- Соборен храм Св. вмч. Пантелејмон - Велес
Градската соборна црква Св.Пантелејмон се наоѓа југозападно од градот, на неколку стотини метри оддалечена од последните куќи во една длабнатина. Теренот, на кој е поставена, прилично е стрмен, особено од западната страна, каде што над црквата високо се издига ридот Вршник, а од источната стрмо се спушта во Велешката клисура, дури до брегот на Вардар и главниот пат кон југ. Заради тоа соѕидана е подлога за црквата, а како бедем од источната страна изграден е потпорен ѕид од деклан камен, како кај одбранбените тврдини.
Во дворот на црквата, при самиот влез, поставена е камбанаријата, а десно од неа во правец на црквата се изградени неколку зградички, кои служат за разни потреби. Камбанаријата е подигната во 1904-1905 година, за која цел дотогаш служеле црковните клепала.
Црквата има два влеза: еден од север, а другиот од југ.
Што се однесува до постанокот на црквата Св.Пантелејмон има повеќе верзии. Тие се базираат, главно, на народното кажување и на извесни предметни сведоштва. На прво место, како непобитен факт, е тоа дека денешната црква е од поново време, а старата, која постоела како мала црквичка, можно е во старо време да служела како манастир на Стар Велес.
Во секој случај, нејзиниот денешен изглед датира од 1837-1940 година. Идејата за обновување на црквата се родила од самата потреба.
За време околу 4 години (1837-1840) црквата била оспособена за богослужба. Во таа година црквата била осветена од велешкиот владика Игнатиј.
При осветувањето на црквата, извршено на 9 август 1840 година, на владиката му помагал месниот свештеник поп Грујо, кој во исто време заедно со Хаџи Ѓорѓи Дрндар бил најзаслужниот човек за изградбата на црквата
Дефинитивното довршување на црквата траело се до 1847 година, а во 1849 година е поставено клепалото.
Карактеристично е кај оваа црква ѕидањето што столбовите се дрвени, а појачани и декорирани со малтер. Тулата е овде отсутна, додека, пак, во ѕидањето надвор од Македонија покрај каменот има и тули, а отсутен е дрвениот материјал.
Во последното зогравдисување на живописот во црквата Св.Пантелејмон од 1942 година работи и Ѓорѓи Зографски, внук на Андреја и последен од родот Зографци кој се занимавал во Велес.
Што се однесува до внатрешноста на црквата, таа е тробродна базилика со големи димензии и пространа галерија од сите страни на катот, каде што се поставени и двата помошни олтари, десно и лево од главниот олтар на црквата. Интересни се овие балконски олтари во кои се служи само еднаш годишно, и тоа на денот на светителот, на кој се посветени. Десниот олтар е посветен на Св.Димитрија, а левиот на Св.Мина. Според тоа тие повеќе си личат на капели односно параклиси, со самостојно функционирање. Интересно е кај десниот олтар тоа што меѓу иконите негови се наоѓаат и две од 1818 година, а другите се од 1843 и 1860 година, како подароци од видни граѓани и еснафи. Значи иконите се постари од обновената црква.
И левиот олтар има свои икони на иконостасот, подарени од видни граѓани и еснафи, само што тие не се постари од 1843 година.
Над овој балкон, во вид на полугалерија, постои и еден друг со простории, кои служат за осветување на посмртните остатоци од некои умрени граѓани.
Културно-просветната улога на црквата Св.Пантелејмон е голема. Со појавата на училиштата во градот се наметнала потребата и од грижи за населението, а првенствено за животот на училиштата, кои во почетокот делувале во параклисите, метосите и приватните домови.
Црквата Св.Пантелејмон уште од самиот нејзин почеток се раководела од црковно настојателство, кое секогаш било избирано на 6 години од градското население и својата работа ја вршело бесплатно.
|