поворка. Тој побарал од Бога да му ја
открие тајната на присуството на двата ангела на погребението на овој човек.
Кое посебно добро го сторил овој човек, та два ангела да го придружуваат до
гробот? Тогаш, по Божја промисла, двата ангела дојдоа кај свети Пахомиј и му
објаснија: „Едниот од нас е ангелот на средата, а другиот е ангел на петокот.
Бидејќи овој човек постеше во секоја среда и петок сè до неговата смрт, ние му
даваме на неговото тело свечена придружба. Бидејќи тој постеше сè до смртта, затоа ние сме овде
за да го славиме. (свети Николај Жички +1956)
38. Браќа, да не се умориме во
помагањето на оние кои ги љубиме и кои се преставиле во другиот живот. Да не
умориме молејќи се за нив, особено на Божествената Литургија. Зашто во тој миг
„се случува општо очистување на целиот свет“. Поради оваа причина, тогаш, да се
молиме со храброст за целиот свет, и да ги спомнуваме сите наши блиски кои се
упокоиле заедно со Мачениците, Исповедниците и Свештениците. Зашто ние – сите
верници – сме едно духовно тело, иако некои членови се „посјајни“ од другите.
Да ги спомнуваме нив; да побараме прошка за нив од секаде – од молитвите, од
даровите дадени за нив, и од светителите кои се спомнуваат заедно со нив за
време на Божествената Литургија. (Свети Јован Златоуст, толкување на Првото
послание до Коринтјаните 41, и Да не се огорчуваме, 45)
39. Преподобниот старец од XX
век схи-јеромонахот Михаил, која беше народно познат како „Затворникот од Нов
Валаам“, ни го раскажа следниот настан за наша поука и охрабрување во врска со
служењето на Божествената служба. „Во 1804 год. Игуменот Назариј од Саров и
отец Иларион, бидејќи беа далеку од манастирот во една сабота, стигнаа во едно
село. Откако ја најдоа црквата и парохискиот дом, тропнаа на вратата од куќата
и беа топло пречекани од парохискиот свештеник. Откако сфатија дека свештеникот
не се подготвува за служење на вечерна служба, игуменот се заинтересира која е
причината. Селскиот свештеник му одговори дека тој нема намера да служи, и
додаде дека служи многу ретко, дури и Божествена Литургија. ’Мојата парохија,
отче игумене, е голема, но луѓето се рамнодушни. Тие ретко доаѓаат во црква.
Јас не гледам причина да служам во празна црква‘. ’Отче‘, му одговори
загрижениот игумен, ’ако твоите парохјани ги запоставуваат нивните најважни
обврски, ти, нивниот пастир, не смееш да ги запоставуваш своите. Храмот Божји
никогаш не е празен. Откако бил осветен тој си има свој ангел чувар. Ако твоите
луѓе ги запоставуваат нивните обврски, знај дека нивните ангели чувари не го
прават тоа. Тие го полнат храмот, и кога ти служиш, ангелите служат со тебе.
Мора да служиш редовно, и да се молиш на Бога да ги преобрати луѓето кон
молитва и покајание‘. Старецот Михаил го заврши своето раскажување на овој
настан, велејќи: ’Секој свештеник кој се жали на слабата црковност во неговата
парохија мора да го следи полезниот совет на игуменот Назариј‘“. (Отец Михаил:
Затворникот од Валаам +1959)
40. Еднаш еден човек го
критикуваше старецот Епифаниј, велејќи: „Отче, вие ги апсолутизирате свештените
канони!“ Отецот му одговорил: „Чедо мое, како би можел да не ги апсолутизирам,
кога тие се плодови на Светиот Дух? Во Првиот канон од Седмиот Вселенски Собор
многу јасно се кажува дека Светите Отци кои ги составија свештените канони,
како и Светите Апостоли, „сите бивајќи просветлени од еден и ист Дух“, ги
уредија овие полезни нешта. Па така, кој сум јас за да ги релативизирам?“ „Но, отче“, рече човекот, „познато е дека вие сте
строго приврзани кон верно запазување на свештените Канони за разрешување на
сите црковни проблеми. Зарем ниту еднаш не сте зажалиле за ставот што сте го
зазеле?“ Отец Епифаниј се насмевна и рече: „Не, добро мое чедо. Ниту со
помисла. Ниту еднаш во мојот живот не се покајав бидејќи сум зазел став како
што заповедаат свештените Канони. За сите други нешта, ние горко се каеме. Но
поради запазување на каноните, никако!“ (од Животот и учењето на архимандритот
Епифаниј Теодоропулос +1989). Црквата не може да биде разбрана без божественото
проповедање. Тоа има огромна вредност. Како што рече еден неодамнешен учител на
Црквата, говорејќи за проповедањето: Зајакот не се плаши толку многу од
секавиците, колку што се плаши ѓаволот од проповедањето“. Но за да има
резултати свештената проповед, проповедникот на Евангелието мора да биде
вистинска личност; т.е., проповедникот на Евангелието мора да има непоколеблива
вера, и горешта љубов и кон Бога и кон грешниот човек. Следно, тој мора да води
непорочен живот; зашто, ако проповедникот на Евангелието не живее според
Божјите заповеди, туку дејствува спротивно на Евангелието, луѓето кои го
слушаат ќе се соблазнат и ќе речат: Учителе, нè учиш нас, но ти самиот не го
запазуваш Законот“. Трето, проповедникот на Евангелието мора да го познава
Светото Писмо, Свештените Канони и Преданијата на Православната Црква. Затоа,
тој мора постојано да ги изучува свештените текстови и верските книги. Проповедањето
на зборот Божји мора да биде колку што е можно посовршено, а за ова потребно е
проповедникот особено да ја бара Божјата благодат. (Епископ Августин Кантиотис
од Лерин).
41. Мудреците му се поклонија
на Бебето кое лежеше во јаслите... Не
Те гледам сега во јаслите, туку врз олтарот. Нема разлика помеѓу ова
(Литургијата) и она. Ова е истото Тело што беше покриено со крв, прободено со
копје, од кое течат потоци од крв и вода, за сиот свет. Христос се издигна од
длабочините на бездната со заслепувачка светлина, и оставајќи ги таму Неговите
зраци, се вознесе на Неговиот престол на небесата. Тоа е истото тело што Он
сега ни го дава да го држиме и јадеме! (свети Јован Златоуст)
42. Бидејќи Бог те удостоил да станеш свештеник,
погрижи се да учествуваш во Божествената Литургија со сета твоја душа. Додека
служи свештеникот Литургија, тој треба да чувствува дека во него како да гори
свеќа. Тој треба да ја чува оваа светлина незгасната сè до следната Литургија. Од неговата прва да по неговата
последна Литургија свештеникот мора да ја чува светилката запалена. (старец
Атанасиј од свештениот манастир Григоријат на Света Гора + 1953)
43. Пресладок Спасителу! Слегувајќи од небесата
заради служење на човештвото, Ти не само што си го проповедал Словото на
небесната вистина во храмот, туку си одел низ градови и села; Ти никого не си
избегнал; си ги посетувал сите куќи, особено на оние, чиешто горешто покајание
беше предвидено со Твојот божествен поглед. Па така, Ти не седеше дома, туку
беше во љубовна комуникација со Твоите луѓе. Дај ни нам, на Твоите свештеници,
да бидеме во таква љубовна комуникација со Твоите луѓе, па така ние пастирите
да не се затвораме себеси во нашите домови, далеку од Твоите овци, како во
затворски тврдини, излегувајќи само за служби во црква или за молитвословија во
други домови, поради должност, туку со молитви научени со срцето. Нека бидат
нашите усни слободно отворени за разговор со нашите парохјани во духот на
верата и љубовта. Нека биде нашата христијанска љубов кон нашите духовни чеда отворена
и укрепена од живиот, слободен и родителски разговор со нив. О, каква сладост,
какво блаженство си сокрил, Господи, Љубов наша бескрајна, во духовниот
разговор стоплен од љубовта на духовниот отец со неговите духовни чеда! И како
е можно да не се бориме против земјата со сета наша сила за такво блаженство?
Сепак тоа е само слаб почеток, само бледо подобие на небесното блаженство на
љубовта! (Свети Јован Кронштадски +1908)
44. Бог им дал поголема сила на свештениците,
отколку на природните родители, не само за казнување, туку, исто така и за
помош. Разликата помеѓу нив е толку голема, колку што е помеѓу сегашниот и
идниот живот. Родителите нè раѓаат за во овој
живот, а свештениците за во идниот. Родителите не можат да ја избегнат
телесната смрт, ниту зачетокот на болеста; свештениците честопати спасувале
души што смртно боледуваат, со тоа што ја прават казната поблага за некои, а
заштитуваат други дури и од инфицирање со таа болест, не само со поучување и
предупредување, туку и со помагање преку молитва. Тие имаат власт за отпуштање
на гревови, не само кога нè преродуваат, туку и
потоа. „Болен ли
е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над
него, и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го
исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се
простат“ (Јак. 5, 14-15). Повторно, природните родители не можат да им помогнат
на нивните синови, ако тие паднат длабоко, со значајна и силна помош, но
свештениците често го имаат смирувано гневот на Самиот Бог, не кажувајќи им
ништо на владетелите и царевите. (свети Јован Златоуст)
45. Свети браќа и отци: во
нашиве денови, верните се искушувани на разни начини. Светот, кнезот на светот
и неговите слуги се противат на вистината на Евангелието, ги предизвикуваат
верниците, и беснеат против оние кои ја запазуват верата. И победите на
непријателот се безбројни, а ние, свештениците Божји, полни со тага, ги
повредуваме Неговите деца на „широка врата“ и на „лесниот пат што води во
пропаст“. Најголема победа на ѓаволот денес е тоа што тој предизвикува духовно
бунило во срцата и умовите на верниците. Мразителот на доброто напредна во
менување на мислењето на многу учители и пастири, па така во свештеното служење
во светот, и од солеата и на исповед, тие повеќе не ги проповедаат вистините од
Евангелието, туку нивните лични ставови и мислења. Па така, за една и иста
тема, верникот слуша разни ставови, еднаш еден, другпат сосема спротивен став,
од еден свештеник ова, од друг она. Зборовите „вака им вели Господ“ на
пророците и богоносните отци на Црквата се заменети со зборовите „јас мислам“.
Овие пастири ја заменија нивната улога да бидат проповедници на поуките и
заповедите Божји, со улога на законодавци, така присвојувајќи ги божествените
привилегии. Ете зошто рековме дека овој план е најголема победа на ѓаволот.
Овој духовен Вавилон има намера да ја измени самате совест на верниците, кои се
подобро информирани за тоа, што е волјата Божја, слуѓајќи ја својата совест
(којашто е глас Божји) повеќе отколку таквите пастири. Но, ако ние клириците се
освестиме и исповедаме дека „згрешивме, направивме престапи, извршивме
неправди“, и да одлучиме отсега па натаму „верно да го проповедаме словото на
вистината“ (2. Тим. 2, 15) во нашето учење и во таинството на свештената
исповед, тогаш, и само тогаш, ќе ги видиме нашите луѓе како побожно доаѓаат на
Света Причест со копнеж за спасение и обожение, и како живеат во вистинско
духовно воскресение и восхит. (Архимандрит Никодим Аеракис)
46. Господи, каде да најдам
милост и да Те чујам како велиш: „Нејзе ì се простуваат многу гревови, оти Ме
возљуби многу“? (Лука 7, 47). Морам да признаам, моите долгови беа поголеми,
гревовите што ми беа простени побројни, бидејќи стапив во свештенството од
вревата и одговорностите на световниот живот. Затоа се плашам да не станам
неблагодарен. Моите гревови беа побројни – и помала љубов имав. Чувај го Твоето
создание, Господи, и запази ја во мене благодатта што Ти ми ја подари. Зашто Ти
ми даде да работам за Твојата Црква, сочувај ги плодовите од мојот труд. Ти ме
повика за свештенство уште кога бев изгубено дете. Не дозволувај да се изгубам
сега, кога сум свештеник. Над сè, дај ми благодат на сострадание. Дај ми да бидам
способен да имам сострадание кон грешниците од длабочината на моето срце, зашто
тоа е врвна добродетел. Дај ми да имам сострадание секогаш кога ќе бидам сведок
на пад на грешникот. Дај ми да не го укорувам арогантно, туку дај ми да плачам
за себе со него. Направи, кога плачам за својот ближен, да плачам и за себе, и
на мене да ги применам зборовите: „блудниците се поправедни од тебе“. (свети
Амвросиј Милански 334-397, За Покајанието, II, 8, 67 и 83)
47. Господи, прими ја мојата молитва со солзи за моите духовни
чеда, и за сите православни христијани кои се трудат да Ти угодат, и прими ја
како моја грижа за нивното спасение, како моја пастирска грижа! Самиот Ти биди
им, според мојата молитва, и Глас и Труба, будејќи ги од нивниот грешен сон,
Око кое ги пази нивните срца, Рака која ги води на патот кон небесната
татковина, и подигни ги оние оние кои паѓаат поради неверие, малодушност и
обесхрабреност; биди за нив мајчинска Љубов – која мене ми недостасува – нежно
грижејќи се за нивната вистинска благосостојба; „за сите станав сè, та
по каков и да било начин да спасам некого“. Зашто Ти
си навистина еден Пастир, невидливо и таинствено пасејќи ги душите човечки. Ти
си единиот, вистински и најмудар Учител, Кој зборуваш во самите срца на Твоите
луѓе. Ти си единствениот Кој вистински ги љубиш Твоите созданија и деца по
благодат; Ти си бездна на мудрост и семоќ; Ти постојано и неуморно бдееш и нè учиш на Твоите патишта, дури и кога спиеме. Самиот
Ти, Господи, биди наместо мене, Пастир и
Учител на Твоето стадо, кое си ми го поверил; Самиот Ти води ги на богати
пасишта; Самиот Ти варди ги од духовни и плотски волци; води ги нивните нозе по
патот на вистината, праведноста и мирот. Биди им, наместо мене, Светлина, Очи,
Уста, Раце и Мудрост; но, над сè, биди им Љубов, која
јас толку многу ја посакувам! (свети Јован Кронштадски +1908)
48. Свештенику Божји! Верувај со сето твое срце;
секогаш верувај во благодатта која ти е од Бога дадена, за да се молиш за
народот Божји. Нека не биде од Божји дар празен во тебе, зашто преку него можеш
да спасиш многу души. Господ брзо ги услишува твоите срдечни молитви за
Неговиот народ, и лесно ј апокажува милоста врз нив, како што се случуваше и по
молитвите на Мојсеј, Арон, Самуил и апостолите. Користи го секој миг за молитва
– во црква, која служиш Божествена Литургија и свето таинство, во приватни
домови, свети молитвословија, за време на молитви и благодарења; насекаде и во
секое време мисли на спасението на Божјиот народ, и ти исто така ќе добиеш
голема милост од Бога за себе. (свети Јован Кронштадски +1908)
Превод од англиски јазик: ѓакон Јани Мулев Наслов на изворникот:
Counsels to priests,
Compiled by Bishop Basil of |
< Претходно | Следно > |
---|