Прво замонашување во Повардарската епархија |
19.05.2008. | |
На
17.05.2008 година, во манастирот посветен на Пресвета Богородица во Согле,
Митрополитот Агатангел благоволи да го постриже во мала схима, досегашниот
расофорен монах Филотеј со ново име, монах Авакум.
На вечерната богослужба,
која започна во 17.00 часот, по входот, јеромонахот Григориј, водејќи го под
своето расо, го приведе кандидатот за замонашување пред архиерејот.
Митрополитот Агатангел, најпрво го поучи за монашкиот живот, за сите добри, но
и лоши моменти, што се дел од монашкиот живот, но и за наградата која Бог им ја
дава на оние кои се откажале, од татко, мајка, брат, сестра, сопруг, сопруга и
од сè
земно заради Христа и Неговото царство. Откако кандидатот потврди дека свесно и
доброволно прифаќа да го прими совршениот ангелски живот и дека со Божја помош
ќе извршува сè што е предвидено со монашкиот живот, митрополитот го пострижа и му
даде ново име Авакум, според светиот маченик Авакум Солунски.
На чинот на замонашување на монахот Авакум присуствуваа јеромонасите Григориј и Јосиф од манастирот во Калишта.
Потоа следеше ставање на: параман (знак на ангелскиот образ, на нетление и чистота и на земениот благ јарем Христов); крст околу вратот (знак на страдањето, понижувањето, плукањето и на сè она што Господ го претрпе за нас); подрасник (облека на веселие и духовна радост, за отфрлање на сè плотско, и постојано радување во Христа); кожен ремен (за умртвување на страстите на телото и за обновување на духот, за бодрост и внимателност, за запазување на Божјите заповеди); расо (риза на спасението и оклоп на правдата за да се оттргне од секоја неправда, и да биде мртов за секое зло дело, но жив за добри дела); камилавка (шлем на спасението и непосрамена надеж за да може да им се спротивстави на сите ѓаволски лукавства); пана (покривало на смирението и постојано послушание, за да ги одврати своите очи да не гледаат суета); сандали (за благовестење на мирот, за да биде брз и трудољубив во секое послушание и добро дело, а бавен во исполнување на својата волја); бројаница (меч духовен, којшто е зборот Божји и непрестајната молитва Исусова: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“); крст (штит на верата, за со него да ги гасне распалените стрели на лукавиот); запалена свеќа (за со својот чист и добродетелен живот да биде светлина на светот). На крајот следеше поздравување и честитање со зборовите: Како ти е името, брате? Нека ти е за радост на ангелите и пораз на демоните! По вечерната служба беше поставена трпеза, која ја подготвија побожни жени од Велес и од околината на манастирот.
По молитвите на пресвета Богородица, заштитничка и игуманија на сите манастири, и на светиот Авакум, Господ да ни даде уште монаси и монахињи, по чиишто молитви се одржува светот. Отче Авакум, спасувај се во монашки чин!
Поука, која архиерејот му ја кажува на новиот монах:
Гледај чедо, какви ветувања Му даваш на Владиката Христос;
зашто ангелите стојат невидливо запишувајќи го ова твое исповедање, за кое ќе
бидеш испитуван на второто доаѓање на нашиот Господ Исус Христос. Ти говорам за
совршениот живот, кој е сличен на Господовиот живот, сведочејќи ти што треба да
прифаќаш а што да избегнуваш, за да можеш да Му пристапиш и да Му служиш на
Господа: Ако сакаш да бидеш монах, пред сè очисти се од
секоја нечистотија на плотта и духот, извршувајќи ја светињата во страв Божји.
Стекни смиреномудрие, со кое ќе станеш наследник на вечните богатства; остави
го обичајот на животно превознесување; имај послушание кон сите; биди
безропотен кон секоја служба која ќе ти биде зададена; во молитвите били
трпелив; на бденијата не биди мрзлив, во искушенијата не тагувај; во постите не
омалаксувај; знај дека, со постот и молитвата треба да Го измолиш Бога. Во
немоќите не станувај малодушен; подзамисли се за лукавите помисли, да не го
слушаш врагот, кои ти предлага спомени од твојот поранешен световен живот, и
омраза кон добродетелниот живот. Треба да знаеш, ти кој го започнуваш патот што
води кон Небесното Царство, дека ако се вратиш назад ќе го изгубиш царството.
Ништо да не претпочиташ повеќе од Бога: да не сакаш татко, ни мајка, ни браќа,
ни сестри, ни било кој од своите блиски, ниту себеси да се сакаш повеќе од
Бога, ниту царствата од овој свет, ни удобност ни почест. Не бегај од
сиромаштијата, туку во неа да пребиваш до самата смрт; ништо да не те спречува
да одиш по Христа: ни напади и навреди од луѓето, туку секогаш гледај кон
богатствата што им се ветени на оние кои живеат побожно, и постојано мисли на
древните маченици и преподобни, кои со многу пот и труд, и со безбројни капки
крв и страдања сето ова го стекнаа. Над сето ова, секогаш во својот ум имај ги
спасителните страдања и животворната смрт на Господа нашиот Исус Христос,
коишто ги претрпе доброволно заради нашето спасение, та и ти сите неволји од
монашкиот живот и притеснувања послатко да ги претрпиш заради Него. Биди
трезвен во сè, претрпи зло како добрар воин Христов: зашто
Самиот Господ и Бог наш, како богат во милоста, заради нас осиромаши, за ние да
се обогатиме со Неговото Царство. Зашто и нам ни приличи да бидеме Негови
подражатели, и заради Него сè да претрпиме,
преуспевајќи во заповедите Негови ден и ноќ. Зашто самиот Господ рече: ако
некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст, и
нека оди по Мене; што значи секогаш да бидеш спремен до смртта, за исполнување
на Неговите заповеди; зашто ќе гладуваш и ќе жеднееш; ќе поднесуваш досада и
напади; навреди и гонења, и од други маки ќе бидеш натоварен, со кои се
одликува побожниот живот. Кога ќе пострадаш од сето ова, радувај се, вели
Господ, зашто голема е наградата на небесата; Нему нека Ме е слава во векови,
амин.
Свети Авакум Солунски (+1628)
7/20 август За животот на овој македонски светител нема многу податоци, само се знае дека пострадал заради верата во Христа во Солун, во 1628 година, во времето кога агарјаните навлегле длабоко на Балканот и насилно го потурчувале христијанското население. Неговиот свет спомен се слави на 7/20 август. |
< Претходно | Следно > |
---|