Радоста во Христа |
6.08.2008. | |
Радоста во Христа
Сигурен показател на нашата
духовна состојба
„Радувајте се секогаш“ (1. Сол. 5, 16) „Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се!“ (Филип. 4, 4) За жал, не е ретка појава да видиме побожни верници на чии лица не блескаат радоста, добрината, и светлина на благодатта. Има многу оправдувања за ова: семејни проблеми, тешкотии на работа, разни несреќи, економски неуспех, здравствени проблеми, лош развој во националниот и политички живот, итн. Можно ли е сите овие нешта да сочинуваат огромна препрека, та така христијанинот да се лиши од мирот на Светиот Дух и благодатта Христова? Се разбира, не; зашто, радоста на побожните верници не доаѓа од отсуството на животните немири и таги, туку од присуството на нашиот Спасител во нивните срца. Кога Христијанинот има смиреноумие и плаче за своите гревови; кога негова цел е „секогаш барајте добро еден на друг, и на сите!“ (1. Сол. 5, 15); кога се стреми да ги запазува Божјите заповеди; кога постојано учествува во пречистите Таинства; кога тој непрестајно возвраќа со благодарност на љубовта Божја – тогаш, тој е жив во Господа и има Дарител на радост и мир во неговото срце. Верникот кој е Богоносец и Христоносец „се радува секогаш“ (сп. 1. Сол. 5, 16) и неговото присуство во светот е сведоштво на Воскресението и на Педесетница; тоа е откровение на Царството небесно и блаженството во векот што доаѓа, кое тој веќе го има претходно вкусено. До оние кои се противат и велат дека е невозможно некој да се радува постојано, свети Василиј Велики напишал одлична омилија, насловена како „За благодарноста“ (Patrologia Græca, Том. XXXI, cols. 217-237.), во која тој им се спротивставува на оние кои се осмелуваат „да го обвинат св. ап. Павле за востановување на работи кои се невозможни за нас“. Блажената радост на Христијаните е показател на нивната духовна состојба: недостатокот од радост – и секако, од непрестајна радост – означува недостаток во заедницата со Христа, а исто така и со нашиот брат. Особено, кога во нашите срца нема љубов кон нашиот ближен, кога му наштетуваме и го повредуваме, кога го обезвреднуваме и презираме, и кога го загрижуваме и вознемируваме, тогаш Бог исчезнал од нашите срца и немаме заедница со Него. Апостолот Павле нè поттикнува: „секогаш барајте добро“ (1. Сол. 5, 15), а со тоа тој мисли: „бидете цврсто и крајно спремни да правите добро еден на друг, односно, на вашите браќа христијански верници и на сите; тоа значи, дури и на неверниците и безбожниците“ (Свети Никодим Светогорец, Толкување на Посланијата, том 3, на грчки јазик). Спротивното – односно, вообразеност и осветољубие, студенило и рамнодушност, омраза кон нашиот брат и суровост – ќе нè направи да личиме на пчела, како што свети Јован Златоуст прецизно забележува: „Зарем не гледате како умира пчелата веднаш штом ќе повреди некого со убодот? Преку тоа животно, Бог нè поучува да не ги нажалуваме нашите ближни, бидејќи така ние први ќе ја сретнеме смртта. Зашто, повредувајќи ги нив, ние можеби им нанесуваме болка привремено; но самите ние нема да живееме подолго, исто како што и ова животно не останува живо“. (Patrologia Græca, Том. LXII, кол. 457 (Толкување на првото Послание до Солунјаните, Омилија 10). Преблагословената Богородица е „радост на сите родови“ (Акатист, икос 10), и во Молебниот канон кон неа, пееме една многу убава химна: „Исполни го моето срце со радост, Дево, ти која си ја примила полнотата на радоста и си направила да исчезне тагата од гревот“ (од Малиот молебен). Да го повторуваме овој радосен тропар често и искрено, молејќи ì се на нашата Сесвета Мајка да нè удостои да се радуваме во Господа засекогаш, во радоста на Воскресението и Царството. Амин!
Превод од англиски јазик: Дејан Белчовски, апсолвент на Теологија Наслов на изворникот: Joy in Christ, The Sure Indicator of Our Spiritual Condition www.orthodoxinfo.com
(Православна Светлина бр.6)
|
< Претходно | Следно > |
---|