Излагање по повод јубилеите |
12.05.2008. | |
Празнично слово на Митрополитот Повардарски г. Агатангел на Духовната Академија
Ваше блаженство, Ваши Високипреосвештенства, Ваше Преосвештенство, почитувани градоначалници на Општините низ Повардарската епархија, почитувани преставници на политичките партии од Р. Македонија, почитувани преставници од државните институции и медиумите, чесни оци, драги браќа и сестри Македонци, Македонки и Македончиња
Собирајќи се во оваа пригода околу престолот Божји во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон” во Велес, ние како православни Македонци добиваме одлична можност да се потсетиме, а воедно и повторно да учествуваме преку благодарење и благоговејност во неколку славни моменти од свештената историја на нашата духовна мајка и закрилница - Македонската православна црква. Смислата на сеќавање и одбележување на некои јубилеи се состои пред сé во реална историска реконструкција на
настаните од минатото, а преку изразување восхит и почит кон слученото и сопствено себепреиспитување за
личниот напредок и духовен развој иницирани од она што пред одреден број години се случило. Токму заради тоа и го создал возвишениот Бог
времето и неговото мерење, за повторно и повторно, пак и пак, да се нурнуваме и правилно да го разбереме минатото и неговата вистинска смисла и потоа наоружани со сознанијата и искуството на нашите претци да грабиме сигурно кон иднината, но и да оставаме дел од себеси и сопственото знаење, како базична инспирација и вдахновение за идните генерации, за нашите директни потомци.
Искрено и со целото свое битие длабоко Му благодариме на Бога и на Неговата света промисла што ни го подари блажениот Архиепископ г.г. Доситеј - роден Македонец, кој од 4 до 6 октомври 1958 година, во Охрид го собра своето напатено македонско стадо и го свика ИИ Црковно-народен собор, на кој преку обновувањето на Охридската архиепископија како Македонска православна црква и со донесувањето на првиот Устав, по кој таа ќе се раководи, беше фрлено божественото семе за идно автохтоно и автокефално црковно живеење и преуспевање на македонскиот православен човек. Денес, по поминати 50 години, разгледувајќи, а воедно и анализирајќи ги плодовите на оваа храбра историска одлука на нашите непосредни претци, со сигурност можеме да кажеме дека духовното семе паднало на добра почва и тоа дало и сé уште дава добар и корисен плод.
МПЦ денес, за разлика од тогаш, е организирана во
десет епархии, таа има сопствена православна богословија и богословски факултет од каде произлегуваат идните свештеници, проповедници и
учители. Во овој полувековен период таа успеа да возобнови и изгради стотици духовни светилишта, кои се соборно место и духовни работилници за
изградба и калење на македонските православни личности, а со реконструкцијата на древните манастири овозможи во нив да се обнови православното монаштво, кое негувајќи ја древната македонска монашка традиција, базирана врз Христовото евангелие и неговите начела, стана спасоносна станица и поттик за духовна обнова и развој на младите македонски чеда. За време на овие 50 години, македонските цркви и манастири од споменици од далечното минато, со Божја помош и заштита, станаа вистински расад на автентичната македонска култура и современото христијанско живеење. Одбележувајќи го 50 годишниот јубилеј од обновата на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, нема да биде претерано ако кажеме дека македонската црква е со најголем напредок на духовен план, споредено со сестринските соседни православни цркви, зашто таа мораше, за разлика од нив, повеќе да се потруди, бидејќи од темел требаше да ги гради религиозните и националните чувства во Македонија, кои за волја на вистината со векови беа поткопувани од страна на лицемерните поробувачи.
Дванаесет години по овој Величенствен настан, во 1970 година САС на МПЦ донесува одлука (син. Бр. 326/70) за формирање и именување на две нови митрополии на Македонската православна црква. Овие две митрополии ќе го носат името Велешко-повардарска и Полошко-кумановска, а по 7 години од оваа одлука на 17-18. 11. 1977 година од страна на САС на МПЦ е донесена одлука (син. Бр. 85/77) за формирање на Повардарската епархија како посебна епархија, која со својата работа официјално ќе започне од 01. 01. 1978 година. За прв митрополит на Повардарската епархиија е избран и назначен Епископот велички Гаврил, кој како роден велешанец и поранешен парохиски свештеник од овој град и предходно има оставено и остварено капитални дела со непроценливи вредности за македонскиот народ од повардарскиот регион. Митрополитот Гаврил Милошев со преводот на Новиот завет, а подоцна и на целата Библија на македонски јазик, потоа со организирањето и
активното учество во формирањето на
православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски” во Скопје и со останатите негови дела, спојувајќи ја духовната и научната дејност во едно, се вбројува во еден од најголемите духовни великани на поновата македонска историја. Активно работејќи во духовното организирање на
новата Повардарска епархија, преку осветување и реконструкција на
црквите и манастирите во повардарието, со голема мудрост и баланс со тогашната власт во Р. Македонија, дедо Гаврил во деветгодишниот период од неговото пастирствување, накитен со својата скромност и светителска кротост ќе успее во Повардарската епархија да го зацврсти и втемели духовниот живот на Македонците од овие краишта, а на Македонската православна црква, и покрај неповолните политички прилики од тоа време, да им остави во наследство бројни пријатели и подржувачи. Делата на овој духовен великан тешко дека ќе можеме достојно да ги оцениме ние денешните генерации Македонци. Реално кажано, ќе треба да помине повеќе време од сега за да сфатиме дека покрај себе сме имале духовен горостас, рамен на нашите славни преродбеници. По поминати девет години на Повардарскиот митрополитски трон Митрополитот Гаврил Милошев на 04. 10. 1986 година е избран за Архиепископ на
МПЦ, каде и понатаму воден од Божјата рака активно ќе придонесува за духовниот развој на македонскиот православен народ.
Веднаш по Митрополитот Гаврил раководењето на Повардарската епархија му е доделено на Митрополитот Михаил Гогов, кој со својата горешта и силна проповед успеа уште како протоереј мнозина да приведе кон царството Божјо. Овој исклучително надарен човек управуваше со Повардарската епархија од 01. 01. 1989 г. до 04. 12. 1993 година, за веднаш потоа и него, како и Митрополитот Гаврил, Божјата промисла да го приведе кон тронот на Охридските архиепископи, каде и го доживува своето блажено упокојување.
По заминувањето на Митрополитот Михаил од тронот на Повардарската епархија САС на МПЦ во два различни временски периоди носи одлуки со кои Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј се поставува за администратор на Повардарската епархија во периодот од 01. 01. 1994 г. па до 31. 01. 2000 г.
и повторно од јули 2002 г. до 01. 10. 2006 година. Раководењето на Митрополитот Тимотеј се совпаѓа со еден од најтешките периоди од историскиот живот на Повардарската епархија. Тоа е време кога со помош и организација одстрана се направи безумен обид за омаловажување на
сé што
е сработено на духовен план во изминативе десетлетија и
погазување на сé што е македонско. Болните последици од овој трагичен период сé уште ги чувствуваме на
своите плеќи и како Македонска православна црква, но и како македонски народ и држава. Голема е заслугата на Митрополитот Тимотеј кој во овој период, особено за време на своето второ администрирање со Повардарската епархија успеа да го стабилизира духовниот живот во Епархијата, но и да ги залечи отворените рани, предизвикани од самоволието и алчноста на еден човек.
За успешна и плодородна дејност за време на раководењето на Митрополитите Гаврил, Михаил и Тимотеј со Повардарската епархија од голема полза и помош за целото ова време им беше целото свештенство и верниот македонски православен народ, а во контекст на претходнореченото би сакале на ова место да го спомнеме протоереј-ставрофорот Стојко Ристевски, кој како секретар од самото формирање на Повардарската епархија, сецело, со духовен вознес, беше оддаден на уредувањето на црквите и манастирите во Епархијата и при изградбата на Епархиската зграда. Тој многупати на своите плеќи го носеше целиот товар за благолепието и благосостојбата во Епархијата, за што од длабочината на мојата душа, заедно со целата патства што ми ја додели Бог, би сакал да му кажам едно големо благодарам.
Драги браќа и сестри!
Ние, како Повардарска епархија сигурен сум дека нема да престанеме литургиски да се сеќаваме на добрините оставени и остварени од нашите големи претходници, па користејќи ги нивните непроценливи и
вредни дела како добар темел, да ја градиме Црквата македонска насекаде во православните средини од Повардарието.
На крајот би сакал во овој пригоден момент длабоко да им се заблагодарам на сите оние кои со било каква добрина, совет, добар збор или благонаклона подршка помогнале и помагаат за благолепието на Повардарската епархија. Се надевам дека овие нивни дела ќе бидат прифатени од добриот и благ Бог како што Господ Исус Христос ја прифати лептата на вдовицата. Повардарската православна епархија постоела и ќе постои заради својот македонски православен народ и за изградување на неговата духовна величина и убавина.
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин
На многаја лета...
МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ
†АГАТАНГЕЛ (СТАНКОВСКИ)
|
< Претходно | Следно > |
---|