Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Митрополит arrow Биографија на Митрополитот Повардарски Агатангел
Биографија на Митрополитот Повардарски Агатангел
23.09.2008.

Sample ImageМитрополитот Повардарски г. Агатангел (Атанас Станковски) е шести архиереј по хиротонија во Синодот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија.

Дека неговиот живот ќе биде исполнет со плодна општествена и свештенослужителска дејност, се покажало уште во родниот дом, во Чаир, во Скопје. Роден е на 11. 03. 1955 година од благочестивите родители Иван и Елица Станковски. Во најраното детство останал сирак, без мајка, па нему како најстар и на двајцата браќа, таткото Иван со голема љубов и грижа им вдахнал благочестие, вера и храброст за да се пробиваат низ макотрпноста и сложеноста на секојдневниот живот, потпирајќи се на Бога и на Неговата света промисла.

Токму таа Божја промисла, секогаш го раководела малиот Атанас. Слушајќи го гласот на Создателот во себе, одлучува своето образование и својот живот Нему да Му го посвети, запишувајќи се во Македонската православна богословија “Свети Климент Охридски”, која ја завршува во 1976 година.

По матурирањето во Богословијата, со благослов од Неговото Блаженство г. г. Доситеј, Митрополитот Полошко-Кумановски г. Кирил, го ракополага во ѓаконски чин на 07. 01. 1979 година. Два дена подоцна, ракоположен е во свештенички чин, во неговата парохиска, од непосредното соседство црква “Св. вмч. Ѓорги” во Чаир, каде останува на парохиска служба до 1983 година. Истата година, пред Велигден, заминува на мисионерска дејсност во МПЦЕ за Австралија, во црквата “Св. Богородица” во Бризбејн, а потоа продолжува во Мелбурн, во црквата “Св. Димитриј” во Спрингвејл и “Св. Николај” во Престон. Во периодот од 1988 до 1990 година, свештеникот Атанас Станковски е Архиерејски заменик на тогашниот Митрополит Австралиски г. Тимотеј, од кого во 1988 година е произведен во протоерејски чин.

По враќањето од Австралија, протоерејот Атанас Станковски најпрвин работи како библиотекар при Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски” во Скопје, а потоа и како референт во канцеларијата на САС на МПЦ. Чувствувајќи дека најмногу може да се најде себеси како парох, тој во 1995 година повторно се активира на парохиска дејност во Соборниот храм „Св. Климент Охридски” во Скопје. Во меѓувреме, протоерејот Атанас со голем елан и посветеност, го дооформува своето образование со успешно завршени студии на Богословскиот факултет, на кој дипломирал 1995 година.                       

Желбата за монашки подвиг кај него постоела уште по завршувањето на Богословијата. Но, Бог го одложил неговото монашко пострижување. Основна причина била совеста и грижата кон неговите најблиски, овдовениот татко, и нејаките и недошколувани помали браќа. По упокојувањето на неговата протопрезвитера Мица, во него повторно се реактивира монашкиот призив. Очигледно е дека на Бога не му требал голобрадиот богослов, туку искалениот, смирен и докажан прота. Па, така на 05. 02. 1998 година, прота Атанас станува нов богослужител - монах, кога го добива и новото име, според големиот ревнител во верата Христова свети Агатангел Битолски.

Подоцна, на 24. 06. 1998 година, Светиот Архиерејски Синод на МПЦ го избира, а на 12. 07. 1998 година е хиротонисан за викарен епископ на Скопската Митрополија, со титула епископ Велички.

На 13. 02. 2000 година е избран и востоличен како Митрополит Повардарски. А, само неколку месеци подоцна, на 10. 11. 2000 година, е избран и назначен за епархиски архиереј на Брегалничката епархија, за потоа на 26. 11. 2000 година, во Соборниот храм „Свети Николај” во Штип, да биде интронизиран за Митрополит Брегалнички. Но, по Божја промисла, и заради потребите на Македонската православна црква, Митрополитот Агатангел, повторно е избран и назначен за епархиски архиереј на Повардарската епархија, за потоа на 08. 10. 2006 година, во Соборниот храм „Св. вмч. Пантелејмон” во Велес, да биде интронизиран за Митрополит Повардарски.

Моментално, Владиката Агатангел, ја извршува должноста ректор на Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски” во населбата Драчево во Скопје.

Митрополитот Агатангел, за време на својата пастирска дејност, и како свештеник и како Епископ и Митрополит, правилно ги проценува потребите на својот народ. Она што ја карактеризира неговата личност е посебниот патриотизам и родољубие, чија одлика и специфичност не е само изговореното слово или напишаниот збор, туку практичното дејствување и исполнување, втемелено врз библиските принципи. Библијата нè учи во неволја и тешкотија да му помагаме на човекот, зашто токму во тешкотија и несреќата се гледа и покажува нашата вистинска подготвеност за љубов кон ближните. Токму оваа евангелска доктрина ќе биде патеводителка, вдахновение и инспирација за Митрополитот Агатангел, за во 1998 година, со благослов на Архиепископот Михаил, да ја создаде мисионерско-хуманитарната дејност „Ѓаконија”, која низ сите овие години духовно ќе ги просветува, облекува и нахранува прво најсиромашните, а потоа и останатите наши ближни, не прашувајќи ги за нивната вера, народност или убедување. И покрај реалните тешкотии со кои се соочува „Ѓаконија”, кои пред сè се од финансиска природа, сепак, со огромни инсистирања и напори на г. Агатангел, таа и ден-денеска ги принесува своите благочестиви плодови. Уште во својот старт Митрополитот Агатангел ги одредува критериумите по кои ќе работи „Ѓаконија”. Нејзина основна дејност е создавањето на две црковни кујни во парохиските цркви „Света Петка” во Црниче и „Свети Петар и Павле” во Ѓорче Петров. Потоа, обезбедување помош со прехрамбени производи и најнужни средства за лична хигиена на социјално најзагрозените семејства. Дејноста е насочена и кон помош на повеќедетните христијански семејства, но и кон оние, кои страдаат во животот поради несреќен сплет на околности. „Ѓаконија” активно е вклучена во борбата против наркоманијата, алкохолизмот, како и против сите други пороци, кои негативно влијаат на здравјето на личноста, но и на нејзиниот духовен раст и напредување.

Во склоп на „Ѓаконија”, покрај харитативната дејност, создадена е и плодна издавачка дејност. Од печат почнува да излегува весникот „Сеправославие”, каде Митрополитот Агатангел е главен и одговорен уредник, а под негово духовно раководство и надзор се преведуваат и издаваат повеќе клучни теолошки книги, кои дотогаш, од разни причини, не беа претставени на македонската читателска публика, на нашиот мајчин македонски јазик.  

Од раководењето со Брегалничката епархија, ќе спомнеме дека Митрополитот Агатангел продолжи да го изградува и доградува она што веќе беше започнато од страна на Митрополитот Стефан, а сега Архиепископ на Македонската православна црква - Охридска архиепископија. Иако Брегалничката епархија беше доста сиромашна по приходи, сепак, заради огромното залагање, упорност и вера во Божјата помош, градителската дејност во Брегалничката Епархија, во ниеден момент не беше запрена. Така, целосно се обновени и реновирани Соборниот храм „Свети Николај” во Штип и црквата „Свети Ѓорѓи Победоносец” во Кочани, интензивирани се веќе започнатите градби на храмови и манастири насекаде во Епархијата, комплетно е реновирана, со нов иконостас и фрескоживопис, манастирската црква „Св. Богородица” во манастирот „Свети Пантелејмон” во Кочанско, каде е изграден и нов конак. Целосно се изградени веќе започнатите цркви „Света Петка” и „Свети Климент Охридски” во населбата Сењак во Штип, осветена е црквата „Св. Троица” во Радовиш и удрени се повеќе камен-темелници за изградба на нови цркви, во повеќе села и градови на Брегалничката Епархија.

Она што најповеќе го карактеризира времето на службување на Митрополитот Агатангел во Брегалничката епархија, секако е издавачката дејност која е една од најплодните во целата Македонска православна црква. Во негово време беа издадени над 40 книги и брошури, а поголем број на нови книги беа подготвени за печат. Од 2003 година, кога и започнува да излегува од печат списанието за православна вера, култура, образование и воспитание „Троичник”, Митрополитот Брегалнички г. Агатангел е негов главен и одговорен уредник. 

Во новото поглавје во свештенослужителскиот живот на дедо Агатангел, како Митрополит Повардарски, огромните заложби и упорноста остануваат негово главно одличје. Издавачката дејност, како основна одлика на работата на Митрополитот Агатангел, со полна пареа започна да работи. Така, списанието на Повардарската епархија „Православна Светлина“ веќе десетта година по ред е редовно четиво на верниците долж богодаруваната му Повардарска епархија, а и низ целата Македонска православна црква. Од 2008-та година, Митрополитот Агатангел ја основаше издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“, каде тој е главен и одговорен уредник,  преку која досега се испечатени над 70 нови книги и брошури, а голем број на книги и брошури се во фаза на подготвка. Во овој период, под духовно раководство на Митрополитот Агатангел за првпат на македонски јазик беа издадени капитални дела од кои би ги спомнале „Свештени Канони на Света православна црква“, „Православна енциклопедија“, која содржи објаснување на сите термини, поврзани со православната вера, дигитализирана верзија на нотни записи на „Литургијата за мешан хор“, илустрираната едиција „Библиски настани“, како и голем број на житија на старци и други реномирани изданија од познати и авторитетни православни автори, кои се најбарани кај верниците, но и кај пошироката македонска читателска публика. Препознавајќи го значењето на интернетот и новите медиумски можности кои тој со себе ги носи, Митрополитот Агатангел беше иницијатор да биде создадена интернет страница на Повардарската епархија, која во своето десетгодишно работење, покрај бележењето на секојдневните и актуелни настани во епархијата, во себе содржи бројни пишани богополезни материјали во дигитална форма.

Градителската дејност, паралелно со издаваштвото, е полето каде Митрополитот Агатангел целосно се посветува. Можеме слободно да кажеме дека последните десет години се градителската ренесанса на Повардарската епархија. Во овој период завршија неколку значајни градежни проекти, како што се: изградбата на црквата „Св. Петка“ во Кавадарци, изградбата на црквата „Св. Козма и Дамјан“ во кругот на Градската болница во Велес, целосно беше реновирана црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, заврши изградбата на параклисот „Св. Петка“ во Велес, беа изградени прекрасни конаци во Полошкиот и во Согленскиот манастир, се реновираа конаците во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Неготино, беше обновена внатрешно и надворешно црквата „Вознесение Христово“ во Велес, покрај која од темел беше изградена нова трпезарија со нови помошни простории, целосно се реновираше манастирот „Вознесение Христово“ во Гевгелија.

Во градот Велес, како седиште на Повардарската епархија, во завршна фаза се градежните дејства на параклисите „Св. Наум Охридски“ и „Св. Гаврил Велички“, кој е прв храм во нашата држава посветен на овој македонски светител од поново време. Потоа, во релативно кус временски период се привршува и изградбата на црквата „Св. Јован Крстител“ во новиот дел на Велес, а во моментов течат подготовките за осветување на импозантниот храм во центарот на Велес, посветен на семакедонските просветители Кирил и Методиј. Во Велешкото архиерејско намесништво во тек на изградба се повеќе помали цркви во руралните места, а во Согленскиот манастир се гради и вториот негов конак.

Во градот Кавадарци, по осветувањето на прекрасната црква „Св. Петка“, започна целосното реновирање на храмот „Св. вмч. Димитриј“, кој се наоѓа во центарот на градот. Во тек е изградбата на повеќе помали цркви во кавадаречките села, а продолжува и изградбата на новиот конак во Полошкиот манастир.

Во градот Неготино, привршува фрескоживописувањето на црквата „Св. Атанасиј“, откако претходно беше извршено целосно реновирање на внатрешноста и на надворешноста на црквата.

Во Гевгелиското архиерејско намесништво, во моментов се изведуваат два капитални проекти, и тоа: изградбата на нова црква во центарот на Валандово посветена на Рождеството на Пресвета Богородица, изградбата на црквата „Св. Атанасиј“ во центарот на Богданци, која целосно беше уништена во пожар и која од самиот темел почна да се гради со нов проект како сосема нов храм, далеку поголем од претходниот. Покрај многуте започнати градби на помали цркви во гевгелсикиот крај, како значаен градежен проект би го издвоиле градењето на нов конак во Серменинскиот манастир „Св. Илија“, изградбата на нова црква во с. Раброво, посветена на св. пророк Илија, како и моменталното реновирање на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во центарот на Гевгелија.

Хуманитарно-мисионерскиот аспект во работата на Митрополитот Агатангел е секогаш присутен, па така со неговото доаѓање во Велес, во рамките на хуманитарно-мисионерската дејност „Ѓаконија“ започна да функционира и црковно-народна кујна во овој град, која во последните десет години претставува постојана, непоколеблива и секојдневна поддршка за многу наши сиромашни и несреќни браќа и сестри.

Од досегашното раководење на Повардарската епархија, Митрополитот Агатангел остави белег и по уште едно богоугодно дело, а тоа е создавањето на црковните хорови низ сите намесништва на епархијата. Тука ќе го споменеме кавадаречкиот мешан хор „Св. Петка“, како и младинскиот женски хор „Св. Кирил и Методиј“ и камерниот црковен хор „Св. вмч. Пантелејмон“ од Велес, кои покрај редовното учество на Светата Литургија, секоја година настапуваат и на меѓународни фестивали, каде досега освоија бројни високи одличја и каде достојно ја претставија Македонската православна црква - Охридска архиепископија и нашата татковина Р. Македонија.

Митрополитот Агатангел е иницијаторот и главниот организатор на групни крштевања и венчавања во Скопската и во Повардарската епархија, каде во последните дваесет години илјадници браќа и сестри со љубов и предаденост станаа членови на Светата православна црква, ги усвоија спасоносните Христови начела и го започнаа својот духовен пат во благодатниот христијански живот.

Преку издаваштво и богословијата спроведена на дело, Митрополитот Агатангел, се обидува да ги затопли срцата на луѓето и да ја приближи и претстави Македонската православна црква како мајка и топло духовно свратилиште на сите оние кои сакаат да живеат побожно и спасоносно, и кои чекорејќи на вистинскиот пат Христов се приближуваат кон Царството Божјо - вистинската татковина на верниот македонски православен народ.

 

 

 

 
Следно >