Главно за овој значаен ден од Страдалната седмица
е дека Господ тогаш ги востанови двете суштествени тајни за нашето спасение:
Светата евхаристија (на Тајната вечера: „Земете, јадете, ова е телото Мое кое
за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта
Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го
ова во Мој спомен“.) и Исусовата молитва („...Вистина, вистина ви велам: што и
да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде“ (Јован 16, 23). „И што и да
посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам за да се прослави Отецот во
Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам...“, Јован 14, 13 -
14). Со други зборови, на Велики Четврток почнува светотаинскиот живот на
Црквата. Денот започна со Христовите последни поуки за карактерот на љубовта
што треба да ја стекнеме ако сме Негови, Неговото смирение; се памти миењето на
нозете на апостолите што го направи Сам: „Ако Јас, Господ и Учител ви ги измив
нозете, тогаш сте должни и вие еден на друг да си ги миете нозете“ (Јован 13;
14). А заврши со предавството на Богочовекот Исус Христос на првосвештениците и
фарисеите, извршено од Јуда Искариот, еден од бројот на Дванаесеттемина
најблиски Христови ученици.