Исповед на еден поранешен адвентист |
6.06.2008. | |
Ништо од наведеното официјално нема да слушнете, но тоа што е наведено во праксата е најчест случај - чест на исклучоците Адвентистите сметаат дека токму ним им е доверена најточната и најголемата вистина за Бога, па согласно со тоа настапуваат. Тоа што се од скоро и за нив не претставува никаков хендикеп, оти сметаат дека Елена Вајт е токму таа избраната и пророкот преку кого Бог ги објави своите последни вистини и упатства за човештвото. Согласно со овој став, тие не признаваат повеќе ниту еден пророк по неа. Врз основа на нејзините списи конструирана е целокупната „теологија“ која главно се врти околу празнувањето на саботата, како главна споредна работа (ако за нив тоа воопшто е споредна работа), покрај верувањето во оправданата Христова жртва на крстот. Покрај тоа, тие себеси се сметаат авангардни и во доменот на здравата исхрана што ја нарекуваат „здравствена реформа“ и без која не проповедаат ниту една „библиска вистина“. Многу често се случува многу од нултата група (група на неупатени, кои прв пат доаѓаат во допир со адвентистите), ќе се заинтересираат токму со приказната за здрава храна, а човек и да не биде свесен дека зад тоа нешто друго се крие. Паралелно со тоа, настапуваат луѓе кои заинтересираните луѓе систематски продолжуваат да ги обработуваат и тоа во неколку насоки, во зависност од интересирањето и степенот на образование. Личностите од нултата група научнички заинтересирани се привлекуваат и по пат на креационистички предавања. (Креационизмот, наспроти еволуционизмот, пропагира дека зад совршениот ред во природата стои Бог, и тоа се обидува научно да го потврди). Предавањата што се организираат за таа цел најчесто се организирани на познати јавни места, а како организатор практично никогаш не се декларира адвентистичката црква, туку „Библиотека Логос“, „Дописна библиска школа“, „Духовен и културен центар“ и слично. Се оди со таков пристап заради наводните предрасуди на луѓето кон сектите, па тие ги користат овие скривалишта за полесно да им се приближат. Некогаш токму заради тоа, нивните плакати изгледаат многу „православно“. На предавањата за здрава храна (како и на сите нивни предавања), најчесто доаѓаат луѓе од 18 до 40 години, со средно и високо образование. По тие предавања, сите мислат дека се попаметни, зашто такво нешто никогаш не чуле (се разбира дека никогаш не им паднало на ум да ги прашаат православните монаси како тие се хранат). Адвентистите „здравствената реторика“ ја пропагираат како свој сопствен патент, и многумина дури и стануваат адвентисти затоа што ќе поверуваат во тоа. Од искуство знам дека би имало многу помалку адвентисти кога би се разбила фамата за „спасение преку желудник“. Овие зборови од Мојсеевите книги каде некои видови животинска храна се прогласени за нечисти, пред сè се сфатени како здравствена заповед, а помалку церемонијална. Но дури сега започнува заплетот! Тие сега пронаоѓаат научно објаснување за да го докажат тоа и тогаш се јавуваат некои смешни „докази“. На пример, свињата е нечисто животно, не само заради телесните особини (не преживува како кравата или овцата), туку затоа што јаде се. А се знае дека таа понекогаш сака да си го изеде дури и сопствениот измет. Кокошката од друга страна е „чисто“ животно, но никој не споменува дека и таа често го прави истото. Вака може да се „докажува“ во недоглед. Што се однесува до креационистичките предавања, тука работата е појасна уште на стартот. Тука веднаш се гледа дека се обидуваат вас да ве „натераат“ во верата со тоа што (уште малку па) ќе докажат дека Бог постои по пат на некои аналогии и философски докази од минатите векови (на пример, онтолошкиот доказ). Методот не е сосема лош, токму заради тоа што некои бариери сепак на тој начин се рушат, но, во крајна линија, ако човекот не е склон да верува дека постои Бог, тоа ништо нема да му значи. Во групата еден (покрај сега „втераните“ креационисти и застапници за здрава храна) спаѓаат на пример, личности кои релативно се лесен плен заради тоа што, ако малку веруваат дека Библијата е дадена од Бога, склони се да ги прифатат објаснувањата за негативностите што се пропратни појави при занимавањето со окултизмот (гатање, астрологија, магија и т. н.). Да бидам појасен: еден спиритист добива многу јасен одговор од Библијата од кој му е јасно дека самиот Бог (а не некој човек) му забранува занимавање со такви работи. По ова сознание, тој лесно се наоѓа во тешка дилема: „Постои Бог, ми ги прати овие луѓе, кои ми даваат просветлување; можам да бирам вечна смрт или да им се придружам. Во православието да е вистината, досега тие, којзнае колку пати би ми го објасниле тоа...“ Ако го отфрлиш ова, ќе те отфрли Бог! Се разбира, ова никој не ви го кажува со тие зборови, но од јавниот настап токму тоа се заклучува. На овој начин, некој од групата бр. еден веќе преминал во групата бр. два. Со ваквите луѓе работата веќе полу е завршена. Таквите само треба да го усвојат празнувањето на саботата, да не пијат кафе, алкохол и да не јадат нечисто месо, па со тоа прагот на „подобноста“ е поминат, и ете, новиот адвентист е роден! Се разбира, сето ова длабоко да го усвоите, одите на курсеви за „библиски вистини“, каде што преку стотина систематски одбрани стихови, вашето уверување дека сте на вистинскиот пат, станува цврсто како камен. За жал, ретки се оние кои од силата на аргументите и претходното познавање на Библијата можат да се спротивстават на таквите убедувања. На ова место почнува процесот на „перење на мозокот“. Постепено го отфрлате дотогашното сфаќање, а бидејќи ве убедиле дека Библијата „многу подобро знае“, тогаш вие ги прифаќате, без некоја посебна проверка на информациите што ви се сервираат. За да останете и опстанете во такво опкружување (кое дури има и своја терминологија нетипична за „надворешниот“ свет), морате и да мислите како нив. Ако покажувате знаци на отпор на ваквата агресија, во тој случај ќе останат фини со вас, но, или ќе ве изолираат, или ќе станат уште понападно љубезни, за еден ден да ве книжат како верник. Ако до крајот на курсот не покажете знаци за противење на она што ви се сервира, брзо доаѓате до „крштевање“. Во спротивно ќе ве казнат со тоа што вас нема да ве „крстат“, па како половина печен, а недопечен, лошо ќе се чувствувате во тоа опкружување. Друг метод за приоѓање на нултата или првата група е по пат на предавања (маратонски), кои задолжително се занимаваат со пророштва: тука се цени вашата љубопитност за иднината преку гледање во филџан, на ѕвезди, грав, карти, дланка, да се насочи кон регуларното „гатање во Библијата“. Тој метод секогаш дава резултати во смисла на обликување на нови надежни саботари и јеховисти, но кој има погубни ефекти кога е во прашање религиозната пракса на таквите личности. Сите знаат за „фаците“ кои ѕвонат на вратата, па, кога ќе отворите незадржливо почнуваат да зборуваат за крајот на светот. Никој нека не се залажува дека тие се осамени и неорганизирани поединци. Зад нив стои војничко организирано братство, кое знае што прави. Секој од тие „преподобници“ (кога се во прашање „Јеховините сведоци“) поднесува неделен извештај што и колку направил, и врз основа на тоа се оценува неговата ревност. Што има тој од тоа понатаму, е работа на „локалната имплементација“. Со интензивно инсистирање на приказната за „крајот на светот“ кај потенцијалните жртви се буди стравот за сопственото спасение (што секогаш не е контрапродуктивно), но со назнака: „Спасението е само кај нас! Зошто православните не ви го проповедаат ова кога знаат што пишува во Библијата? Секако дека не проповедаат кога се поклонуваат на слики во црквите и се молат на светците, наместо на Бога!“... И сè така, во тој стил. Неинформираниот православен верник, без некакви подлабоки корени, брзо ќе застане на нивна страна со забелешката: „Па да, навистина е така... Види ги само оние поповите како ги „дерат“ луѓето за крштевање, а ние ништо не разбираме што мрморат кога се молат“... Тука настапуваат нивните пет минути и сè што отсекогаш сакале да кажат против Православието (и римокатолицизмот, се разбира - ним и онака им е се исто) ќе го исфрлат како од топ. Многумина дури и не ја чекаат вашата забелешка, туку веднаш, при првата средба ќе ве нападнат со вакви клеветења. Тие тоа го прават без никаков срам, бидејќи сметаат дека Бог им одобрува што така прават за Него! За жал, не се борат толку срдечно за чистотата на верата кога нивната секта е во прашање, Зашто „ете, сите ние сме грешни, сатаната нас нè искушува“. Изгледа дека само ним Бог им ги толерира гревовите, и дека само ним им простува, бидејќи единствено тие „знаат“ што е „вистинско покајување“. Во ваков стадиум се навлегува дури кога ќе имате стаж во трите групи на целосно предадени следбеници на сектата. За жал, за голем дел од нив, веќе е доцна зашто мозокот веќе им е „измиен“ и сите механизми на самокритика атрофирале. Заради тоа во редовите на адвентистите може да има поддршка и организација каква што е АДРА, која само на хартија е исклучиво хуманитарна организација, а во стварноста има изразена, но прикриена прозелитска дејност. Дека тоа е така, потврдува и фактот што водачите од АДРА, секогаш се жалат дека, ете, поделиле толку и толку храна и пакети, а дека се крстиле само толку и толку (изгледа очекувале дека нашиот народ е толку неправославен, што по првиот залак од нивната „помош“ ќе ја промени верата. Ако се случи во некоја средина да има многу луѓе за пакети, а помалку за „крштевање“, тие продолжуваат да ги хранат само оние кои се „крстиле“, или се подготвуваат да го направат тоа. За другите нема! И сето тоа е согласно со Библијата (има и стихови на кои тогаш не се повикале). Голем адут им беше блокадата на Сараево кога единствено АДРА, покрај УНПРОФОР, можела да влезе во градот. А како влегувала? Па убаво, давале по десетина илјади марки за да се пропушти конвојот, а и дел од товарот го отстапувале. Сè за реклама: АДРА единствено поминувала (се разбира, кога Бог е „на наша страна!“). Верниците кои во Србија и по светот ги слушаат овие приказни не насетуваат за какви малверзации се работи. Се прашувам, со кои пари подмачкувале за време на хиперинфлацијата, кога адвентистичките цркви во Белград, од прилозите на верниците, не можеле ни за струја да соберат? Тогаш платите на проповедниците биле по 150 марки (што стигнувале од странство) додека верниците од своите 1-2 марки давале десеток на име плата за тие исти проповедници. Или од кои пари е купен адвентистичкиот теолошки факултет на Баново брдо (цена 1,5 милион марки) и луксузно реновиран и опремен (300.000 марки од „непознато“ потекло). А мнозината верници мисли: „Бог ни се смилува!“ Дека сè „смрди“ - се гледа и кога верникот (читај - јас) ќе почне да поставува „незгодни“ теолошки прашања. Тука започнува менталната тортура. Најпрво, искрено се загрижуваат за вас заради „девијација“, се обидуваат да ве убедат во спротивното, ако не успеат со „мек“ начин, тогаш се пристапува кон многу ефикасниот метод: во вас будат страв дека нема да се спасите ако отстапите од важечките доктрини, зашто дознавајќи за таква „светлост“, сте одговорни пред Господа и во тој случај Он ќе ве отфрли и вас. Паралелно со ова убедување, тие подигаат и заштитна ограда кон вас, оти и самите се плашат од „зарази“ од такви идеи на проверка на „проверените библиски вистини“, па на крајот и самите брзо сфаќате дека вас ве третираат како ментално болен, на кого треба да му се врзе лудачка кошула и да се затвори во некоја мрачна ќелија, за никој да не го вознемирува. Сите оние кои се обидувале да разговараат со класичен секташ (а и јас бев таков) наидувале на самоодбрана. Желбата за неразмислување, залулкување е толку силна што човекот во таква средина го претвора во најобично растение, кое едвај дава знаци на ментален живот. Затоа вие официјално никогаш не можете да обвините некоја секта од типот на адвентистите за тортура на своите членови, зашто тие членови, во крајна линија, со нивна помош, самите на себе си го „мијат мозокот“. Кога се во прашање адвентистите, тука се јавува и параноичниот страв од гонење (сигурно адвентистите сите еден ден ќе ги гонат зашто не сакаат да јадат свинско, и затоа што упорно ја празнуваат саботата). Таа манија се подгрева дури и со нивната „теологија“, откако Елена Вајт прорекла дека тоа ќе се случи. Така имаме многу комични ситуации со бројката саботари: доволно е некаде некој негативно да ги спомене или, не дај Боже, да ги обвини (основано или неосновано), и тие, веднаш почнуваат помеѓу себе да шепотат за тоа како се приближува крајот на светот, зашто, еве, тука се првите знаци на „прогонство“ (тоа е токму нивниот официјален термин). Ако тоа го стори некој православен свештеник, температурата меѓу нив толку се покачува што веднаш се организираат молитвени состаноци. Во колку се случи сепак да ги напуштите, тогаш најчесто се применува методот на ненаметлива, но практично непробојна изолација од поранешните членови. Потоа, и да се случи со некого да разговарате, немате впечаток дека и тој разговара со вас, туку дека тој несвесно почнува да ве убедува дека многу пропуштате - губите што не сте во сектата. На крајот, морам да кажам дека сум многу нажален заради многу мои поранешни пријатели, кои поради неверојатниот страв за најтврда конзервативност на своето мислење ја отфрлија понудената рака на пријателство. Најтажен е фактот што на таквите личности може да им помогне единствено Господ и нашата молитва. Било каков разговор и убедување доведуваат до уште подлабоко повлекување во својата „куќичка“ од челик на сопствената заблуда. Адвентистите сметаат дека најмногу ќе ги прогонуваат оние кои некогаш биле нивни членови. Не сакам да ги изгубам засекогаш, за мене драгите луѓе, така што ќе им потхранувам една таква заблуда. На оние кои не загазиле во ниту една секта, треба да им се зборува за убавината на Православието, а другото ќе си дојде на свое место.
Поранешен адвентист
|
< Претходно | Следно > |
---|