За зографите и за чесните икони |
22.12.2008. | |
(43 поглавие од „Стоглавот“ на Московскиот собор
од 1551 година) Во царскиот град Москва и во останатите градови,
митрополитите и архиепископите и епископите според учењето на Црквата нека
водат грижа за црковните чинови, првенствено за светите икони и за зографите и
за останатите црковни чинови, какви треба да бидат според свештените правила; и
нека се грижат за сликањето на телесното изобразување на нашиот Господ Исус
Христос и Пречистата Негова Богомајка, и светите небесни сили, и сите светии,
кои од памтивек Му угодиле на Бога. А зографот треба да биде смирен, кроток, побожен;
непразнословец, ни шегобиец, ни кавгаџија, ни пијаница, ни убиец, туку над сè да ја чува телесната и душевната чистота,
со секоја внимателност. Оние кои се во состојба да останат такви до крајот,
нека се оженат законски и нека склучат брачна заедница, и нека доаѓаат често
кај духовните отци на исповед и на советување за сè, и по нивните заповеди и учења да пребиваат во
пост и молитва. Без било каква надменост и неуредност, со
преголема внимателност да Го сликаат и изобразуваат на икони и на даски нашиот
Господ Исус Христос и Неговата Пречиста Богомајка, и светите небесни сили, и
светите пророци, и апостоли, и маченици, и светители, и преподобни и сите
светии по образ, и подобие и по битие; гледајќи ги иконите на древните
иконописци да се следат добрите примери. Па ако некои од денешните мајстори
ветат дека ќе бидат зографи и ќе прифатат да живеат така, и да ги запазуваат
сите заповеди чисто, и да се грижат за Божјото дело, и таквите зографи нека ги
награди Царот, а светителите (епископите) нека се грижат за нив и да ги
почитуваат повеќе од обичните луѓе. Така и тие зографи да примаат ученици, и
нека ги испитуваат во сè, и
нека ги учат на секоја побожност и чистота. И нека ги носат кај духовните отци:
тие ќе ги упатуваат по преданијата и по правилата на светителите, како треба
христијанинот да живее, без било каква надменост и неуредност. И така од своите
мајстори нека учат внимателно. И ако Бог на некого од нив му го открие овој вид
ракоделие, мајсторот ќе го однесе таквиот кај светителот (епископот), а
светителот ќе испита дали насликаното од ученикот е по образ и подобие, ќе
дознае точно за неговиот живот, дека во чистота и во секоја побожност и чистота
живее по Божјите заповеди, без било каква неуредност. И светителот ќе го
благослови и ќе го упати и понатаму да живее благочестиво, и да го работи тоа
свето дело со секоја усрдност. И тој ученик ќе ја прими истата онаа чест од
страна на светителот како и неговиот учител, повеќе од обичните луѓе. По ова
мајстор ќе упатува мајстор; и да не го поробува ни по брат, ни по син, ни по
ближни: ако на некој Бог не му открие такво ракоделие и таквиот почне да слика
лошо, или не живее по вистинските заповеди, а мајсторот да го прикаже како
способен и достоен според животот, и да донесе на увид друга слика како да е
негова, епископот откако ќе го испита, таквиот мајстор нека го стави под
забрана, та и другите да се вразумат и да не се дрзнат да направат нешто
слично, а ученикот, пак, да не се допира веќе до иконопис. Ако повторно на
некој ученик Бог му открие такво ракоделие и ако почне да живее по вистинските
заповеди, а мајсторот почне да го озборува од завист, за да не добие чест каква
што добил и тој, епископот, откако ќе провери, на таквиот мајстор да му стави
правилна забрана, а на ученикот да му даде уште поголема чест. Ако некој од
таквите зографи почне да го сокрива дарот, кој му е даден од Бога, и суштински
не им го пренесува на учениците, таквиот Бог ќе го осуди на вечни маки, заедно
со оние кои го сокриле талантот. Ако некои од самите тие мајстори - зографи или од
нивните ученици почне да живее спротивно на вистинските заповеди, во пијанство
и во нечистотија, и во секоја непокорност, таквите, епископите треба да ги
ставаат под забрана и да ги оддалечуваат од иконописната дејност и да не им
даваат дозвола да се занимаваат со тоа дело, плашејќи се од зборовите, на оној
кој рекол: „Проклет е оној што невнимателно го врши Божјото дело“. А неуките
иконописци, кои досега сликале без да учат, самоволно и по својата замисла, и
не по ликот (образот), па нивните икони ефтино им биле продавани на прости
луѓе, непознати селани, и на таквите треба да им се заповеда да учат кај
добрите мајстори; и на оној, на кого Бог ќе му даде да слика според ликот
(образот) и подобието, таквиот нека слика, а на кого Бог нема да му даде,
таквиот во иднина нека се откаже од таа работа, да не се хули на името Божјо со
таквите слики. Ако некој од нив не престане со таа работа, таквиот ќе биде
казнет со царска закана, и од Бога ќе биде осуден. А ако се спротивстават со
зборовите: „Ние од тоа се прехрануваме“, ни на таквите нивни зборови да не се
обрнува внимание, зашто тоа што го велат е од незнаење, па дури и не си го
сметаат за грев. Не се сите луѓе родени за иконописци, зашто постојат многу
ракоделија (занаети, дарови) дарувани од Бога од кои луѓет можат да се
прехранат и да се одржат во живот и без иконопис. Но да не се дозволува Божјиот
образ (лик) да се понижува! Па така и архиепископите и епископите, по сите градови и села, по манастирите, во своите епархии да ги проверуваат иконописните мајстори и сами да го надгледуваат нивното сликање и од нив да ги избираат најдобрите мајстори, и ним да им наложуваат да ги надгледуваат своите иконописци, та меѓу нив да нема ниту еден лош и неуреден. За своите, пак, зографи нека се грижат архиепископите и да ги почитуваат повеќе од обичните луѓе, а и угледните и сите други луѓе во сè да ги почитуваат и нека им оддаваат чест поради нивното чесно и чисто иконично изобразување. Светителите (епископите) нека се грижат и за ова, секој во својата епархија: истакнатите иконописци и нивните ученици да сликаат според древните примери, да не го опишуваат божеството по свое и според своите фантазии. Зашто Христос нашиот Бог е опислив по тело, а според Божеството неопислив, како што вели свети Јован Дамаскин: „Не го опишувајте Божеството, не ги лажете слепите, тоа е просто, невидливо и недогледно; а изобразувајќи го телесниот лик се поклонуваме и веруваме и ја славиме Дева, која Го родила Господа“. А кој од вештите и истакнати мајстори и зографи го сокрива дарот, кој му го дал Бог, и не ги учи другите и не им кажува, нека биде осуден од Христа на вечни маки, со оние кои го сокриле својот дар (талант). Затоа, зографи, учете ги своите ученици без било какво лукавство, за да не бидете осудени на вечни маки.
Превод српски јазик: Васил Ристовски, студент на Теологија Наслов на изворникот: О
живописцима и часним иконама, Градац, Часопис за книжевност, уметност и културу,
мај-октобар, 1988. |
< Претходно | Следно > |
---|