Христовата светлина како виделина на светот |
26.02.2009. | |
Светлината како
поим, постојано го привлекувала вниманието на човекот низ сите времиња и кај
сите народи. Затоа таа опфаќа едно големо поглавје во изучувањето на духовноста
на човекот, а култот на светлината зазема значајно место во историјата на
религијата.
Веднаш треба да се
каже дека, постојат два вида на светлина: физичка - создадена и духовно-есхатолошка
светлина, која е несоздадена. Физичката светлина се појавила едновремено
со космосот (1. Мој. 1, 3). Таа ни помага да можеме, со своите физички очи, низ
мракот да видиме сè што ни е потребно. Несоздадената духовна светлина ги
осветлува духовните очи. Таа извира од Бога и е светлина на Откровението (Откр.
21, 23). Таа е толку светла, така што, со нејзиното присуство, човекот нема
потреба ниту за сонцето, ниту за физичката светлина (Откр. 22, 5). Тоа е така,
зашто таа се јавува како рефлекс на несоздадените Божји енергии и како
присуство на Божјата благодат. Нејзин Извор и нејзина Суштина е Бог, Кој е
вистинска Светлина, како во Стариот, така уште повеќе во Новиот Завет.
Поради опасноста од
идолопоклонството, на човекот во Стариот Завет оваа претстава му се давала во
симболи, во прототипови, а не во директни слики и реални откровенија. Така, го
гледаме огнот во пустината на планината Хорив (2. Мој. 3, 2-4); потоа, тука е
повикот кон Мојсеј на Синај (2. Мој. 19, 18), каде што бил даден Законот. Така, го
гледаме и огнениот столб, кој ги водел Евреите низ пустината. Таков е и
огнот, кој ја изгорува неправдата и нечистотијата (5. Мој. 4, 24); таква е и
светлината, која им свети на праведниците. ,,Светлината на праведниците свети
секогаш, а светилото на нечесните згаснува“ (Изрек. 13,
9). Уште поочигледно, преку својата визија, пророкот Давид истакнува: ,,Ти си
се облекол во светлина како со облека, си го прострел небото како шатор“ (Псал. 103,
2), или, ,,во Тебе е изворот на животот: во Твојата светлина ќе гледаме
светлина“ (Псал. 35, 9). Уште подетално, пак, се изјаснува пророкот Исаиј: ,,Ете,
темнина ќе ја покрие земјата, и мрак - народите; а над тебе ќе засветли Господ,
и славата Негова ќе се јави над тебе. И народите ќе дојдат кон твоето видело,
царевите - кон светлината што изгрева над тебе“ (Иса. 60,
2-3).
Во философијата на
древните Елини го гледаме ѕиркањето на
светлината, во форма на идеја (кај платонизмот) или на други сенки.
Сепак, мора да се
каже, дека за човекот од Стариот Завет (освен за Мојсеј), било недостапно
гледањето на несоздадената светлина, па затоа таа овде се јавува како некаков
надворешен атрибут.
Во Новиот Завет,
Божјата светлина се јавува како сила, која од основа и онтолошки го менува
светот: Синот дојде и ни ја подаде светлината на разумот, за да Го познаеме
вистинскиот Бог; и ,,лицето Негово светеше како што сонцето сјае во својата
сила“ (Откр. 1, 16).
Преку Господа Исуса
Христа, несоздадените Божји зраци продираат во светот - космосот; небото слегло
на земјата, а земјата се издигнала до небото. Жителите на земјата станаа деца
Божји, зашто домот на Отецот ,,има многу места за живеење“ (Јован 14,
2). Преку Него се открива вистината и светлината. Вистината примила Тело и
постанала Живот. Оној, Кој е роден пред сите векови, во времето се раѓа како
Човек во темна пештера, која со Неговото раѓање постанува посветла и од
најосветлената зграда во светот. Пламенот на Христовата
светлина го растури мракот на незнабожечката ноќ и ја избриша темнината на
незнаењето и заблудата. Вистината прима Тело, станува Живот, а христијаните се
причестуваат со крвта на Вистината и светлината на Животот. Сега, преку светите
Тајни, луѓето стануваат ,,деца на светлината“ (Ефес. 5,
8) и благодатта. Сега и свети Јован Богослов отворено говори за Бога како
светлина, или за Христа Господа како за ,,Светлина на светот“ (Јован 8,
12).
Извор на светлината
е Бог, Кој се открива како светлина. Светлина е и Синот Божји, Единородниот,
Кој е роден од Отецот на светлината. Поради тоа светата Црква ја пее химната:
,,Светлино тивко, на бесмртната слава, на бесмртниот Отец небесен...“. Он Самиот
за Себе вели: ,,Јас сум Светлина на светот“ (Јован 8,
12). Тоа значи: Господ Исус Христос го отвора патот кон Отецот на светлината и
на ,,секој добар дар“ (Јаков 1, 17). Он се воплотил, за да биде светлина на
светот и да ,,го осветлува секој човек, што доаѓа во светов“ (Јован 1,
9). Оваа светлина се шири преку слушањето на Евангелието, преку Христовата
наука, која делува како светлина, и тоа тројно.
Прво, гносеолошки,
или сознајно, како светлина на разумот. Поради тоа се истакнува: ,,Синот Божји
дојде и ни даде светлина, и разум, за да Го познаеме вистинскиот Бог“ (1. Јов. 5, 20).
Со Своето раѓање Он го осветлил светот со светлината на богопознанието. Ни го
донел знаењето за Бога, за Неговата суштина, за Неговите својства и за односите
кон човекот и светот, ни ја открил вистината за Триединиот Бог, за тоа, дека
Бог е љубов... Ни го донел знаењето за човекот, за неговата вредност како дете
- син Божји, како лик и подобие Божјо.
Второ, Господ Исус
Христос ни донесе и радост. Он ги поздравил жените - мироносици
со поздравот: ,,Радувајте се!“ (Матеј 28, 9). Сега, од Божјото воплотување струјат цели
извори на радоста. Тие ни даваат сила, за да станеме Божји деца.
Трето, Христовата
светлина ни донесе живот, вистински, благодатен живот во чистота, добрина,
светлина, правда...
Освен тоа,
Христовата светлина се прима и преку светите Тајни, преку кои се соединуваме и
со Светиот Дух, Кој е Оган и Кој очистува.
Ваквата Христова
светлина од основа го преродува човечкото битие, поради што наидуваме и на
сликовито опишување на овој процес: ,,Како што зраците на сонцето, минувајќи
низ призмата на оловните облаци, на небото насликуваат слики на искри, исто
така и зраците на несоздадената Божја енергија - Сонцето на Света Троица,
минувајќи низ призмата на нашето битие, слободно и делотворно ги пренесуваат,
на еклисиолошки и вселенски план, оние седум бои на христијански искри, кои ја
врзуваат земјата со небото и човечката природа со Бога. Така, Божјиот камен на
благодатта, ја претвора неплодната смоква на нашата онтолошка кора, во вечно
зелено овошје, кое донесува плод на Откровението, кој не е ништо друго, туку
самиот лик на Словото“. Ваквата светлина го преродува човекот-верник, блеска
преку неговите добродетели, остварени врз единството на неговиот живот во
Христа и во благодатта на Светиот Дух. Првите силни пламени на
Христовата светлина, биле Неговите ученици - светите Апостоли, потоа нивните
следбеници - апостолските Отци. Златниот христијански век, ни дава посебно
заглавие во ширењето на Христовата светлина во историјата на христијанството.
Како блескави и силни светила ни се дадени: свети Атанасиј Велики, свети
Василиј Велики, свети Григориј Богослов, свети Григориј Ниски; додека на полето
на проповедништвото, посебно богатство на христијанска светлина ни се дава
преку свети Јован Златоуст и многу други.
Нивните пламени засветлиле
во Ерусалим, Рим, Александрија, Антиохија и во многу други краишта низ светот.
Таа моќна Христова
светлина, со своето дејство го облагородила и преродила човештвото. Со силата
на Божјата благодат, таа го удрила својот печат на сите гранки на човечката
активност, како и на целокупната култура, наука, уметност... Кажано со други
зборови, најубавите дела на целокупното човечко творештво, на полето на
архитектурата, сликарството, музиката и книжевноста, се плод на силното
христијанско вдахновение.
Посебен сјај Христовата светлина има во добродетелите на
Христовите подвижници. Така преобразени со светлината на Христовата благодатна
енергија, светителите се јавуваат како Божји пријатели и светлат, подобно на
Христа за време на Преображението на гората Тавор.
Поради ваквата улога
и вредноста на светлината, сите ние, христијаните, повикани сме со својата вера
и своите добродетели, односно, со својот благодатен живот во Христа и преку
Христа, да ја прегрнеме оваа светлина, да го доживееме она, што го доживеале
безбројните Христови следбеници. Должни сме, да го доживееме она, што го
доживеал и свети Симеон Нов Богослов, кој за ова го вели следново: ,,Јас се
причестувам со оган, иако сум трева! Но, гледај чудо! И во огнот сум незапалив,
како некогаш несогорливата капина, која ја видел Мојсеј во пустината“.
Поради тоа сме
повикани да станеме ,,синови на светлината и синови на денот“ (1. Сол. 5,
5-6). Затоа христијанската должност ни наложува, да ги употребиме сите свои
сили, та преку животот во Христа, да стекнеме напредок во човекољубието, за да
можеме во воскресението да се радуваме на Царството небесно, каде што сите
Божји синови ќе засветлат како сонце.
Подготвил:
протоереј Златко Ангелески |
< Претходно | Следно > |
---|