Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Свети Василиј, епископ Рјазански (10 јуни и 3 јули)
Свети Василиј, епископ Рјазански (10 јуни и 3 јули)
31.12.2008.


 

Угодникот Божји, светителот Василиј, епископ Рјазански живеел во втората половина на тринаесеттиот век. За неговото потекло – од кого и каде се родил – не се сочувале никакви сведоштва. Но во црковните химни се сочувале посочувања на тоа дека, светителот Василиј уште од детските години бил освештен слуга Господов, дека во младоста се усовршувал себеси и морално и духовно, победувајќи го во себе со стравот Божји гревовното и насадувајќи во својата душа и срце сè што е свето.

Првите подвизи на својата побожност ги започнал во Муром. Таму примил монашка схима, и, кога по Божја промисла било угодно да биде поставен за епископ на епархијата Муромско-рјазанска, тој веќе блескал со големи подвизи на воздржување, кротост и смирение. Во врска со изборот на свети Василиј за епископски чин во неговото житие се вели: „По пустошењето на градот Муром од неверните луѓе дојде од Киев во Муром благоверниот кнез Ѓеорѓиј Јарославич. Овој кнез ја обнови тамошната црква на Благовештението и вториот храм на светите маченици Борис и Глеб и го постави во нивната црква, епископот по име Василиј, маж праведен и благочестив“.

 

 

 

 

Откако го прими на себе високиот архиерејски чин светителот Василиј со сета ревност на вистински пастир на Црквата Христова почнал да се труди во устројувањето на својата паства: расеаните поради варварските напади ги собирал во едно стадо, изнемоштените ги укрепувал со вера, огорчените ги утешувал со цврста надеж на милоста Божја, заблудените ги враќал на вистинскиот пат. Во таквите високи добродетелни подвизи светителот Василиј се покажал како пастир добар, мудар и недремлив, милостив и изобилен со љубов, незлобив и смирен, непоколеблив столб на чистотата и целомудрието – пример на своето стадо во молитвите и постењето, и во светоотечките подвизи.

Таквите високи подвизи и добродетели на светителот станале неподносливи за непријателот на секое добро – ѓаволот. Тој ги користел сите свои сатански итроштини за да поттикне кај лекомислениот муромски народ сомнеж во чистотата и целомудрениот живот на светителот Божји. Тој примил обличје на блудна девојка, често влегувал и излегувал од домот на светителот, му се покажувал на народот од прозорецот на светителот и, очигледно, успеал во своите замки. Еднаш болјарите и народот се собрале кај светителот навечер  и виделе една девојка, како се качува по скалите кај светителот, носејќи чевли во рацете. Така направил ѓаволот. Народот, кога го видел тоа повикал: „О, епископу, не ти доликува да имаш девојки во својот дом и во својата постела“. Изненаден светителот Василиј го уверувал народот: „Невин сум за ова блудно дело, за кое вие ме обвинувате“. Народот во занес започнал линч над угодникот Божји: не се уплашил од неговото епископство, не се засрамил од неговата чесна старост, го клеветел, го исмевал и одлучил да го протера светителот од Муром. Имало и такви кои во својата лутина викале: „Да го убиеме за ова дело!“ Тогаш светителот почнал да ги моли: „Отци и браќа! Дајте ми малку време, до третиот час од денот“. Народот, поразен од кротоста на светителот, се согласил и се разотишол по своите домови. Невиниот праведник цела ноќ се молел со солзи во соборниот храм на Борис и Глеб; отслужил сеноќно бдение и Литургија утрото. Потоа испеал молебен пред почитуваната од него икона на Богомајката во храмот на Благовештението, ја зел таа икона со себе, и, откако се предал на волјата Божја, со надеж на Божјата Мајка, отишол кај реката Ока, за да го напушти Муром засекогаш. Народот му подготвил чамец. Но светителот ја соблекол од себе мандијата, ја распослал врз водата, се качил на неа со иконата на Богомајката и, чудесно носен со силата Божја, како со бурен ветар, брзо запловил низ реката, спротивно на водниот тек. Мандијата станала за него лесен кораб, Промислата Божја и застапништвото на Богомајката – кормило. Поразени од чудото, муромците, сите, од старо до младо, повикале со солзи: „О, свети Владико Василиј! Прости ни нам, твоите грешни слуги; згрешивме пред тебе, отче, Владико свет, не зборавај нè нас, твоите слуги“. Но светителот Василиј исчезнал од пред очите на муромците за миг. Така Бог ја оправдал невиноста на Својот праведник пред народот. Така ги посрамотил замките на ѓаволот, кој сака да го погуби народот.

По појадокот, во третиот час од денот (09.00 часот по наше време), светителот Василиј го оставил Муром, а во деветтиот час (15.00) истиот ден (пред вечерната) бил донесен во градот Рјазан (стариот), кои се оддалечени еден од друг повеќе од двеста километри. Чудесната Божја промисла на чудесен начин ги известил жителите на Рјазан за приближувањето кон нивниот град на светителот Василиј. Преданието вели дека жителите на Рјазан пред самото доаѓање на светителот биле собрани во храмот на вечерна богослужба, но кога излегол ѓаконот во одежди за да ја почне службата, при сите усилија не можел да го каже вообичаениот возглас, „Благослови, Владико“. Народот со чудење гледал на ова. Најпосле ѓаконот, како да се ослободил од веригите, кои ја врзувале неговата уста, и несакајќи извикал: „Владиката доаѓа, пресретнете го!“ И сиот собор од пастири со светите крстови, кнезот со болјарите и народот поитале на брегот на реката Ока за да го сретнат богообјавениот светител и, кога го виделе како плови врз мандијата со пречистиот лик на Богомајката, со голема радост го примиле кај себе.

Но не траела долго радоста на светителот Василиј и неговото паство. Тоа било време на тага, а не на радост. За време на еден разрушувачки напад на варварите, Рјазан со сите храмови бил разрушен, а на светителот Василиј Божјата промисла му одредила друго место за живеење и упокојување – тоа е денешниот град Рјазан. Преданието вели дека светиот Василиј и тука допловил по реката Ока и Трубеж (притока на Днепар) врз својата чудотворна мандија со истата муромска икона на Божјата Мајка од црквата на Борис и Глеб. Овде основал нова епископија и црквата на Борис и Глеб од тоа време станала соборна.

Пастирското служење на светиот Василиј траело само десет години. Претрпените од него огорчувања, трудови и грижи, таги и маки при гледањето на неговото паство како страда под ропството на Татарите, го скратиле тешкиот живот на светителот, и на 3 јули (стар стил) 1295 година светителот Василиј се преселил во вечните живеалишта. Неговото свето тело било погребано во соборниот храм на светите Борис и Глеб.

Но не без добра цел на Божјата Промисла било преселувањето на светителот Василиј од едно место на друго. Муромците ги вразумило, откривајќи им ги замките ѓаволски, а жителите на Рјазан и Перејаслав Рјазански – едните ги утешило и поткрепило во најтешкото време за нив, а на другите им дало пример за вера и трпение.

За поткрепување, пак, и утешување на верниците во страшното време за Русија, времето на лажните владетели и на полските напади, на Божјата Промисла ì било угодно да го прослави Својот угодник со нетленост на неговите мошти, кои почивале во земјата повеќе од триста години. Светите мошти на светителот Василиј биле откриени од страна на архиепископот рјазански Теодорит и со достојни почести биле пренесени во соборниот Успенски храм (сега посветен на Рождеството Христово). Тоа се случило на 10 јуни 1609 година. Поради немирното време биле положени на скришно место, под левата певница.

Во 1636 година над моштите на светителот била изградена камена гробница, и над неа била поставена иконата на Божјата Мајка „Молењето на Василиј“. Во 1753 година таа гробница била преправена во вид на ковчег со ликот на свети Василиј, а во 1783 година била украсена од страна на преосветениот епископ Симон.

На местото каде што биле најдени светите мошти на светиот Василиј, во соборниот храм на светите Борис и Глеб, во 1712 година наместо старата платнена палатка била изградена камена, а во 1834 година ктиторот на храмот на светите Борис и Глеб, Симеон Панов, „по тајно откровение одозгора“ – бил подигнат железен споменик.

Наоѓањето и пренесувањето на светите мошти на светителот Василиј, епископ Рјазански, било извршено од рјазанскиот архиепископ Теодорит (1605-1617). Во немирното време на Божјата Промисла ì било угодно да го прослави светителот Василиј: на 10 јуни 1609 година се случило откривањето на неговите свети мошти и нивното пренесување во Успенскиот храм на Кремљ на Перејаслав Рјазански, кој од времето на епископот рјазански Јона II (1522-1547) станал соборен. Моштите на светителот Василиј биле положени под левата певница, покрај иконостасот. Тогаш биле составени тропарот и кондакот на светителот. Од тоа време името на светителот Василиј „се спомнува во сите цркви на Рјазанската епархија“. Кон него прибегнуваат како при „постојан свој застапник, и помошник во маките и несреќите“. Во времето на архиепископот Мојсеј (1638-1651), во 1638 година над моштите на светителот Василиј била изградена камена гробница, а над неа бил поставена муромската икона на Пресвета Богородица – „Молењето на Василиј“. Познато е дека во тоа време во рјазанските храмови се извршувале молебни кон светителот Василиј. На 10 јуни 1645 година, во времето на архиепископот Мојсеј најпрво се прославило пренесувањето на моштите на светителот. Особено голем почитувач на рјазанскиот просветител се смета архиепископот Мисаил (1651-1655). По негова заповед во 1653 бил направен натпис на големиот сребрен купел за водосвет: „Овој купел во Перејаслав Рјазански, во соборната црква на Успението и на светите маченици Борис и Глеб, и на светиот отец наш Василиј, епископот Рјазански чудотворец“. Во 1655 година светителот Василиј бил претставен на сребрениот крст заедно со светиот Јован Претеча и светиот Јона, митрополитот московски. Во 1712 година за време на митрополитот Стефан Јаворски над местото каде што најпрво бил погребан светителот Василиј, во црквата на св. Борис и Глеб, била изградена камена камбанарија со заложбите на писателот Никита Алтухов. Во 1722-1723 година во времето на императорот Петар I се случило формалното истражување за светителот, по кое светителот Василиј бил насликан на иконата заедно со другите руски светители. Митрополитот новгородски Димитриј (Сеченов) додека бил епископ Рјазански (1752-1757) составил служба на светителот Василиј, „земајќи ги предвид претходно напишаните тропар, кондак и канон“. Во негово време над моштите на светителот Василиј била изградена нова гробница слична на ковчег со икона на светителот. Во 1782 година ковчегот со моштите на светителот Василиј бил раскошно украсен од архиепископот рјазански и зарајски Симон (Лагов) (1778-1804). Во 1810 година при архиепископот рјазански и зарајски Теофилакт (Русанов) бил издаден указ од светиот Синод за празнување на светителот Василиј во Неделата на Сите Светии. На 4 октомври 1836 година бил торжествено откриен новиот споменик на местото каде што биле најдени моштите на светителот Василиј, кој бил подигнат со заложбите на ктиторот на Борисоглебската црква – Симеон Панов. Во 1871 година архиепископот Алексиј (Ржаницин, 1867-1876) првпат отслужил Божествена Литургија во Борисоглебската црква во денот кога се празнува споменот на свети Василиј, 3 јули. При архиепископот Паладиј (Раев, 1876-1882) со Указ на Светиот Синод во 1881 година биле утврдени денови за празнување на споменот на светителот Василиј: 3 јули – денот на неговото блажено упокојување и 10 јуни – денот на пренесување на неговите свети мошти. Во денешно време светиот Василиј особено се почитува во Рјазанската област. Во секој храм на Рјазанската епархија има негова икона, а во повеќето храмови, освен тоа, - има фреска од светителот, како плови по водата врз мандијата со муромската икона на Богомајката во раце. Во соборниот храм секоја среда навечер се служи акатист кон него.

По неговите свети молитви, Господ да нè помилува и спаси. Амин!

 

Торпар, глас 4:

 

Најпрво со епископство во Муром си бил почестен, од каде што неправедно изгонет, врз мандијата, како на лесен кораб, си заминал, врз која натприродно, како бесплотен, по водата си запловил, управуван од промислата на Севишниот и со застапништвото на Богомајката, си стигнал во богомспасуваниот град Рјазан и во него, си примил архиерејски престол; богомдаруваната ти паства рјазанска добро си ја пасел, светителу отче наш Василиј, моли Го Христа Бога да бидат спасени нашите души.

 

Кондак, глас 8:

 

Како многусјајна ѕвезда, од градот Муром си заблескал, светителу Василиј, по водите си дошол до градот Рјазан; Црквата Божја добро си ја раководел, просветувајќи ги луѓето со твоето учење и житие. Спомни ги и сега твоите чеда, те молиме, наставнику наш предобар, и за нас моли се на Христа Бога и на Неговата Пречиста Мајка, та со благодарна душа да ти повикуваме: радувај се, угоднику Христов и горешт молитвенику наш пред Бога.

 

Подготвил и превел од руски јазик:

Ѓакон Јани Мулев

 
< Претходно   Следно >