Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Цркви и манастири arrow Цркви во Негорската парохија
Цркви во Негорската парохија
2.06.2008.

село Негорци

 

- Парохиска црква „Св. Атанасиј Велики”- с. Негорци

 

- Црква „Св. Атанасиј Велики”. Изградена е во XIX век од непознат гардител. Целосно е обновена во 1996 година, така што објектот изгледа како новоизграден, со убава ограда, и со средновисока камбанарија, лоцирана на северозападниот дел од храмот. Според својата архитектурна форма црквата е трикорабна, со рамни дрвени тавани. Средниот кораб ги надвишува двата странични кораба. Покривната конструкција е на две води, потпрена на осум колони - во два реда, по четири столбови во јужниот и западниот дел на наосот. Покривот на храмот е реновиран во 1996 година. На таванот на централниот кораб има убава декорација, со квадратни полиња и насликана фреска со претстава на Исус Христос Седржител. Кон западната страна е припратата, која е одвоена од наосот, а на источната страна црквата завршува со полукружна олтарна апсида, со декоративни ниши. Во припратата се сместени и неколку значајни икони, и сочувано крило од царските двери, кои потекнуваат од XIX век. Црква е живописана, но не е познат зографот.

 

 

село Прдејци

 

- Црква „Св. Петка”. Храмот изграден е во 1861 година, што може да се види од натписот над главната врата, која се наоѓа од јужната страна на црквата. Нејзин градител бил познатиот неимар, резбар и зограф Андон Китанов. Според својата архитектурна форма, црквата е трикорабна, со дрвени тавани. Средниот кораб се извишува над двата странични кораба, ишаран е, и во  средината има квадратни полиња. На централниот кораб е насликано македонското шеснаесеткрако сонце. Покривната конструкција е на две води, потпрена на шест столбови во два реда колони - на северниот и јужниот дел од наосот. Денешната црква не е живописана. Иконостасот го исполнуваат три реда икони. Царските двери се работени во резба од послаб копаничар од резбарската тајфа на Андон Китанов. Дел од иконите се изработени во 1862 година од раката на зографот Константин, а дел за кој има запис на долниот дел на јужната врата =Од руки Димо, зограф од Папрадишта, 1881 март 27, епитроп Гиорие+.  

 

село Смоквица

 

- Црква „Св. Димитриј”. Храмот е подигнат во првата половина на XIX век, околу 1830 година, кој, поради својата дотраеност, е обновен во 1905 година од градителската тајфа на познатиот неимар, резбар и зограф Андон Китанов. Според својата архитектурна форма, црквата е трикорабна со дрвени тавани, од кои средниот е поизвишен и е покриен со квадратни полиња изведени со тенки лајсни. На средината на главниот кораб има насликано икона на платно со претстава на Исус Христос Седржител. Покривната конструкција е на две води, потпрена на осум столбови во два реда (по четири на јужната и северната страна). Храмот има убав иконостас што го исполнуваат вредносни икони и убави царски двери, изработени од Андон Китанов. Дверите, датирани во 1863 година, се изработени во убава резба со мотиви од растителниот свет. Црквата е зографисана во 1846 година, што се гледа од натписот над главната влезна врата (од внатрешната страна) на јужниот ѕид.

 

 

село Кованец

 

- Црква „Св. Димитриј”. Храмот е подигнат околу 1860 година, а обновен во 1907 година. Градител на црквата е познатиот неимар, резбар и зограф Андон Китанов. Според архитектурната форма, црквата =Св Димитриј+ е трикорабна, со рамни и обоени дрвени тавани во горните партии. Покривната конструкција е на две води, потпрени на два реда колони со шест столбови. Внатрешните ѕидови на храмот се зографисани. Фреско-живописот е од XIX век. Иконостасот е изработен во дрво, делумно украсен со убава резба. Иконите во црквата =Св. Димитриј+ датираат од XIX век. И царските двери се изработени во XIX век од мајстор од тајфата на Андон Китанов.

 

 

село Серменин

 

- Црква „Св. Георгиј”. Изградена е во 1834 година што може да се види од записот во женскиот дел на храмот, а кон крајот на XIX век била обновена од македонскиот градител Андон Китанов. Таа е возобновена во 1940 година. Според својата архитектурна форма, црквата е трикорабна, со рамни дрвени тавани и со полукружна олтарна апсида од надвор на источниот ѕид, украсена со пет плитки ниши. Покривната конструкција е на две води, потпрена на два реда колони од по четири столбови. Иконостасот го исполнуваат стари икони, кои потекнуваат од XIX век. Има прекрасни царски двери, изработени во резба кои се дело на зографот Андон Китанов. Фреско-живописот во храмот е од 1847 година, а е обновен во 1951 година од гевгелискиот живописец Ѓорѓи Хаџи Ников.

 

 
< Претходно   Следно >