Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Слово на Архиепископот
29.09.2008.
 
 
Sample Image  
 
 
Обраќање на Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан на Семакедонскиот црковен собор во Струмица

Стефан

Архиепископ Охридски и Македонски

 

Со Бога во најцврсто единство

 

Секој човек како единка, па и сите ние заедно, често размислуваме за најразлични теми и дилеми, меѓу кои и за своето потекло. Деновиве медиумите објавија една многу значајна научна информација, за тоа кои сме ние Македонците и каква крв тече по нашите вени. Имено, еден Швајцарски иснтитут за истражување (Игенеа) обелодени дека ние, современите Македонци, со сигурност, во најголем процент, водиме потекло од античките Македонци. Оваа научна информација е особено добредојдена во ова време на сомнежи, во ова време на невидени оспорувања на сè што е македонско.

Најновата научна информација е непобитен аргумент пред оние кои ни го спорат името, кои ни го негираат идентитетот, кои ни го оспоруваат дури и правото на постоење! И да нарачавме вакво истражување, се сомневам дека можевме да добиеме ваква научна дијагноза, да добиеме ваква научна потврда, која сè уште, за жал, е потребна пред некои за нашата македонска вистина  – за нашето историско право на името, што е потврда и за националниот континуитет со славните претходници. Многу е значајна информацијата, зашто е потврда за нашите корени, за нашето потекло по крв, по род и народност, по име и земја, зашто истата се потпира врз историски, антрополошки и археолошки извори.

Ќе повторам, во ова време на невидени антимакедонски стратегии, скроени во балканските, па и европските и светски кујни, оваа поткрепа за нашата вистина од Швајцарија е во вистинско време и претставува лек за нашите македонски рани. Таа, да веруваме, ќе вразуми многу неверни томи, ќе разубеди многумина кои се сомневаат во македонското во нас и ќе им помогне и на оние меѓу нас кои сè уште недоволно веруваат дека се потомци на славните Македонци.

Пред науката само аргументите говорат! Таму, кај вистинската наука, не можат да влијаат ни политички, ни какви било желби на посилниот или моменталните економски или други можности. Ние, Македонците, како православен народ, особено последнава деценија и пол, сме предизвикани почесто да размислуваме за овие прашања, зашто со прекрстувањето на државата при зачленувањето во ОН, се изродија уште многу други: со знамето, со името, со идентитетот, па и со сè што е македонско.

За секој православен народ, па и за нас, најзначајни се духовните корени, најважна е духовната сила, која ги спојува луѓето и народите… Нема посилно единство од она кое нè врзува со Бога – Таткото на сите, единство преку кое секој човек е наш брат, без разлика на неговото национално или кое било друго припаѓање. Затоа е потребно и најпотребно – да го негуваме духовното единство како најсилна врзувачка алка меѓу луѓето и народите.

Природно е духовното единство да е присутно, да е живо меѓу еднородните браќа и сестри – меѓу еден народ, за да може истото да се практикува и со другите народи. Секој човек најдобро се учи како да се однесува кон другите – преку љубовта кон своите најблиски роднини. Затоа е и речено – оној што успеал да направи единство, да направи слога во семејството, единство со оние околу себе – тој ќе може да гради единство и со другите во заедницата.

Еве, по Скопје и Велес – Струмица е домаќин на Третиот семакедонски црковен собор, преку кого се обидуваме да почнеме на дело да покажуваме колку е добро „браќата да живеат сложно“, да се дружиме, да бидеме заедно на молитва како чеда на нашата света Црква.

Страдањата и несреќите од минатото, поделбите и разделбите, преселбите и печалбите, како и пропагандите и туѓите владеења, оставиле многу недоверба и многу отуѓеност меѓу нас како народ. Но, и покрај сè, нашата света Црква имала, а и сега може да има и треба да има, улога на градител на единството меѓу нашиот народ. Во време кога се исподеливме по сите можни основи, конечно, време е да си кажеме дека и не треба, и не може повеќе вака. Крајно време е да сфатиме дека колку сме единствени, толку сме и силни! Неединството е најтешката и најголемата македонска болест, и време е да ја лечиме и излечиме! Останавме колку што останавме, и од земјата и од народот, и време е да речеме: доста како досега! Размислуваме ли до каде ќе стигнеме доколку продолжиме со неединство, со омраза и кавги? Мора да градиме мир со сите, да покажуваме љубов кон сите! Мир со своите и љубов кон своите, а потоа и мир и љубов кон сите!

За нас, христијаните, нема подобро место и подобра средина, покрај храмот, од домот и семејството. Прва и основна задача за нас како народ треба да биде семејството, таа основна клетка на опшеството, а по христијански разбрано тоа треба да биде мала црква. Нема подобро училиште за децата и младите, ниту подобро одмаралиште за возрасните и постарите од домот и семејството. Но, како да заборавивме на родителската обврска кон родот и кон Бога. Сè помалку има деца во нашите домашни и училишни дворови. Помалку деца, а со тоа и помалку надеж и помалку радост, но и помалку иднина за нашиот народ. Сè помалку и помалубројни стануваме како народ и, ако продолжиме со сегашниот наталитет, бргу ќе се вброиме меѓу неперспективните нации, коишто ќе ги снема од лицето на земјата. Тоа не смееме да дозволиме да ни се случи! Затоа и од ова свето место да ги повикаме младите и помладите македонски сопружници, да им подарат, со Божја помош, уште по едно, две и повеќе рожби на нацијата и Татковината, на Црквата и верата наша.

Посакуваното единство меѓу нас ќе роди нови перспективи на духовен и национален план. Затоа, да се погрижиме да дадеме свој прилог во таа градба која најмногу може да ни помогне да ги подобриме овие македонски невремиња, во кои, кој помалку кој повеќе – сите сме учесници. Најбргу и најлесно ќе дојдеме до посакуваното духовно и национално единство – само преку единството со Бога! Ако како православни верници, ја доживееме таа благодатна сила, изразена преку љубовта кон Бога, тогаш ќе разбереме што значи да се сака другиот, што значи да се живее сложно, да се живее во единство со сите луѓе околу себе.

Во ова време, што Бог ни го определил да живееме, имаме безброј прилики да покажеме дека и сакаме, и знаеме да градиме единство меѓу нас! Светата Црква е најширокото поле каде можеме да ги покажеме и потребното човекољубие, и корисното доброљубие, каде можеме да покажеме колку ги љубиме и Бога, и сите околу нас. Посетувајќи се едни со други, како денес овде во Струмица, во градот на Тивериополските светии, ни се дава можност да се запознаеме едни со други, да разговараме за духовните и народните потреби што ги чувствува и носи секој од нас. Овие средби, овие собирања, нека продолжат да бидат можност за градба и надградба на нашето единство и да сториме сè што е можно оваа семакедонска манифестација да продолжи да трае и да расте во секој поглед. Добро е што се собираме и што се собравме од повеќе места од Македонија, но уште подобро ќе биде ако на овие собори дојдат Македонци и од другите делови на Македонија, но и од нашите раселени по светот.

Господ, по молитвите на светите 15 Тивериополски свештеномаченици, на светите Кирил и Методиј, на светите Климент и Наум и на сите светии, нека помогне да биде така: да се гради и изгради македонското духовно и национално единство. И, дај Боже, на следниот Собир да бидеме и побројни и поединствени. Амин!

 

 



 
< Претходно   Следно >