Христос - живот на светот |
5.11.2008. | |
Уште во раното
христијанство за Христовите следбеници било премногу омилено и најчесто
употребувано спојувањето на двата грчки зборови: φώς и ζωή (светлина и живот).
Оваа кованица најчесто била употребувана во монограмот, во форма на крст, во
кој едниот збор (φώς) формира линија во должина, а другиот збор (ζωή) попречна
линија, при што, заедничката буква „Ω“ (омега) се поклопува. Тоа е знакот, кој на
најсоодветен начин, означувал дека Христос е светлина и живот. Овој знак се
наоѓа на ранохристијанските надгробни споменици, но и денес може да се сретне
на многу икони, фрески, цркви, но и во натписи на домови.
Дека Господ Исус
Христос навистина е живот на светот, ни кажа, пред сè, лично Он. Тоа подоцна го
посведочиле и многу отци и учители на Црквата, а тоа го доживеале и искусиле
многу христијани од сите векови, а за тоа говорат и многу наши современици.
Прелистувајќи го
светото Евангелие, гледаме дека во секоја негова страница Господ Исус Христос
се открива како живот на светот. Во Евангелието сè е поврзано со животот, со
реалниот живот, со нашиот живот. И сè што е во него кажано и напишано, сето тоа
е направено само поради нас и нашиот живот. Оттука, нам не ни е тешко да
сфатиме дека Христос навистина е живот на светот. Еве што Он Самиот за тоа
говори во Евангелието: „Оти, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на
Синот да има живот во Себе“ (Јован 5, 26); „Јас дојдов за да имаат живот вечен и да
имаат изобилие“ (Јован 10, 10); „Како што Ме прати живиот Отец, и Јас
живеам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене“ (Јован 6,
57); „Јас сум лебот на животот“ (Јован 6, 48).
Светиот апостол и
евангелист Јован ни сведочи дека во Христа навистина „имаше Живот
и Животот им беше светлина на луѓето. И Светлината во темнина свети и мракот не
ја опфати“ (Јован 1, 4-5). А Самиот Христос говори: „А волјата на
Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сè што ми дал да не погубам ништо, туку да го
воскреснам во последниот ден“ (Јован 6, 39); „Оти, како што Отецот воскреснува од мртви
и оживува, така и Синот ги оживува оние, кои што сака“ (Јован 5,
21).
Уште старозаветниот
праведник Јов рекол: „Но јас знам, Искупителот мој е жив, и Он во последниот
ден ќе ја крене мојата гнилежна кожа. И јас во телото мое ќе го видам Бога“ (Јов 19,
25-26). А Евангелието ни сведочи дека „иде часот и дошол веќе, кога мртвите ќе
го чујат гласот на Синот Божји и, штом го чујат, ќе оживеат“ (Јован 5,
25). „Кој ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби душата
своја заради Мене, ќе ја зачува“ (Матеј 10, 39).
И многу отци и
учители на древната Црква, читајќи го Евангелието, сфатиле дека Христос е
вистински Бог и вечен живот, и дека преку Христос доаѓа самиот вечен живот
(блажениот Августин); и дека Христос, всушност, ја победил смртта и го открил
животот, за да создаде заедница и мир меѓу Бог и луѓето; и дека станал првенец
на живите, како што е Адам првенец на оние, кои станале смртни (свети Иринеј
Лионски).
Навистина, Христос е
извор на животот. Ние луѓето бевме без живот, подобно на животните, сè додека
кај нас не дојде изворот на животот. Он дојде кај нас и умре за нас. Дали Он,
кој доброволно ни ја подари својата смрт, ќе ни го скуси својот живот? - се
прашува блажениот Августин и додава дека никој не треба да се надева на
неминливиот живот, ако не го признава фактот дека животот е - Христос. Свети
Кирил Александриски, пак, ни вели дека нашиот Господ Исус Христос обезбедува
живот, зашто во нашето срце го всадува семето на бесмртноста, кое во нас ја
уништува сета расипаност.
Има многу примери од
кои се гледа дека многу христијани лично ја доживеале евангелската вистина дека
Христос е живот на светот.
Ѓаконот Евплиј, кој
во почетокот на IV век бил обвинет дека не го предал Светото Писмо, кое го
поседувал, судијата го запрашал што е напишано во тие списи, на што ѓаконот
одговорил: „Законот на мојот Господ, ете тоа ми е предадено“. „Од кого?“ - прашал
судијата. „Од Исус Христос, Синот на живиот Бог“, - дополнил ѓаконот. По првото мачење,
судијата повторно го запрашал зошто не ги предал списите. Ѓаконот одговорил: „Затоа што
сум христијанин. Во нив е вечниот живот и кој ќе ги предаде нив, го губи
вечниот живот. За да не го загубам тоа, доброволно ти го предавам своето земно
тело“. Кога џелатот замавнал со мечот, ѓаконот ги изговорил своите последни зборови: „Нека е
прославен Христос, мојот Бог“.
Уште еден пример:
кога етиопскиот деспот Дунан во својата земја ги прогонувал христијаните, била
заробена и една мајка со своето дете. Мајката била осудена на смрт со палење, а
момчето било поштедено. Меѓутоа, за чудо на сите, и момчето побарало да биде
подложено на маки. Тогаш деспотот наредил да му го доведат тоа момче, па го
прашал: „Знаеш ли ти што значи тоа да се биде подложен на маки?“. „Да, јас знам“, -
одговорило момчето, „да се биде мачен значи: да се умре од љубов за Христа и
веднаш потоа пак да се оживее“.
Својата вера во
Христос, Кој е живот на светот, на поинаков начин ја исповедал и цар Теодосиј.
Во време на една голема амнестија, царот наредил сите затвори во главниот град
да се отворат и робовите да се пуштат на слобода. Кога некој од неговите ближни
изразил чудење поради неговата толку голема добрина, царот му одговорил: „Ако Бог
допушти, јас би можел и сите гробови да ги отворам и сите мртви да ги оживеам,
како што сега ги ослободувам затворените“. Она што царот со својата сила не
можел да го направи, тоа го направи Христос - Господарот на животот и смртта.
На сите, кои веруваат во Него, Он им ја отвори вратата во животот и Он, еден
ден, од сите гробови на земјата ќе ги поведе во неминливиот живот, како што и
Самиот лично во ноќта воскресна од гробот во вечно преобразениот живот.
И многу наши
современици на разни начини ја манифестираат својата вера во евангелската
вистина: Христос е живот на светот.
Една слика на
уметникот Фирих, во малку потези го резимира погледот на животот на својот
автор, кој бил побожен сликар. На таа слика е насликано едно детско
креветче, на кое е вдлабен монограмот ИХС. Под него стои мртовечки сандак, а на
сандакот седи уметникот, чиј поглед е вперен во Христовото распетие, кое е
ставено на ѕидот. А под сликата се напишани зборовите од Евангелието: „Во Него
имаше Живот“ (Јован 1, 4).
И на една убава
фасада, истиот уметник ги прикажал зборовите на пророкот Исаија: „Тогаш со
радост ќе црпите вода од изворите на спасението“ (12, 3).
Горе, на сликата, се гледа како војникот со копје ги прободува ребрата
Господови, откаде што тече „крв и вода“ (Јован 19, 34). Под тоа се гледа како Мојсеј удира со
стапот по карпата, откаде што тече свежа вода (спореди: 2. Мој. 17, 6), која е
скапоцено освежување за уморните луѓе, кои талкаат по пустината, а кои сега од
сите страни брзаат да стигнат до ова место. Меѓу другите, се гледаат и еден
човек, една жена, една мајка со своето дете како сакаат да ја згаснат својата
жед. Причината и исполнувањето овде стојат заедно: Мојсеј, кој на жедната толпа
им дава земна вода, и Христос, Кој го открива изворот на водата, која извира за
вечен живот (спореди: Јован 4, 14).
Писателот Барон фон
Роп, во својата книга „Човекот открива живот“, изложува
како, преку средбата со Христос, сфатил што е живот, со што ја открил „целокупната
смисла“ на сè што постои.
Навистина: Христос е
жив и Он е живот на светот. И ако светот денес сака да се обрати кон Бога, тоа
може да го направат само нашите животи - животите на христијаните, праксата на
христијаните и проповедта на нашите животи меѓу луѓето. Зашто, Христовите
критичари повеќе нè читаат нас, отколку Светото Писмо, а ние, за жал, многу
повеќе не сме Светото Писмо, туку напад на него.
Човекот може да ì
припаѓа на Црквата, и пак да не биде христијанин. Редовно може да ги посетува
богослужбите, а во срцето и душата да не биде Христов следбеник. Тоа секој
човек поединечно треба да го одлучи. Го слушаме Евангелието и доаѓаме лице в
лице со Крстот. Што направивме со Исуса? Дали е Он во нашата душа и во
нашиот живот? Не е доволно само да се говори за Него. Дали сме го внеле
во својот живот? Дали сме го направиле господар на целото наше битие? Не е
доволно само да дојдеме што поблиску до крстот. Потребно е да дојдеме до одлука.
„За мене
животот е Христос!“ - ете ваква одлука треба да ни диктира нашиот животен
пат, зашто таа нè врзува за вечни резултати. Зашто, Христовото дело и нашето
спасение стојат или паѓаат заедно. Нашето движење и нашата радост стојат или
паѓаат заедно.
Ако Го прифатиме
Христос за Спасител и ако Му служиме, ќе ни биде овозможено да живееме
поблагороден, подобар и подостоен живот за Бога и светот. Ако Го прифатиме
Христос за свој Спасител и ако се запишеме во редицата на Неговите послушни
слуги, тогаш за себе ќе осигураме иднина без темни облаци, во која злото не ќе
може да ни наштети.
Навистина, ние уште
денес можеме да преминеме од смртта во животот, уште денес може да ни бидат
простени нашите гревови. Затоа, не треба да одолговлекуваме. Има многу вистина
во една шпанска поговорка, која вели: „Патот кој се вика утре, води во
градот кој се вика никогаш“. Секогаш треба да ги имаме предвид зборовите на светиот апостол
Павле, кои некогаш им ги напишал на жителите од Коринт, а со кои и сите нас нè
потстетува дека денес е денот на нашето спасение: „Еве, сега е
времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!“ (2. Кор.
6,2). И ако Господ, како што некогаш ги прашал Своите ученици, нè праша и
денес: „Да не сакате и вие да си отидете (од Мене)?“, да бидеме
подготвени веднаш, како Неговите апостоли, да одговориме: „Господи, при
кого ќе отидеме? Ти имаш зборови за живот вечен“ (Јован 6,
67-68) и ние сме со Тебе до крајот на животот.
Подготвил:
протоереј Златко
Ангелески |
< Претходно | Следно > |
---|