Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Цркви и манастири arrow Цркви во Пиравската парохија
Цркви во Пиравската парохија
2.06.2008.

 

село Пирава

 

Црква „Св. вмч. Ѓорѓи” - с. Пирава

 

- Црква „Св. вмч. Георгиј”. Изградена е по земјотресот од 1931 година, во времето од 1932 до 1934 година. Храмот има убав надворешен изглед, со оградено дворно место и со два влеза - од северната и од јужната страна, од двете улици. Според архитектурниот изглед, црквата има крстобразна форма со купола, која се потпира на четири пиластри, поврзани со лакови. Тамбурот на куполата е осмостранен. Нартексот е засведен со попречен свод на две води. Меѓу првата припрата и куполата се издига камбанарија, во западна насока, која има мошне елегантна форма и е опремена со голема камбана, а на источната страна храмот завршува со олтарна апсида, која, според архитектонскиот изглед, е потешко приемлива. Иконографскиот репертоар го сочинуваат стари и нови икони, што потекнуваат од почетокот на XX век. Иконостасот е изработен во времето кога се подигала црквата, а иконите ги насликал познатиот зограф Димитриј Андонов - Папрадишки. Црквата е реновирана 1994 година, и осветена е од поглаварот на МПЦ, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Михаил.  

 

село Јосифово

 

- Црква „Успение на Пресвета Богородица”. Црквата е градена  по земјотресот од 1931 година, во времето од 1932 до 1934 година, а осветена е на 8 декември 1936 година од владиката на Штипската епархија, г. Венијамин. Храмот има крстообразна форма, со убав надворешен изглед, чие теме заменува купола. Објектот, погледнат од надвор, има мошне атрактивна архитектурна форма. Во основата, според својата градба, спаѓа во крстообразните храмови, со висока и специфична покривна конструкција, која се потпира на столбови со капители во горниот дел. Камбанаријата е во составот на црквата и се наоѓа во нејзиниот северозападен дел. Иконите што го исполнуваат иконостасот, се изработени од познатиот мијачки зограф Димитар Андонов - Папрадишки, во 1934 година. Црквата не е зографисана.

 

село Удово

 

- Црква „Св. Атанасиј Велики”. Камен темелникот е поставен и осветен на 19 април, 1993 година, (вториот ден од Велигден) од страна на тогашниот поглавар на МПЦ, г.г. Гаврил, а осветена е во 2002 година од Митрополитот Тимотеј (тогашен администратор на Повардарската епархија). Црквата е трикорабна, со крстообразна форма во основата и со купола во централниот дел на храмот, со осмостран тамбур. Источниот ѕид завршува со полукружна олтарна апсида од надвор. Делумно е фрескоживописана од Златко Ристевски од Велес. Иконостасот е пренесен од црквата „Св. Димитриј” од с. Градец и изработен е од Исаија Џиков од село Порој - Дебарско.

 
< Претходно   Следно >