Цркви во Миравската парохија |
2.06.2008. | |
село
Миравци
- Црква „Св. Константин
и Елена”. Храмот е изграден во 1860 година. Во 1892 година првобитната црква била опожарена, но брзо била обновена, и тоа уште во текот на 1893 година. Градител на црквата бил Андон Китанов. Во 1989 година црквата во Миравци повторно била опожарена и разурната, со исклучок на надворешните ѕидови кои одолеале на огнената стихија. Храмот бил повторно обновен во 1990 година. Денешната подновена црква =Св. Константин и Елена+ според својата архитектурна форма, е трикорабна со тавани и со полукружна олтарна апсида од надвор на источниот ѕид. Покривната конструкција е на две води, потпрена на шест четвртасти колони во два реда. На јужната и западната страна има изградено нов отворен трем. По второто опожарување, внатрешните ѕидови на црквата не се зографисани, со исклучок на олтарната апсида од внатре, која делумно е покриена со нови фрески. Иконостасот, исто така е нов, изработен во 1990 година.
село
Давидово
- Црква „Раѓање на
Пресвета Богородица”. Селото Давидово има убава местоположба. Се наоѓа крај патот Миравци - Удово, во подножјето на Кожув Планина. Црквата е подигната на зарамнето стрмно каменесто место. Изградена е пред 1860 година од одличниот неимар Андон Китанов. Денешната црква =Рождество Богородично+ во с. Давидово, е обновена во 1926 година. Според својата архитектурна форма, таа е трикорабна, со рамни дрвени тавани, од кои средниот ги надвишува двата странични кораба. Покривната конструкција е на две води, која во наосот е потпрена на шест колони во два реда, по три столбови на јужната и на северната страна со капители. Сводовите на трите кораби се обновени во 1991 година. Објектот е граден од обичен камен. Иконостасот е изработен во 1926 година, а иконите во него, според стилските карактеристики, се од XIX век. Фрескоживописот обновен е во олтарната апсида, од зографот Јордан Донески од село Гари, Дебарско, во 1991 година.
-Манастир =Св. Илија+. Подигнат е во 1937 година. Според преданието, на местото на денешниот манастир, во периодот меѓу двете светски војни, била изградена мала црква, наречена =Св. Илија+. Таа во 1945 година била обновена и проширена, па прераснала во манастир. Според својата архитектурна форма, манастирската црква е трикорабна, чија покривна конструкција е на две води и во внатрешноста завршува со рамни дрвени тавани. На покривот на црквата се вградени шестострани куполи, од кои едната е во централниот дел на покривот, а другата на југозападното ќоше. Храмот има малтерисани фасади, со покрив од нови ќерамиди. На јужната страна има отворен трем - натстрешница, а на југоисточната страна од храмот има камбанарија со железна конструкција, со покрив од плех.
- Црква „Вознесение Христово”. Црквата е изградена пред 1860 година. Но, околу 1860-1861 година била опожарена, за потоа - во 1867 година, со доброволни прилози од месното население, да биде обновена, што може да се види од натписот над јужниот влез во храмот (од надвор). Градител на црквата бил Андон Китанов. Според својата архитектурна форма, црквата е трикорабна со дрвени тавани, со полукружна апсида на источниот и со женски дел на западниот ѕид. Централниот кораб ги надвишува двата странични кораба. Покривната конструкција е на две води, потпрена на два реда колони од по три столбови со капители, кои го одвојуваат централниот кораб од страничните кораби. Внатрешноста на храмот ја краси мошне убавиот фреско-живопис, насликан на северниот и јужниот ѕид. Иконостасот е во резба. Сите икони, што го исполнуваат иконостасот, датираат од XIX век, со имињата на дарителите.
село
Милетково
-
Црква
„Св.
Петка”. Црквата =Св. Петка+ е стара црква, изградена пред 1860 година. Но, првичната црква била опожарена и изгорена за време на Првата светска војна. По војната била обновена, но во 1931 година повторно била разурната од катастрофален земјотрес. По вторпат била обновена во 1932 година. Денешната црква =Света Петка+ е трикорабна, со полукружна олтарна апсида на источниот ѕид (од надвор). Покривната конструкција е на две води. Објектот е изграден од обичен камен. На јужната и западната страна има отворен трем. Главниот влез во храмот е од јужната, а споредниот од западната страна. Иконите, што го исполнуваат иконостасот, се од поново време. Некои од нив се датирани во 1932 година, кога, всушност, била обновена црквата. Црквата не е живописна.
село
Габрово
-
Црква
„Св.
Атанасиј Велики”. Подигната е во 1851 година, што може да се види од записот на еден каменен блок над крстот (од првобитната црква) на западната фасада, под стреите. Градител на овој православен храм е познатиот Андон Китанов. Црквата е трикорабна со обоени дрвени тавани, од кои средниот ги надвишува двата странични кораба. На источниот ѕид има голема полукружна олтарна апсида, а на јужната и западната страна има отворен трем. Покривната конструкција, која е на две води, се држи на шест колони во два реда (по три столбови). Црквата е зографисана неколку години по нејзината изградба. Фреско-живописот во храмот е изработен во текот на втората половина на XIX век од
Димитар
Андонов
- Папрадишки.
Иконостасот
е исполнет со стари и нови икони кои датираат од XIX и XX век.
|
< Претходно | Следно > |
---|