Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Ново издание од Повардарската епархија
27.08.2008.
 
Sample Image
 
 


 
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, излезе од печат книгата „Делата на апостолските ученици“. Ова ново издание од издаваштвото на Повардарската епархија и хуманитарно-мисионерската дејност „Ѓаконија“, кое го преведе и го подготви ѓакон Спасе Таковски, може да се најде во сите храмови на Македонската Православна Црква.
 
 



 

ПРЕДГОВОР

ЗА ЗНАЧЕЊАТА НА ДЕЛАТА НА АПОСТОЛСКИТЕ МАЖИ

 

 
    Апостолските мажи, според вре
мето на својата дејност, заземаат средно место меѓу апостолите - првите самовидци и служители на Словото и подоцнежните свети отци на христијанската Црква. Тие живееле во времето на апостолите, од нив се научиле во Христовата вера, со нив го делеле трудот на евангелската проповед и по нив останале непосредни преемници во служењето на Црквата. Таквите мажи цутеле до втората половина на II век од христијанството, а некои од нив зад себе оставиле писмени споменици од својата грижа во ширењето и зацврстувањето на Христовата вистина меѓу луѓето.

    Периодот на апостолските мажи ни предочува мал број на писмени дела и тие не се карактеризираат со разнообразие и полнота на богословско откривање на вистините на христијанската вера, зашто тоа не е период на опширна и учена писменост, туку тоа е период на високи карактери на практичните дејци на христијанството.

    Христијанството во историјата на човештвото се појавило не како плод на насилност на човечкиот разум, туку како чудесен Божји дар, како Божјо откровение со сите знаци на својот небесен происход, а најдобрите и најубедителните докази за неговата вистинитост се состоеле не „во убедливи зборови на човечка мудрост, туку во пројава на Духот и силата” (1. Кор. 2,4). Христијанството толку целосно ги задоволило сите потреби на човечкиот дух, им предизвикувало таков спокој, мир и духовна радост на луѓето кои го прифаќале, така што ним им преостанувала единствено  грижата  како  можат  што  подобро  да  го прегрнат со своите срца и да го спроведат во практичниот живот. Учениците на апостолите и нивните современици - христијани, кои во голем дел биле простодушни и неучени, се уште, во свежи сеќавања, ги чувале подвизите на светите апостоли, кои се извршиле пред нивните очи, како и нивната устна проповед за учењето и животот на Христос Спасителот, па затоа, користејќи ги тие спомени, како и боговдахновените пишани споменици на пророците и апостолите, тие не чувствувале потреба од нови дела на човечкото перо. Исполнети со религиозно задоволство, тие, во простодушноста на своето срце, верувале на она што било предадено од Христовите благовесници, па ис-полнети со ревност и другите да ги повикаат кон учество во духовните богатства на христијанството, тие не го ширеле преку писмата, туку пред се, со устната проповед и со примерот на својот свет живот, светлејќи му на светот среде неверното јудејство и јазичништво. Окружени со лажните учења, кои се заканувале да го нарушат мирот, чистотата и јасноста на верувањето, христијаните од тоа време се задоволувале од Божјото сведоштво, кое се наоѓало во апостолските пишувања и во чуварката на вистината - Црквата, па се труделе да се заградат од заразите, кои биле туѓи на христијанството, со помош на правилата на христијанското благоповедение и црковното устројство. Бидејќи биле живо проникнати со вера во Христос Спасителот и предадени на Неговото учење, тие не можеле ни да замислат дека христијанинот може поинаку да верува и да мисли, освен онака, како што е предадено во Божјото Слово, па затоа за сите други мислења и учења тврделе дека се ерес, а не дела на заблуден човечки разум, туку директен пород на духот на злобата. Бегајќи од заедничарењето со еретиците и од споровите со нив, тие барале потпора во вистината во позитивното верување и устројство на Црквата. Во овој нивни стремеж, најпрво се истакнувал духот на христијаните, кои својата вера ја посведочувале со дела во својот живот и во својата смрт, та затоа и со радост умирале во најужасни маки заради Христовото име.

    Таквите околности, во кои се нашло христијанството со надворешните гонења, на кои било подложено, ја објаснуваат малубројноста на делата на апостолските мажи, исто како и нивниот внатрешен карактер. Тие дела не се појавиле од тежнеење да се претстави системот на христијанското учење, или да се решат недоразбирањата околу темите на христијанската вера. Речиси сите тие, освен „Пастирот” на Ерма, напишани се во форма на посланија или писма и предизвикани се од временските потреби или положбите на поедини христијански општини. Христијаните составувале една голема заедница, на тесен начин поврзана со уздите на една вера, една надеж и љубов, па во деновите на тешкотии и внатрешни проблеми, или радости и торжества на верата, тие се поврзувале и трпеле се меѓу себе - се известувале меѓу себе и за своите радости, и за своите таги, взаемно се утешувале, охрабрувале и вразумувале. Затоа, делата на апостолските мажи врз нив се рефлектираат со карактер на простодушност, искреност и неискуство, а исполнети се со високо воодушевување од верата.

    Нема сомневање дека, меѓу спомениците на првобитното христијанство, делата на апостолските мажи имаат голема важност. Со нивно посредство, светоотечката писменост низ вековите се поврзува со делата на самите апостоли, кон кои тие на тесен начин се спојуваат, не само според времето на својот происход и карактер, туку и според нивната употреба и почит од сите христијански Цркви.

    Делата на апостолските ученици на многу начини се поврзани со главните прашања од библиските текстови, од древната историја на Црквата, но и од догматското учење. Колку повеќе тие се подревни, толку поблиску стојат до времето на пишувањето на одредени новозаветни книги, укажуваат на нив и пренесуваат суштествени факти за нивно подобро разбирање и толкување. За таканаречената библиска критика, делата на апостолските мажи се особено важни во делот на точното употребување на одредени цитати не само од Новиот, туку и од Стариот Завет. Црковните односи, кои се предочени во посланијата на свети Климент Римски, свети Игнатиј Богоносец, свети Поликарп Смирнски и Ерма, не запознаваат со првото устројство на христијанската Црква, а освен тоа, тие се доволно поучни за запознавање со општото верување и поединечните традиции во разни христијански Цркви во постапостолскиот период и претставуваат дополнување на апостолските посланија. Значењето на овие дела било толку важно и големо, така што некои од нив биле читани со почит во некои Цркви, веднаш по богослужбеното читање на текстовите од Светото Писмо.

    Како резултат на нивната голема важност, делата на апостолските мажи биле проучувани и во подоцнежните векови и од останатите свети отци и црковни учители. Тие биле особено проучувани во времето на Реформацијата во западната Црква, кога споровите за догмите и црковното устројство меѓу римокатолиците и протестантите достигнале своја кулминација, па затоа било неопходно нивните богослови да се навратат на изворното христијанство и тука да ја бараат вистината и да ги исправат своите заблуди.

    Забележително е дека и во наше време се поизразита е потребата за спомените на луѓето кои во првите векови на христијанската историја зрачеле со свежа вера во Христа и кои со својата жртва ја сведочеле вистината на Христовото воскресение и полагале темел на универзалната, сеопшта Црква. Христијанството со текот на времето се повеќе се заплеткувало во мрежите од овоземните стапици, ги заборавало своите исконски мисли, својата вера и тежнеењата кон небесното царство. Врзано за земјата, за парите и општествената положба, за државата, христијанството се доведувало во опасност да се одроди и, како што говори еден свет отец, „да се издаде самото себе и да ја загуби милата и блажена топлина”, својата првобитна љубов, своето одушевување. Но, ако се случи тоа, а во текот на историјата честопати се случувало, друг пат за враќање кон загубената топлина нема, освен да се тргне во обратна насока: да се открие причината за таквото лишување и истата да се отстрани. Стрсната приврзаност кон добрата од овој свет, стравот над своето телесно постоење, похотите - зарем сето тоа не е причина за нашето оттуѓување од некогашното сведочење за Христовата вера? Тогаш треба да им се спротивставиме на страстите, кои од слободното човечко битие за миг можат да направат роб и да надвладее стравот од смртта над верата во вечниот живот, над верата и цврстата надеж во средбата со воплотениот и воскреснат Божји Син.

    Преведувањето и објавувањето на македонски јазик на ова исклучително значајно дело, како и на вредните ранохристијански пишани споменици, треба да претставува поттик за сите богослови и свештеноначалници од нашата Црква, да почнат што поинтезивно да ги читаат овие душеспасителни четива и истите да им ги принесат на верните ч

еда како духовна храна и исцелителна лектира.

 

 

                                                            Митрополит Повардарски

                                                                Агатангел (Станковски)

 
< Претходно   Следно >