Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Што велат филозофите за Бога
Што велат филозофите за Бога
18.09.2008.


 

Кралот и философот. Хиерон, кралот на Сиракуза, еден ден го повикал философот Симонид и го запрашал да му каже што е Бог. Философот побарал од него да му даде едно деноноќие за размислување. По истекувањето на овој рок, тој дошол и го замолил за двојно повеќе време, потоа уште за двојно, и така неколку пати секој пат барајќи двојно повеќе време. Тоа го налутило кралот и побарал објаснување за таквата постапка. На тоа, мудрецот му одговорил: Колку повеќе размислувам за поставеното прашање, тоа ми се чини сè потаинствено (Спираго 109, стр. 46).

Блез Паскал (+1662), француски научник и мислител: „Би требало да се помачите и да ја побарате вистината (т.е. Бога) со помош на пресметување на веројатноста. Бидејќи ако умрете, а не сте го обожувале вистинскиот принцип (Бога), изгубени сте. – ‘Ама, ќе речете, ако сака да Го обожуваме, должен е да ни остави знаци на Неговата волја’. – Он и тоа го сторил, но вие не сте обрнале внимание на нив. Значи побарајте ги, ќе ви се исплати тоа... Наместо да се жалите дека Бог се сокрил, заблагодарете Му што и толку се открил; и уште заблагодарете Му, што не им се открил на вообразените мудреци кои не се достојни да Го познаат Него, Кој е толку свет. Два вида на луѓе Го познаваат: оние кои имаат понизно срце и кои го сакаат смирението, без разлика дали имаат висок или низок степен на интелигенција; и оние кои имаат доволно дух, и покрај сите препреки, за да ја видат вистината... не разумот, туку срцето Го чувствува Бога. Еве што е верата: Бог Кој се чувствува во срцето, а не во разумот... Верата навистина ни открива нешто, што не ни откриваат сетилата, но ништо противречно на сетилата. Таа е над, а не против нив... верата е дар Божји... Велат: ‘Кога би поверувал, веднаш би ги оставил уживањата’. А јас велам: Штом ќе ги оставиш уживањата, ќе ја добиеш верата. Значи, ти треба да почнеш. Кога би можел би ти дал вера, ама тоа не можам да го направам, и според тоа, не можам ни да утврдам дали е вистина тоа што го кажуваш. Ама ти лесно можеш да ги оставиш уживањата и да провериш дали е вистина ова што јас го кажувам... Има три вида на луѓе: едни кои му служат на Бога, Кого што Го пронашле; други кои Го бараат, бидејќи уште не Го нашле; трети, кои живеат и ниту Го бараат, ниту Го наоѓаат. Првите се разумни и среќни, вторите се разумни и несреќни, а третите се неразумни и несреќни... Не чудете се кога гледате дека простите луѓе веруваат без докажување. Бог го приклонува нивното срце кон верата. Нема никогаш правилно да верува, ниту од таа вера ќе има некаква корист, ако Бог не го приклони срцето, а ќе поверува штом тоа ќе се случи. Тоа Давид многу добро го знаел: ‘Приклони го срцето мое кон Твоите сведоштва’ (Псал. 118, 36), (Мисли, превод на јеромонах Хризостом, Белград, 1946).

Божо Кнежевиќ (1862-1905): „Човечката душа тврди дека има Бог, таа Го чувствува; човечкиот дух Го бара Бога, Го сфаќа, и според својот степен Го наоѓа во разни состојби, појави, предмети. Колку е понизок духот, толку и Бог (е доживуван како) понизок, поматеријален, посетилен, пореален. Според тоа, главната разлика помеѓу човекот и сите останати, пониски нешта е, што само човекот Го чувствува и Го сфаќа Бога. Поимот за Бог го пробил патот на сиот прогрес на човечкиот ум, тоа е последната основа на целата философија и наука... Идејата за Бога не ја создал студениот и апстрактен разум, туку произлегла од длабочината на човечката душа; затоа идејата за Бога е вечна и не можат да ја надокнадат никакви закони ни творби на разумот... сите философии, науки и религии можат да искажат само еден многу мал дел од сето она што има да се каже за Бога. Секое нешто, од сонцето до мравката, на свој начин и со свој јазик говори за Бога. И човекот само така би можел да Го разбере Бога, кога би разбирал што зборува за Бога секое од сите овие нешта“ (Мисли, III издание, Белград, 1925).

Морис Метерлинк, белгиски философ и книжевник: „Јас се поклонувам, јас молчам пред Него. Колку повеќе одам напред, Он сè повеќе се оддалечува. Колку повеќе размислувам за Него, сè помалку Го сфаќам. Колку повеќе Го гледам, сè помалку Го виѓавам, и колку помалку Го виѓавам сè посигурен сум дека Он постои. Бидејќи ако не постои, тогаш насекаде има небитие. А кој може да замисли дека постои небитие?“ (Одговор на прашањето: Што знам за Бога. Анкета помеѓу научниците. Зборник објавен во Париз, 1926).

Епископ жички Николај (+1956): „Што е Бог? Ти не си еден, зашто кога би бил еден, би бил ограничен. Ти не си мнозина, зашто би знаеле колку сте. Ти си надвор од броевите; на Тебе не се однесува прашањето колку. Сите броеви се сместени во Тебе, но Ти си несместлив во ниеден број... Ти не спаѓаш во нашата математика, иако сета наша математика е во Тебе. Ти личиш на број. Ти не си време; зашто ако си време, би поминал. Ти со својот прст го вртиш тркалото на времето... Времето е во Тебе, но не Те стигнува Тебе. Бидејќи сè што може времето да стигне, и смртта може да го стигне. А да можела смртта Тебе да Те стигне, таа не би имала веќе кого да замира, и таа би умрела. Ти си надвор од времето и надвор од броевите... Ти си кружење околу броевите и околу времето, - силен океан околу остров од пена.

Ти си присуство, о најблизок и најдалечен! Ние не Те гледаме со очите ниту Те слушаме со ушите, ни Те допираме ни Те мирисаме, - сепак го чувствуваме Твоето присуство. Во нас има едно неискажливо сетило – хармонија на сите сетила што го чувствува Твоето присуство. Сетило над сетилата. Како што окото не може да го искаже искуството на увото, ниту увото искуството на окото, така и ова сетило над сетилата, најскриеното и најдлабоко, не може да им го пренесе своето искуство на останатите сетила. Тоа го чувствува Твоето присуство кое Твоето око не може да го види, нити увото може да го чуе, ниту јазикот може да го именува. Па кога окото ќе каже: не го гледам, и увото: не го слушам, и јазикот: не му ги знам имињата, тоа потврдува: Он е сега и овде.

Ти, Кој си над секое име, над времето и надвор од секој број! Луѓето се сончаат на сонцето препирајќи се за Твоето име и се кријат од месечината смислувајќи зло еден на друг, заради Твоето име. А види, Твоето име е неискажливо. Сите зборови изговорени со човечки јазик не се ни почетна буква од Твоето име. Молчењето во Твое присуство поблиску е до вистината на Твоето име од било кој збор. И кога ќе Ти речеме Ти, не ја кажуваме целата вистина, бидејќи Те одделуваме од себе. И кога ќе Те именуваме со Јас, не ја кажуваме целата вистина, бидејќи Те мешаме со нас, кои сме временски ограничени и кои имаме број. А кога Те именуваме со Он, ние те оддалечуваме од себе, не разбираме ништо и очајуваме како давеници во чамец, покрај едниот брег на океанот, очекувајќи спас од другата страна на океанот.  

Човечките докази повикуваат по докази; човечките прашања го надминуваат бројот на одговори, и човечката љубопитност сè пожедно патува по безводната пустина. Ако Ти не си доказ на сите докази, тогаш сите докази се прашања. А ниедно прашање не е прашање, додека не затропа на Твојата врата.

Ние Ти се молиме, Неискажлив, со трепет на душата своја: приближи нè кон Себе, не најмалку колку што можеш - колку што се гревовите наши - но најмногу колку што можеш - колку што е добрината Твоја. Нашата цивилизација, нашиот најгорд збор, не е ништо друго, туку барање леб и Тебе. Тебе и лебот, Лебодателу! Нашата цивилизација копа многу бунари во пустината, за да ги напои жедните. Но ако Ти не слезеш во тие бунари, и бунарите ќе бидат жедни, а камоли оние кои стојат околу бунарите со исплазени  јазици...

Ништо не може да се каже во четири очи, а петтото да не присуствува. А тоа петто око е секадеприсутно повеќе од возухот, од светлината, од етерот; бидејќи тоа присуствува и во најинтимните движења на воздухот, светлината и етерот. Интелигенцијата, во која се потопени сите нешта, е постојано отворено око, постојано присутен сведок...

Каде е и каков е Оној Бог за Кого што ти ми зборуваш? Кажи ни и покажи ни. – Бог е на крајот на патот, на кој вие сè уште немате со нога стапнато. Како да им го покажам изгрејсонцето на оние кои се свртени кон запад? Духовни слепци, вие не го гледате ни она што е пред вашето лице, како тогаш ќе го видите она на коешто сте му свртиле грб?“ (Зборови за сечовекот).

 

 
< Претходно   Следно >