Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Историјат на Епархијата arrow Слово за Архиепископот Гаврил
Слово за Архиепископот Гаврил
13.06.2007.
Sample ImageНеговото Блаженство Г.Г. Гаврил го завештил своето дело - преводот на Светото писмо Библијата, потоа формирањето на Богословскиот факултет, доизградбата на Архиепископскиот соборен храм „Св. Климент Охридски” во Скопје, возобновувањето на црквите и на манастирите итн. Во оваа рамка се насочени животот и делото на дедото Гаврил, третиот Архиепископ Охридски и Македонски, кој бил еден од најголемите високи црковни великодостојници.

„Дедото Гаврил многу ретко зборуваше за своето детство - велат неговите најблиски соработници - а во неговите спомени често свое место наоѓаа скопските храмови 'Св. Петка', 'Св. Богородица' и 'Св. Мина', каде ги минувал младешките години, посветен на молитви и на божји богослуженија”. Како одличен студент тој бил поткрепен со едногодишна стипендија која му ја доделила скопската општина, а наставници по веронаука му биле Руси. Но, поради смртта на татко му не можел да ја оствари својата желба, затоа тој ì се оддал на лингвистиката. Во 1936 г. дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, отсек Германистика и славистика.

Оттогаш па се до смртта тој цели 30 години му се посветил на учебникарството и на просветителството. Осврнувајќи се на делото на Г.Г. Гаврил, повторно ќе се вратиме на неговата животна желба преводот на Библијата, процес кој почнал да се одвива веднаш по ослободувањето со печатењето на Апостолот (неделни и празнични апостоли, како и апостоли за разни црковни потреби на македонски јазик). Издавач на ова дело бил Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ. Во 1967 г. излегол од печат Новиот завет. Кон крајот на 1977 г. му починала сопругата, а отецот Ѓорѓи бил повикан од Неговото Блаженство Г.Г. Доситеј, возобновителот на Охридската архиепископија, односно на МПЦ, да прими епископски чин. Но, кандидатот отец Ѓорѓи Милошев го условил стапувањето во архијерејскиот ред со отворање Богословски факултет, кој бил една од неговите задачи или идеи. Тоа го направил затоа што факултетот има посебна важност за Црквата. За таа цел кон крајот на декември 1977 г. бил формиран Богословскиот факултет, чиј долгогодишен декан бил Г.Г. Гаврил.

За седиште на Факултетот бил определен манастирот „Св. Јован Крстител” во Капиштец, во Скопје. Од тогаш до денес од овој Факултет излегле повеќе дипломирани теолози. Инаку, монашењето било извршено во архиепископскиот резиденцијален манастир „Св. Ѓорѓи” во Скопје, а го привеле митрополитот Кирил и јероѓаконот Дамаскин. Наречението на новоизбраниот архијереј, со монашко име Гаврил, се извршило на 24 декември во црквата „Св. Ѓорѓи” во Чаир, во Скопје. Со сослужението чиноначалствувало Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Доситеј, како и митрополитите Кирил, Ангелариј и епископот Горазд. Тој бил седмиот по ред хиротонисан епископ по обновувањето на Охридската архиепископија - МПЦ (Доситеј, Наум, Климент, Методи, Кирил, Горазд и Гаврил). По тој повод, тогаш Архиепископот Доситеј го најавил како „Таинствен” архиереј, според бројот седум кој ја симболизира таинственоста на Црквата. Според тоа, Црквата нема да го изгуби значењето, таа ќе постои и натаму, биле зборовите на поглаварот Доситеј. На 29.1.1978 г. Гаврил бил интронизиран во Повардарски Митрополит. Претставувањето на новиот архиереј се случило во соборниот храм „Св. Пантелејмон” во Велес. Доаѓајќи на служба во оваа епархија се соочил со извесни тешкотии како, на пример, недостиг на свештеници, разурнати храмови, како и потребата за возобновување на православната религија во некои црковни општини каде што навлегувале други верски заедници. Тој најнапред ја осветил новоизградената црква „Св. Кирил и Методиј” во селото Еднокуќево, Струмичко (10.5.1981), потоа ја осветил управната зграда со крстилница при црквата „Св. Богородица” во Велес (21.9 .1981), црквата „Св. Кирил и Методиј” во селото Борисово итн. Неговото Блаженство Г.Г. Гаврил го востоличил сегашниот Архиепископ Стефан во Брегалнички епископ. Оваа судбина го следела и на 4.10.1986 година кога во катедралниот храм „Св. Софија” во Охрид, со тајно гласање, претставниците на Изборниот црковно-народен собир го избрале Гаврил за трет поглавар на МПЦ. Дедото Гаврил често служел во црквите, но им забележувал на младите свештеници, кои не се придржувале до пропишаните богослужби.

За време на проповедите Г.Г. Гаврил бил краток, едноставен, по учлив, но и се когаш разбирлив, бидејќи барал да не се соблазнуваат верниците. Тој е првиот македонски архијереј кој ја обновил древната традиција - фрлање крст во реката Вардар за време на празникот Богојавление. Следната година, на 12.8.1990 г., Архиепископот Гаврил во сослужение на сите членови на Светиот синод на МПЦ и бројно свештенство го осветил архиепископскиот соборен храм „Св. Климент Охридски” во Скопје. На 15.8.1990 г. поглаварот на МПЦ, Г.Г. Гаврил заминал за Љубљана каде што во печатницата „Љубљанско дело” во Словенија ставил потпис на последната суперревизија, неговото животно дело, кое цели 50 години го преокупирало, станува збор за Библијата која била отпечатена во 10.000 примероци. На 18 октомври истата година бил промовиран македонскиот превод од Библијата. Во однос на прашањето за односот на МПЦ кон другите православни сестрински цркви Архиепископот Гаврил не бил индиферентен, туку напротив се залагал за решавање на проблемот, но по пат на братољубив дијалог. Набрзо потоа дедото Гаврил поднел оставка, барем таква е официјалната забелешка, но од 1993 г. до неговата смрт во 1996 г. се повлекол во осамување.

 
< Претходно   Следно >