- Црквата "св. Атанасиј"- Неготино
Црквата "св. Атанасиј" е изградена во првата половина на XIX век, во 1837 година. За време на Втората Светска војна, од страна на бугарскиот окупатор, живописот е премачкан со вар и врз него е направен нов живопис со многу слаб квалитет, заради асимилацијата на нашиот народ. Ова е класична црква за XIX век, која својот празник го слави на 31 јануари по новиот, односно 18 Јануари по Јулианскиот календар.
- Манастир Св. Ѓорѓи - Неготино
Населението од Неготино, во 1960 година, на месноста наречена "Црквиште" во непосредна близина на реката Вардар, го изградува манастирот св. Ѓорѓи. Манастирот се наоѓа на десниот брег на реката Вардар, каде што брегот во блага угорница се издигнува околу 100 метри над нивото на реката, а на највисокиот дел е изграден манастирот кој со својата околина, и нарочито широк поглед, се шири на североисток каде се протега коритото на реката Вардар и Пепелишкото поле па се до сртот на планината Серта. Конаците на манастирот се изградени нешто подоцна од изградбата на црквата св. Ѓорѓи која е во склоп на манастирот, или поточно биле изградени при градбата на железничката пруга Скопје - Солун, а нив ги изградил (проектирал) инжињер по народност Пољак. Тој го подигнал конакот и првобитната цел и намена на конаците била за сместување на работниците кои работеле на пругата. По неколку години била пуштена пругата во сообраќај, а тоа било во август, 1873 год. кога и конаците ја завршиле својаата првобитна функција и намена, и истите биле подарени на црквата св. Ѓорѓи. Старите конаци кои биле изградени од слаб градежен материјал, дрво, плет, тули и кал, се целосно обновени, кога 1978-80 г. на местото на старите конаци се изградени нови, од тврд матерјал со тенденција да се запази старата архитектура. Конаците имаат приземје и спрат, и располагаат со голем број на простории. Источната страна на конаците, која претставува и лице на објектот е свртен кон црквата и се наоѓа на едно повисоко издигнато плато. Та страна е целосно поврзана со чардаци и издадени балкони изработени во армиран бетон, од кој се шири поглед кон реката Вардар. Исто така, и конаците од јужната страна се реновирани од тврд материјал и претставуваат една целина сите заедно. Денес овие реконструирани конаци се користат повеќеструко, како преноќиште на туристи, верници, уметници, како и за разни собири на научни работници, ликовни творци, поети, за прослави и друго.
- Црква Св. Ѓорѓи кај Неготино
Во литературата сретнуваме податоци кои со сигурност потврдуваат за постоење на постара црква на овој локалитет уште во XIV век. Во хрисовуљите (повелбите) на српските владетели стои запишано дека црквата св. Ѓорѓи кај Неготино, цар Душан како прилог ја подарил на манастирот Хилендер во 1348 год. Најверојатно старата црква постоела се до доаѓањето на Тимурташ-паша во 1385 год. кога и Неготино потпаѓа под турска власт. Во овој период црквата е целосно уништена и срамнета со земјата, а голем дел од црковното богатство е опљачкано или уништено. После ова црквата паѓа во заборав, а земјиштето каде што била црквата го претвориле во ораници, а пошироката месност оттогаш се нарекува "Црквиште". Но, на сам ден Велигден во 1860 год., после собраните доброволни прилози во присуство на владиката Јеротие и населението од Неготино и околината бил поставен темелот на црквата св. Ѓорѓи. Црквата била градена шест години до 1866 г., кога е довршена нејзината изградба. Во 1968-70 г. срушени се трите куполи на црквата кои биле направени од плет тули и кал и на нивно место изградени се нови од тврд материјал (бетон). По изградбата на црквата од 1860-66 г. нешто покасно истата била живописна. Но, за жал со последната реконструкција на црквата од 1968-70 г. живописот е целосно уништен на трите тамбури, куполите и таванот. Автор на живописот на црквата св. Ѓорѓи во Неготино е Крстевиќ, зограф од Велес. И Крстевиќ како и неговите современици зема теми од својот живопис кои биле вообишаени за XIX век и кои се исликувале по однапред одреден редослед. Неговото сликарство претставува една целина. Тематски содржината е така компонирана, наедно да заплашува и почитува што скоро е редовен обичај во сите цркви од XIX век. И иконостасот е изработен во исто време кога и живописот, а денес дел од иконите се заменети со понови.
|