Канонски цркви – што значи тоа? |
6.08.2008. | |
Една нова дефиниција се вовлече во Светското Православие во последниве години. Светското Православие почна да ги признава Православните Цркви врз основа на нивната „каноничност“. Со оваа новоприфатена дефиниција, за да биде „канонска“ црквата мора да биде во целосно заедничарење со Цариград. Цариград стана критериум на Светското Православие. Всушност, понекогаш има медиумски изјави кои ја опишуваат Цариградската Патријаршија како источно папство или „водач на Светското Православие“. Последниот патријарх Димитриј го опиша цариградскиот патријарх како најзначаен епископ на православието. Ако една црква се оддели од заедничарење со него, таа не е повеќе „канонска“. Да поставиме едно просто прашање: како се измени сфаќањето на терминот „канонска“? Според Светите Отци, терминот „канонска“ секогаш упатувал на побожно почитување на Светите Канони на Црквата, и најсигурно, на оние Канони кои се однесуваат на верувањата и побожните обичаи на светата Православна Црква. Меѓутоа, поради војните и политичка нестабилност во 20 век, административната структура на Црквата се поремети, особено во Дијаспората. Мајките, или етнички Цркви се обидоа да го зачуваат Православието со запазување на неговата синодална организација, односно, онаа организација што е опишана во Светите Канони за дијацезите и синодите. За жал, обидувајќи се да воспостават надворешен ред, сите канони кои се однесуваат на апостолската вера и на учењето на Отците од Вселенските Собори, односно, на нејзиниот внатрешен, мистичен живот, беа намерно превидени од страна на архиереите кои се сметаа себеси за градители на оваа борба за поредок. Овие луѓе беа поттикнати од синкретистичкиот и антидогматски дух што преовладуваше во тоа време, дух што трае и до денес, дух што ги контролира сите актуелни размислувања и пракса во Светското Православие. Задоволни што го отфрлиле мистичниот живот на Црквата Христова, овие реформатори-архиереи во дијаспората, и било каде, набрзина го жртвуваа единството на Црквата во апостолската вистина за модерната идеја, туѓа на раководството на Светите Отци, идеја за единство на човештвото. Оваа модерна група наметна една надворешна административна унија со цел да го сочува единството на една надворешна црковна организација, сега оголена од внатрешниот живот на „верата, еднаш засекогаш предадена на светиите“ (Јуда 3) со сите парохии соединети под една команда. Како пример за тоа како функционираше ова ново реструктурирано Православие во дијаспората, од членовите на парохискиот совет кои даваа заклетва во Грчката архидијацеза во Америка беше побарано да се заколнат дека ќе им бидат послушни на каноните и преданијата на Православната Црква. Обично, овие канони и преданија се третирани како апстрактни принципи, кои не биле дефинирани или разјаснети од страна на свештеникот, кој ја извршува заклетвата. Оваа заклетва обично се толкува како целосно послушание на надлежниот епископ. Реформаторската ерархија, како главно начело во нeјзината модернизаторска платформа ја разви новата теорија, непозната на Светите Отци, дека каноните се закони, кои треба да бидат толкувани од страна на надлежниот епископ, кој одлучува што е, а што не е „канонско“ во овој нов начин на размислување. Ова е начинот на кој Патристичкото, вистинско Православие, ги сфаќа каноните кои беа отфрлени. Еден поранешен епископ на грчката архидијацеза во Америка, кој предаваше во богословијата на Светиот Крст во Бостон ги споделил своите размислувања со неговите студенти во врска со Светите Канони. Тој забележал дека доста години внимателно ги проучувал каноните и заклучил едно нешто: постои само еден канон кој треба да се запазува во црквата. Тој цинично соопштил дека само оние канони кои говорат за авторитетот на архиерејот и за послушност кон архиерејот треба да се почитуваат. Сите други канони треба да се игнорираат. Такво милитантно, или подобро речено, папско толкување на каноните им дава слобода на одделни патријарси, митрополити, архиепископи и епископи да дејствуваат сосема одделно од мудроста и раководството на Светото Предание. Таквото иноваторство, мислеа тие, им дава неограничена дозвола да игнорираат некој па и сите канони. Овој став ги сведува сите канони на еден прост функционален принцип: „Биди му послушен на својот епископ“. Со оваа секира во рацете, модернизаторската ерархија брзо продолжи да ја измазнува црквата со духот на времето, а не со Духот Христов. Таквата процедура може добро да го освести сегашниот метод со кој се донесуваат одлуки во Врховниот Суд на САД. Врховниот Суд сега се чувствува слободен да ги измени претходните одлуки на Судот, како и законите донесени од страна на законодавните тела, врз основа на современите сфаќања и толкувања на моралните вредности. На пример, абортусот може да е погрешен во еден историски период и осуден од Врховниот Суд, но одлуката на Рои-Веид[1] дефинираше дека постојат други вредносни системи, кои треба да бидат признаени. За модерниот начин на размислување, моралноста станува релативна вредност и никогаш не е апсолутна. Модерниот ум посакува да живее во свет каде што нема апсолутни нешта (настрана од неговото барање дека нема апсолутни нешта), настрана од неговиот нихилизам. Понатаму, нема Божествен Авторитет врз кој би можела да се базира било која одлука. Бог беше симнат од престолот и на Негово место застана Врховниот Суд. На овој начин, толкувањето на каноните стана селективен одговор контролиран од современата морална и безбожна сцена. Екуменизмот, како една форма на релативизам, е вклучен во тоа. Многуте канони кои забрануваат заеднички молитви со неправославните се исфрлени. Овие канони, продолжува приказната, се „старомодни“. Нема сомнеж дека неправославни христијани учестуваат заедно со клириците на Светското Православие на погреби, венчавки, вечерни служби, Богојавленски служби, па дури и на Божествени Литургии. Во текот на изминативе 40 години тоа се случувало толку често, што веќе станало редовна пракса. Многумина, но не сите, Православни христијани не се изненадени или вознемирени кога се случуваат такви сослужувања. Многу православни христијани во т.н. „Канонски“ Цркви се убедени дека унијата на црквите веќе се случила. Ритуалите на римокатоличката и протестантската црква сега се признаени за „благодатни“ од страна на сите т.н. „Канонски“ јурисдикции, додека Таинствата на традиционалните Православни Христијани се сметани за невалидни. Она што се превидува е фактот што Црквата непоколебливо учи, дека надвор од Црквата нема спасение; нема Таинства (свети Кипријан Картагински +268). Навистина, познато е дека некои клирици на Грчката архиепископија имаат изјавено дека унијата на црквите веќе се случила. Антиохиската јурисдикција ноншалантно дозволила Муслимани да бидат кумови, а свештениците да сослужуваат во литиите на римокатоличкиот клир. Православната Црква во Америка дозволи еден манастир отворено да признава римокатолички светители како православни светители, чијшто игумен има изјавено дека не постои теолошка разлика помеѓу православието и римокатолицизмот, и да остане некорегиран од страна на ерархијата на ПЦА. Клирот на Грчката архиепископија се соблазни од фактот дека манастирот не го запазува Великиот Пост, и дозволува јадење месо за време на Великиот Пост. Епископите на СКОБА (Standing Conference of Canonical Orthodox Bishops in America) им забранија на своите клирици да ги крштеваат Римокатолиците и Протестантите бидејќи, според овие епископи, оние во ерес имаат крштелна благодат! Каноните се јасни во тоа дека еретичкото крштение не е крштение, туку е проклетство и сквернавење. Светите Отци едногласно учат дека „едното крштение“ за кое се говори во Никејскиот Символ на верата е таинство кое се извршува под раководство на Православен епископ, кој правилно учи, правилно верува. Ако некој ги признава неправославните крштевања, тогаш зошто да не се признаат и другите неправославни обреди: миропомазание, света Причест итн? Всушност, многу клирици од „канонските“ јурисдикции веќе го сториле тоа. Што е тоа што ја прави црквата да биде вистински канонска? Не е ли тоа приврзаноста кон она што било проповедано насекаде, во секое време, и од сите Православни Отци на Црквата (свети Винсент Лерински +445)? Ако не можеме да ја исповедаме нашата вера и да ја поистоветуваме со верата на исповедниците и светителите на Црквата, тогаш ние навистина не ја исповедаме православната христијанска вера, туку, всушност, ја исмеваме нашата древна православна вера. Но пред сè, молете се да не бидеме одвлечени од „сирените на екуменизмот“. Треба да бидеме прицврстени кон духовниот кораб на црквата и да не се предаваме на компромисната вера на оние кои ја отфрлиле Православната вера и прифатиле нова извалкана вера, која повеќе не ја претставува верата исповедана од Светите Отци, односно, „верата која една засекогаш им беше предадена на светиите“ (Јуда 3). И како заклучок: Ниту еден канон на Православната Црква не учи дека за да бидеме православни мораме да бидеме во заедница со Цариград (или со било кој друг „древен престол“)!
Превод од англиски: Ѓакон Јани Мулев Наслов на изворникот:
ORTHODOX CHRISTIAN WITNESS,
Canonical churches: What does it mean?
December, 2003, vol. xxxvii, No. 12
[1] Со таа одлука се дозволува абортусот како интимно право на мајката да прави што сака со бебето сè додека тоа е во нејзината утроба (бел. на прев). |
< Претходно | Следно > |
---|