Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Поуки од старец Јероним исихастот Eгински
Поуки од старец Јероним исихастот Eгински
22.12.2008.

 

 

„Кога Бог ви даде ваше чедо, вие не го сакавте и го убивте!...“

 

Еден возрасен брачен пар дојде на посета кај старецот. Немаа нивни деца, па имаа посвоено едно девојче, кое веќе беше голема девојка, но имаше многу лош карактер и голема суровост, па нејзините родители кои ја беа посвоиле буквално се измачуваа со неа.

Во сета нивна безнадежност, кога слушнаа за старецот, поитаа кај него.

Кога огорчените родители му ја објаснија својата болка, старецот им одговори, укорувајќи ги:

- Малку е тоа што ви го прави! Требаше главите да ви ги скрши!

Го ислушаа со изненадување, без да сфатат зошто и како тоа еден свет човек да зборува така.

По неколку минути молчење, старецот продолжи:

- Кога Бог ви даде ваше чедо, не го сакавте и го убивте! Е па сега, како сакате да се однесува кон вас туѓото? Не е виновно девојчето, туку самиот ваш грев ве измачува.

По ова откровение, мажот и жената почнаа да плачат и скрушено му исповедаа на старецот сè што навистина се беше случило.

Со вообичаениот отечки балсам и неговото свето расудување и љубов ги утеши, потоа ги посоветува и им вети:

- Сега ќе се помолиме на Бога, да ви се смилува и да го промени вашето чедо...

Си заминаа олеснети, радосни. Стигнаа дома многу доцна, чекаа, како и обично, да се соочат со суровост, викање, лошотилок итн., од страна на нивната ќерка.

Но за чудо, видоа како една променета личност, со добрина и кротост ги пречекува. Не им се веруваше.

По малку време, таа им објасни:

- Цело попладне, кога останав дома сама, си размислував: Што добиваме од ваквиот однос и зошто ние тројца да не живееме со љубов и среќа? Ќе се обидам малку да се променам и сите ќе бидеме подобро.

Родителите многу се разжалостија, кога изненадени ја видоа оваа промена, зашто невозможно беше веднаш во тој момент да поитаат пак кај старецот за да му ја изразат нивната радост и благодарност...

Но истовремено сфатија дека покајанието, скрушеноста, исповедта и молитвата на старецот беа доволни за да го оттргнат гревот и да ја „утврдат во срцето“ на нивната посвоена ќерка промената и љубовта.

Го прославија Бога и му заблагодарија на старецот.

 

Синови или слуги?

 

Еднаш во неговата смирена ќелија го посети еден Турчин. Како што рече, го испратил неговиот газда, кој беше судија, за да го покани во неговиот дом.

Отец Василиј некако се вознемири. Не беше навикнат на покани за посети од љубезност, и неговиот ум отиде во некое можно „зло“, во едно ново, можеби, искушение. Но се помоли на Бога и отиде со турскиот службеник.

Кога стигнаа во гостоприемната соба на судијата, самиот тој го прими со голема срдечност. Седнаа и судијата почна со дискусија:

- Ефенди попе, јас сум Турчин, мухамеданец. Но од платата која ја земам, го задржувам неопходното за моето семејство, а останатото го трошам за милостина. Им помагам на вдовиците, сираците и сиромашните, им давам мираз на бедните девојки кои се мажат, им помагам на болните. Строго ги држам постите, се молам и обично се трудам да сум доследен на верата. И кога судам, се обидувам да сум справедлив, не попуштам никому, колку и да има висока позиција. И што велиш, сè она што го правам не е доволно за да го здобијам рајот, како што велите вие христијаните?

Отец Василиј беше воодушевен од она што му го кажа Турчинот и со умот веднаш отиде кај стотникот Корнилиј (Дела 1 гл.). Ги споредуваше паралелно овие два живота. Сфати дека пред него стои праведен и добронамерен човек и можеби неговата мисија беше иста со онаа на апостол Петар кон стотникот. Одлучи да посведочи за неговата вера.

- Ефенди, имаш ли деца?

- Да, имам.

- Слуги, имаш?

- Имам и слуги.

- Кој ги исполнува подобро твоите заповеди, децата или слугите?

- Се разбира, слугите, зашто децата, со слободата која ја имаат, честопати не слушаат и прават што сакаат, додека слугите прават секогаш сè што ќе им речам јас.

- Кажи ми, ефенди, ако умреш, кој ќе те наследи: твоите слуги, кои ги исполнуваат верно твоите заповеди, или твоите деца кои не те слушаат?

- Па се разбира, децата. Само тие имаат право на наследство, не и слугите.

- Е па добро, с# што правиш ефенди е добро, но сè што можат да ти направат, е да те стават во редот на добрите слуги. Но ако сакаш да го наследиш рајот, царството небесно, треба да станеш син. А тоа бидува само преку крштевање.

Турчинот се воодушеви од примерот кој му го кажа отец Василиј. Зборуваа уште, и на крајот побара од него да го катихизира и да го крсти. И по некое време, Турчинот се крсти и стана христијанин.

 

За соништата

 

Архимандритот Пантелејмон, од манастирот „Свето Преображение“ – Бостон, го раскажува следново за старецот Јероним:

Еднаш, кога бев млад монах и се подвизував сам на околу 40 милји надвор од Бостон, ме посети еден студент на теологија. Човекот беше од Грција, но студираше во Америка. Ми кажа извонредни работи од неговиот живот, кога бил помлад – виденија, чуда, искуства итн. Не знаев што да кажам. Или би требало да е светител (да има достигнато голема духовна зрелост) или е опрелестен. Додека бев монах на Света Гора, научив дека сите соништа и виденија се измама, и да не им придавам значење и да не им верувам на таквите појави. Но што требаше да му кажам на тој човек – дека сè е од ѓаволот? Имаше отидено кај свештеници, епископи, учители и сите го исмеваа. Повеќе со никого не зборуваше за тоа. Слушнал дека постои некој монах од Света Гора, и со голем труд и трошоци дојде да ме види. Човекот изгледаше дека е побожен и урамнотежен. Од она што ми го кажа немаше очигледен знак дека се работи за прелест, но ѓаволот има многу тактики. Да му речам дека е од Бога? Од каде да бидам сигурен? Да му кажам, пак, дека е од ѓаволот? И за тоа не можев со сигурност да тврдам. Затоа му реков:

- Слушај, брате. Јас сум млад монах и немам искуство со тие работи. Ниту сум видел некогаш сон, ниту видение. Ниту пак сакам да видам нешто такво, зашто ѓаволот честопати се преправа во ангел на светлината за да ги прелаже луѓето. Тебе ти треба искусен духовник за да ти помогне.

- Да не познаваш некој таков? - Ме праша.

- Овде во Америка, не. Во Грција запознав еден свет старец, со дарови на Пресветиот Дух, видовитост, прозорливост, пророштво.

- Како се вика? Каде живее?

- Се вика старец Јероним и живее во Егина.

Тоа се случи во пролетта, 1961 година. Во летото тој отиде во Грција и го најде старецот во неговиот аскитирион. Му го раскажа сето она што ми го кажа и мене. Старецот тивко го слушаше без да проговори. Откако заврши студентот, тогаш старецот отвори уста и му рече:

- Те жалам. Толку си слаб во верата, што Бог, за да не се удавиш, ти подаде рака. Блажени се оние кои не видоа, а поверуваа. Да, многу си слаб, па затоа е сето ова. Да се молиш и да внимаваш.

Кога подоцна го чув сето ова, зашто и самиот студент дојде и ми раскажа, а една година потоа го видов старецот пак, и самиот тој ми го раскажа случајот, се воодушевив од расудувањето и методот на старецот. Со еден збор го запази студентот од гордост. 

 

„Ти си виновна за болеста на детето!“

 

Друг пат, кога веќе имавме мало братство овде во Бостон, контактираше со нас една страдална мајка од внатрешноста на Америка, оддалечена повеќе од две илјади милји. Таа имаше едно мало тригодишно дете, кое боледуваше од рак. Некогаш ни телефонираше, некогаш ни пишуваше. Некој ì беше кажал за нашиот манастир и таа бараше помош – да се молиме за да оздрави нејзиното дете. Понекогаш ни испраќаше облека од детето или марамчиња за да ги ставиме врз светите мошти и да читаме молитви и да ì ги вратиме назад, па можеби ќе се случи некое чудо. Ние ì испративме масло од кандилото на свети Нектариј и од свети Јован Руски, и, колку што можевме, ја утешувавме. Жената беше Гркинка, но родена во Америка и не знаеше добро грчки. Честопати нè прашуваше по телефон, зошто ì се родило детето со рак, и со што згрешило тоа, па така да страда. Зошто Бог допушта да се измачува едно невино создание; Ние ì одговоривме дека тоа се судови Божји, а ние не сме Бог па да ја знаеме Неговата премудрост. Но таа пак ни велеше: „Зарем не постои човек Божји за да ми одговори?“ Ние ì одговоривме дека сме грешни луѓе, и не познаваме таков човек. Многу пати нè прашуваше, па еднаш ì реков: Немој залудно да се трошиш, зашто ни се јавуваш од толку далеку. Постојано се молиме, но Бог не нè слуша. Овде во Америка не познаваме таков човек кој би можел да ти одговори на прашањето. Во Грција постои еден старец, на истиот остров каде што е свети Нектариј, но е многу далеку од твојот дом, над осум илјади милји, а и освен тоа, не знае англиски“.

Толку требаше. Не губеше време, толкава беше нејзината болка, така што се качи во авион и отиде во Грција. Стигна во Егина. Најде еден таксист кој знаеше едвај англиски, а и таа едвај знаеше грчки и отиде во тихувалницата на старецот. Не го најде таму. Беше слегол во центарот, на пазар. Се врати и таа во центарот и конечно го најде старецот по патот. Почна преку таксистот да му кажува за нејзината мака, и дека од нас слушнала за него.

Старецот ì рече:

- Ти си виновна за болеста на детето, затоа што го остави законскиот маж и си најде друг. Твојот маж  не го поништи бракот, туку ти се заљуби во друг. Сега зошто плачеш? Твоето детенце е невино. Тоа секако ќе се спаси. Ќе биде со ангелите. Но и ти ако сакаш, спасувај се. Бог ги љуби сите и сака сите да ги спаси. Дадена ти е прилика да се покаеш и да се спасиш. Пред да ти се разболи детето, си спомнуваше ли за Бога? Одеше ли во црква? Се прекрстуваше ли? А сега постојано се молиш. Дури и авион фати и толкав пат помина за да дојдеш и да му се поклониш на свети Нектариј, да побараш помош, да си ги кажеш страданијата. Ако немаше страдања, немаше да се сетиш на Бога. Да, ако сакаш сега, поправи се, стани добра христијанка. Детето твое на Бога Му припаѓа, нема да остане повеќе во овој лажен свет. Немој да жалиш. На Бога секогаш да Му благодариш, да Го славиш.

Кога се врати, самата таа ми се јави и ми кажа за нејзината средба со старецот. По малку време нејзиното дете се упокои, како што ì кажа старецот. Од каде да го знам јас животот на оваа жена! Во мојот живот запознав шестмина свети луѓе, прозорливи, но дарот на прозорливост и видовитост на старец Јероним беше посилен од сите.

 

 


Превод од новогрчки:

ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Π. Μπότσης,

Γέροντας Ιερώνιμος ό Ησιχαστής της Αίγινας,

Αθήνα, 2001.


 

 

 
< Претходно   Следно >