Исповед |
26.02.2009. | |
Исповед: Светотаинствено излекување
од Џим Форест
Еден млад монах го запрашал великиот
подвижник авва Сисој: „Авво, што да правам? Паднав“
Старецот му одговорил: „Стани!“
„Станав, но паднав повторно“ –
рекол младиот монах. Подвижникот му одговорил: „Стани повторно!“ Монахот
повторно го прашал: „До кога треба да станувам ако постојано паѓам?“
„Додека си жив“, - одговорил Авва
Сисој.
- Поуки од пустинските отци
Еден
пријател ми рече: „Кога отидов на мојата прва исповед солзите го зазедоа
местото на гревовите што сакав да ги кажам. Свештеникот едноставно ми рече дека
не е неопходно да се набројат сите гревови од почеток и дека суетно е да се мисли
дека нашите лични гревови се пострашни од сечии други. Патем, ова беше нешто
како олеснување за мене, затоа што невозможно беше да се сетам на сите гревови
од мојот досегашен триесет годишен живот. Ме натера да се замислам за начинот
на кој таткото го прифатил неговиот блуден син – тој не му дозволил на својот син ни да го
заврши својот внимателно извежбан говор. Тоа е навистина зачудувачки“.
Еден друг пријател ми рече дека
бил толку загрижен за сите работи што требало да ги исповеда, што дури решил да
ги запише. „Па така, направив список на моите гревови и го зедов со себе. Свештеникот го виде
парчето хартија во мојата рака, го зеде, го погледна, го завитка и ми го врати
назад. Потоа ми рече: „Клекни долу“, и ме разреши. Тоа беше мојата исповед, и
покрај тоа што не кажав ниту збор! Но навистина почувствував дека моите гревови
беа простени и дека бев ослободен од нив“.
Самиот збор Исповед нè прави нервозни,
допирајќи го она што е сокриено во нас: кажани лаги, предизвикани повреди,
украдени работи, измамени пријатели, изневерени луѓе, скршени ветувања, отфрлена
вера – сето ова заедно со сите помали дела ги откриват почетоците на нашите
гревови.
Христијанскиот живот без исповед
е невозможен, иако исповедта може да биде навистина болна.
Исповедта
е главна тема на Евангелијата. Уште пред Исус Христос да ја започне Неговата јавна
проповед, во Евангелието според Матеј се вели дека Јован барал исповед од оние
кои доаѓале кај него за да бидат крстени во водите на реката Јордан како
симболичен чин на миење на нивните гревови:
„И (тие) беа крстени (од Јован) во реката Јордан, исповедувајќи ги
своите гревови“ (Мат. 3, 6).
Тука
се и оние чудесни зборови на Исус Христос, упатени кон Петар: „Ќе ти ги дадам
клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на
небесата, а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата“ (Мат.
16, 19). Клучевите на сврзување и разврзување од гревовите не биле дадени само
на еден апостол, туку на сите Христови ученици, и – во светотаинствена смисла –
на секој свештеник кој има благослов од епископот да исповеда луѓе.
Евангелистот
Јован во неговото Евангелие нè предупредува да не се лажеме себеси:
„Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и
вистината не е во нас. Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен
за да ни ги прости гревовите“ (1. Јов. 1, 8-9).
Светата Тајна крштение, која
претставува чин на воцрковување, секогаш се поврзувала со покајанието. „Покајте
се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на
гревовите“, проповедаше свети Петар во Ерусалим, „и ќе примите дар од Светиот
Дух“ (Дела 2, 38). Во истата книга ќе прочитаме дека „многумина од верниците
доаѓаа, та се исповедуваа и ги откриваа своите дела“ (Дела 19, 18).
Блудниот син
Постои
една приказна од Евангелието (Лука 15, 11-32) во која ја среќаваме исповедта, а тоа е параболата за Блудниот син. Овде Христос опишува
еден млад човек, кој е многу
нетрпелив за да дојде до своето наследство и да се осамостои, па така,
всушност, му вели на татка си: „Ако се прашувам јас, ти си веќе мртов, па затоа
дај ми го сето она што ми следува и што би ми го дал по твојот погреб. Не сакам
да имам ништо повеќе со тебе и си оваа куќа“.
Со
богоподобна великодушност, таткото му дава на синот сè што овој побарал – иако доволно
добро го познава за да сфати дека момчето може да изгуби сè за кусо време. Момчето
го зело сето свое наследство, конечно слободно од своите родители, слободно од моралот
и доброто однесување, слободно да прави сè што ќе посака.
Откако
ги потрошило парите, морало да се вработи како свињар и да ги храни свињите за
да заработи за парче леб. Луѓето за кои мислел дека му се пријатели, сега му се
потсмевале и се подбивале со него. Знаел дека се откажал од тоа - да биде нечиј
син, но сепак и во неговиот очај се надевал дека татко му можеби ќе му дозволи
да се врати дома барем како слуга. Натажен поради она што му го рекол на татка
си и од тоа што го сторил со своето наследство, парталав дошол до татковата
куќа, подготвен да ги исповеда своите гревови, да моли за работа и за ќоше за
спиење. Синот не можел ни да замисли колку љубов имал татко му кон него, ниту,
пак, можел да разбере дека и покрај сите невољи кои ги предизвикал, очајно му
недостасувал на татка си. Далеку од тоа дека му било мило што се ослободил од
својот син, таткото секојдневно се молел надевајќи се дека синот ќе му се
врати.
„И
кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го
прегрна и го целива“ (стих 20). Да не бил загледан во тој правец, можеби и не
би го забележал своето чедо во далечината и не би сфатил кој е. Наместо да стои
и да почека синот да стигне до вратата, тој се затрчал да го пресретне, прегрнувајќи
го, искажувајќи радосни зборови и добредојде, без да го прекорува и да го
осудува.
Синот
притоа му рекол: „Татко, згрешив против небото и пред тебе не сум веќе достоен
да се наречам твој син! (стих 21)“ Овде ја имаме исповедта на синот, составена
во една реченица. Тоа е и суштината на секоја исповед: нашето враќање кон нашиот
Отец, Кој нè создал и Кој постојано го очекува нашето враќање дома.
Што
е тоа грев?
Постојат безброј есеи и книги во
кои се обработени човековите падови на различни нивоа, а во нив е речиси
неизбежно да не се спомне зборот составен од четири букви – грев. Делата кои традиционално се
сметаат како грешни, наместо тоа беа сметани како природни етапи во процесот на
растење, резултат на лошо воспитување, последица од ментална болест, неизбежен
одговор на неправедните општествени услови, или патолошко однесување предизвикано
од зависност.
Но што ако сум нешто повеќе од робот
програмиран од своето минато и од општеството, или пак од мојот економски
статус, и можам да добијам некоја погалба или срам за моите дела и недела?
Зарем не сум направил работи од кои сум длабоко засрамен, кои не би ги направил
повторно, дури и да можам да го вратам времето назад, и зарем не би сакал да ги
скријам од другите? Што ме прави толку неволен да ги наречам овие постапки „гревови“?
Зарем не е овој збор застарен? Или, пак, проблемот е во тоа што има остар крај?
Еврејскиот збор „чата“ за означување на поимот „грев“, како
и грчкиот збор „амартиа“ едноставно
значи – скршнување од патот, изгубување, промашување на целта. Гревот –
скршнувањето од целта – може да биде намерен или ненамерен.
Авторот
на Книгата Соломонови Изреки наведува седум работи кои Господ ги мрази: „очи горделиви/ јазик лажлив/ раце, што пролеваат невина крв/
срце кое крои лоши планови/ нозе, кои брзо трчаат кон зло/ лажен сведок, кој
измислува лаги/ и оној, што сее раздор меѓу браќа“ (Изрек. 6, 17-19).
Гордоста го зазема првото
место. „Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање – надуеноста“ е уште една поговорка во Книгата на Мудростите Соломонови (16, 18). Во Едемската Градина, Сатаната се обидува да ја
разбуди гордоста во неговиот разговор со Ева. Изеди го забранетото овошје, ì вели тој, и ќе бидеш како Бог (1. Мој. 3, 5).
Копнежот да се биде пред другите, да се биде повреднуван од другите, да се биде повисоко наградуван од другите, да можеме да ги држиме другите во страв, неможноста да се признаат грешките и да се побара извинување - сите овие се симптоми на гордоста. Таа го отвора патот за безброј други гревови: измама, лаги, крадење, насилство, и сите оние дејствија кои ја уништуваат заедницата со Бога и со сите оние околу нас.
Сепак поминуваме голем дел од нашите животи обидувајќи се да се убедиме себеси и другите дека она што сме го направиле, всушност не било толку лошо, па дури и дека било добро, поради околностите. Дури и на исповед, многу луѓе објаснуваат што направиле,
наместо
едноставно да признаат дека направиле работи за кои е потребно простување. „Кога неодамна исповедав околу педесетина луѓе во една типична православна парохија во Пенсилванија“, вели отецот Александар Шмеман, „ниту еден не призна дека некогаш сторил било каков грев!“
„Ние сме способни да направиме
некои изопачени работи“, вели раскажувачот на приказни од Минесота,
Гарисон Кејлор, „и не сите од овие нешта
се резултат на слаба комуникација. Некои се резултат на изопаченост. Луѓето
прават лоши, ужасни нешта. Тие лажат и мамат и ја корумпираат Владата. Тие го
трујат светот околу нас. И кога ќе бидат фатени, тие не чуствуваат грижа на
совеста - туку едноставно стапуваат во судска постапка. Тие
имаат проблем
со исхраната или нешто слично.
Објаснуваат што сториле - и не се чуствуваат лошо
поради тоа. Нема вина, туку само психологија“.
За личноста која сторила тежок грев,
постојат два јасни знака - надеж дека она што го направиле
никогаш нема да биде откриено и чувство на вина. Ова, барем, е случај пред
совеста да стане потполно умртвена - што
всушност се случува кога парчиња од гревот
стануваат структура од нечиј живот, до таа големина, што
пеколот, далеку од можноста да се искуси идниот живот, е
местото каде некои се наоѓаат уште во овој живот.
Потресен е фактот за основната човечка градба што ние сакаме одредени дела да останат тајни, не поради скромност - туку поради тоа што постои неиспитливо чувство на нарушување
на законот, многу потемелно, отколку во било кој Законик
- „законот напишан во нашите срца“ за кој зборува св. ап. Павле (Рим. 2, 15). Не е тоа затоа
што едноставно се плашиме од казна. Едноставно не сакаме да бидеме сметани од
другите како личност, која прави такви дела. Една од главните пречки да отидеме на исповед е стравот дека некој друг
ќе го дознае она што не сакаме никој друг да го знае.
Едно од најчудните нешта за времето во кое живееме е тоа дека ние сме наведени
да се чувствуваме виновни поради чувството на вина. Во нашиот дом има една слика на
ѕидот, на која е прикажан еден затвореник како му вели на друг: „Запамти – во ред е да бидеш
виновен, но не е во ред да се чуствуваш виновен“.
Чувството на вина – тоа
е болна
свест дека имаме извршено гревови – може
да биде и обновување на животот. Вината создава чекор за покајание, кој, пак, може да поттикне исповед и покајание.
Без чувството на вина, не би постоела грижа на совеста; без неа,
пак, не постои можност за ослободување од гревовите.
Сепак, постојат и форми на вина од кои
нема излез. Ако јас чувствувам вина поради тоа што не сум се потрудил доволно
да станам идеална личност, каква што сум посакувал да станам, или пак, сум
замислувал дека другите тоа го очекуваат од мене, тогаш тоа е вина без благослов
одозгора. Тоа едноставно предизвикува нервоза кај самиот човек од себеси.
Христијанството не е сконцентрирано на изгледот, законите и
принципите, или пак на достигнување
на беспрекорно однесување, туку само на Самиот Христос и на
учеството во преобразувачката Божја љубов.
Кога Христос вели: „Бидете совршени,
како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мат. 5, 48), Он не зборува за
постигнување на совршени резултати на некаков тест, туку за тоа да бидеме
целосни, да бидеме во заедница, учествувајќи целосно во љубовта Божја.
Оваа состојба на постоење се
напомнува во иконата на Света Троица од преподобен Андреј Рубљов: овие три
ангелски фигури, тивко наклонети еден кон друг, околу путирот на малиот олтар.
Тие ја симболизираат Света Троица: заедницата која постои во Бога - не
затворена заедница ограничена на нив самите, туку отворена заедница на љубов,
во која ние не само што сме поканети, туку и должни сме да учествуваме.
Блажена вина е болката што ја
чуствуваме кога ќе сфатиме дека сме се отсекле себеси од божествената заедница
која ги просветлува сите созданија. Невозможно е да се живее во безбожен
универзум, но лесно е да не се биде свесен за присуството Божјо или дури и да
се негира.
Вообичаена заблуда е дека нечии
гревови се приватни или влијаат само на неколку луѓе. Да мислиме дека нашите
гревови, колку и да се скриени, не влијаат на другите е како да замислиме дека
каменот фрлен во вода нема да предизвика бранови. Како што епископот Калистос
Вер забележува: „Не постојат потполно приватни гревови. Сите гревови се гревови
против мојот ближен, како и против Бога и против мене самиот. Дури и моите најтајни
помисли, се всушност, отежнување на оние околу мене да Го следат Христос“.
Далеку од тоа дека е скриен,
секој грев прави нова пукнатина во светот.
Една од најшироко
распространетите православни молитви, Исусовата молитва, е долга само една
реченица: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, мене грешниот!“ И
покрај тоа што е кратка, многу луѓе ја кратат уште повеќе испуштајќи го
последниот збор. Оние кои поучуваат за молитвата често се прашувани: „Но, мора
ли себеси да се нарекувам грешник?“ Всушност, крајот на молитвата не е нејзината
суштина - единствениот суштински збор е „Исус“ - но мојата тешкотија да се
идентификувам себеси како грешник открива многу. Што ме прави толку нерасположен
да зборувам за себе со толку неубави зборови? Зарем не правам ли подобро со криење,
отколку со откривање на Христос во мојот живот? Не сум ли јас грешник? Признавањето
дека сум, обезбедува почетна точка.
Постојат само две можни реакции на
гревот: да се оправдаме или да се покаеме. Помеѓу овие две не постои средина.
Оправдувањето може да биде усно,
но најчесто има покајна форма: Повторно и повторно ја сторив истата работа а да
си покажам на себе и на другите дека тоа всушност не е вистински грев, туку попрво
е нешто нормално или човечко или неопходно па дури и добро. „Изврши еден грев
двапати и нема да личи на злосторство“,
вели една еврејска поговорка.
Покајанието, пак, од друга страна,
е признавање дека јас нема да можам да живеам исто како што досега живеев,
бидејќи ако продолжам така ќе се одделам себеси од другите и од Бога. Покајанието
е промена на правецот. Покајанието е врата на заедничарењето. Тоа е неопходен
услов за простување. Невозможно е да има простување онаму каде што нема покајание.
Како што кажа св. Јован Златоуст
пред шеснаесет векови во Антохија: Покајанието
ги отвара небесата, нè води во рајот, го победува ѓаволот. Грешен ли си? Не
очајувај! Ако грешиш секој ден, тогаш принесувај покајание секој ден! Кога има скапани
делови во старите куќи, ги заменуваме со нови, и нема да престанеме да се
грижиме за нашите куќи. На истиот начин, треба да размислуваш за себе: Ако
денес си се извалкал себеси со грев, веднаш очисти се со покајание.
Превод од англиски јазик:
Никола Цилаков
Наслов на изворникот:
Confession: The Healing Sacrament
by Jim Forest
|
< Претходно | Следно > |
---|