Манастир Св. Ѓорѓи - Неготино |
20.10.2008. | |
Населението од Неготино, во 1960 година, на месноста наречена "Црквиште" во непосредна близина на реката Вардар, го изградува манастирот св. Ѓорѓи. Манастирот се наоѓа на десниот брег на реката Вардар, каде што брегот во блага угорница се издигнува околу 100 метри над нивото на реката, а на највисокиот дел е изграден манастирот кој со својата околина, и нарочито широк поглед, се шири на североисток каде се протега коритото на реката Вардар и Пепелишкото поле па се до сртот на планината Серта.
Конаците на манастирот се изградени нешто подоцна од изградбата на црквата св. Ѓорѓи која е во склоп на манастирот, или поточно биле изградени при градбата на железничката пруга Скопје - Солун, а нив ги изградил (проектирал) инжињер по народност Пољак. Тој го подигнал конакот и првобитната цел и намена на конаците била за сместување на работниците кои работеле на пругата. По неколку години била пуштена пругата во сообраќај, а тоа било во август, 1873 год. кога и конаците ја завршиле својаата првобитна функција и намена, и истите биле подарени на црквата св. Ѓорѓи.
Старите конаци кои биле изградени од слаб градежен материјал, дрво, плет, тули и кал, се целосно обновени, кога 1978-80 г. на местото на старите конаци се изградени нови, од тврд матерјал со тенденција да се запази старата архитектура. Конаците имаат приземје и спрат, и располагаат со голем број на простории. Источната страна на конаците, која претставува и лице на објектот е свртен кон црквата и се наоѓа на едно повисоко издигнато плато. Та страна е целосно поврзана со чардаци и издадени балкони изработени во армиран бетон, од кој се шири поглед кон реката Вардар. Исто така, и конаците од јужната страна се реновирани од тврд материјал и претставуваат една целина сите заедно. Денес овие реконструирани конаци се користат повеќеструко, како преноќиште на туристи, верници, уметници, како и за разни собири на научни работници, ликовни творци, поети, за прослави и друго. |
Следно > |
---|