Кога Господ Исус наврши триесет години од
телесното раѓање, го започна Својот учителски и спасителен подвиг. И самиот
почеток на тоа го означи со примајќи Крштение на Јордан. Како што вели Свети
Кирил Ерусалимски: „Почеток на светот е водата, почеток на Евангелието е
Јордан“. Кога Исус Христос се крштеваше во водите на Јордан, на светот му се
објави онаа тајна која во Стариот Завет само се навестуваше, за која во Мисир и
во Индија единствено се баснословеше: тајната на Божествената Троица. Отецот му
се јави на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид, а Синот дури и на
сетилото за допир. Отецот го изговори Своето сведоштво за Синот, Синот се крсти
во вода, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдеше над водата. И кога Свети Јован
Крстител посведочи и рече за Христа: „Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде
гревовите на светот“ (Јован 1, 29) и Го потопи и Го крсти во Јордан, со ова се
укажа на Христовата мисија во светот и на патот на нашето спасение. Зашто
Господ ги зеде врз Себе гревовите на родот човечки и под нив умре
(пототпувањето) и оживе (излегувањето од водата); а и ние мораме да умреме како
стар и гревовен човек, а да оживееме очистени, обновени и преродени. Тоа е
Спасителот и тоа е патот на спасението. Празникот Богојавление (на грчки
Теофанија) се нарекува и Просветлување. Зашто настанот на Јордан нѐ просветлува, прво: покажувајќи ни Го Бога
како Троица еднобитна и неразделна. И второ: бидејќи секој од крстените во вода
се просветлува бивајќи восиновен од Отецот на светлината, со заслуга на Синот,
со силата на Светиот Дух.